-САД се залагаат за стабилна и безбедна Југоисточна Европа, а Македонија е клучен фактор во регионот за постигнување на таа цел, порача Саливан.
Тој искажа пофалби за премиерот Заев и за шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и за пратениците кои ги поддржаа уставните измени. Ги повика и другите парламентарци да дадат поддршка и да ги тргнат настрана теснопартиските цели и да ги следат националните интереси.
– Вашите гласови ја ставија вашата земја на патотот на сигурна и просперитетна иднина. Како продолжува процесот во Собранието ги поттикнуваме повеќе пратенции да ги остават на страна партиските интереси и да останат фокусирани на заедничките стратешки цели. Нема друга алтернитава, надежите за посветла иднина за вашата земја ви се на дофат, истакна Саливан.
Премиерот Заев оцени дека посетата на заменик државниот секретар е уште еден доказ за постојаната и континуирана поддршка на САД на Република Македонија.
Заев нагласи дека главните стратешки цели на Македонија остануваат членство во ЕУ и НАТО. Порача дека Македонија е посветена на регионалната соработка и се залага за силен и стабилен Балкан со поддршка на ЕУ и САД.
– Во Република Македонија создаваме услови за политички амбиент што ќе ја овозможи реализацијата на Договорот од Преспа во целост и дека ризиците ги сведуваме на минимум, а успешната завршница во Собранието е нашиот билет да влеземе во НАТО, рече Заев.
Тој додаде дека Владата останува посветени на реформите за да се испорачаат кредибилни резултати и да се потврди одлуката за отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров, имаше средба со заменикот државен секретар на САД, Саливан кој престојува во работна посета на Република Македонија. На средбата беа потврдени партнерските односи меѓу двете земји и натамошната силна поддршка на САД за евроатлантските перспективи на Република Македонија.
Димитров се осврна на актуелната, завршна фаза од процесот на имплементација на Договорот од Преспа и предизвиците на тој пат, нагласувајќи дека „неговото успешно спроведување ќе ја потврди одлучноста на Македонија да биде стабилен, предвидлив и партнер способен самостојно да се справува со предизвиците“.
Димитров, според соопштението на МНР, додаде дека покрај конструктивниот пристап кон соседите, Република Македонија, изминатиов период, вложува силни напори да прерасне во вистинска европска демократија, преку реформи за градење одговорни институции, слободни медиуми и владеење на правото.
Саливан истакна дека целта на неговата посета е да ја реафирмира американската поддршка на историскиот пат на интеграцијата на Република Македонија кон ЕУ и НАТО. Тој ја поздрави храброста и одлучноста при решавањето на спорот околу името со Грција, како и конструктивниот пристап во односите со сите соседи, изразувајќи увереност дека Република Македонија набргу и заслужено, ќе стане следна нова членка на НАТО.