Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ја повика нацијата на единство за надминување на поделбите за Брегзит, кои ја поделија земјата.
– Ќе се обединиме… ќе се собереме сите од неверојатната Велика Британија – Англија, Шкотска, Велс, Северна Ирска заедно ќе одиме напред, ослободувајќи го потенцијалот од целата земја, истакна Џонсон.
Тој додаде дека сака да разговара и со тие кои не гласале за конзервативците и со тие кои сакале или можеби се уште сакаат да останат во Европска Унија.
– Сакам да знаете дека ние во оваа конзервативна влада никогаш нема да ги занемариме вашето добро и позитивните чувства на топлина и сочувство со европските народи, посочи Џонсон.
Тој истакна и дека сака ново партнерство со ЕУ.
Џонсон наведе дека ќе формира нова влада и оти в понеделник ќе биде конституиран и новиот парламент.
Според официјалните резултати од вчерашните вонредни парламентарни избори Конзервативната партија на Борис Џонсон освои 365 пратенички места. Додека Лабуристичката партија освои 203, Шкотската национална партија 48, а Либералните демократи 11 пратеници.
Тоа е убедлива победа на конзервативците односно нивни четврти најдобар резултат од 1935 година, односно повеќе мандати освоија на изборите во 1983 и 1987 година, кога партијата ја водеше Маргарет Тачер, и во 1959 година во времето на Харолд Макмилан. Додека опозициските лабуристи забележаа најлош резултат од 1935 година.
На претходните избори, исто така вонредни, одржани во јуни 2017 година, конзервативците освоија 317 мандати, а лабуристите 262.
Одличен резултат забележа и Шкотската национална партија (СНП) на Никола Старџон кој ќе има 48 пратеници, 13 повеќе од досега.
Либералните демократи ќе имаат 11 пратеници, северноирската Демократска унионистичка партија осум, левичарската партија на ирските републиканци Шин фејн седум, а велшките националисти (Плејд Камри) четири.
Во Парламентот влезе и Социјалдемократската и работничка партија која ќе има два пратеници, како и Зелените и северноирската партија Алијанса кои ќе имаат по еден член на Парламентот.
Неодамна формираната Партија за Брегзит на Најџела Фараж ќе останенадвор од Парламентот затоа што не успеа да победи ниту во една од 650 изборни единици. Нејзините кандидати не учествуваа во повеќе од 300 изборни единици кои се сметаат за упориште на конзервативците, за да се избегне раситнување на гласовите на приврзаниците на Брегзит.
Џонсон после убедливата победа вети дека неговата влада ќе го спроведе Брегзит во предвидениот рок, до 31 јануари.
После најлошиот резултат на лабуристите во последните 84 години, Корбин најави дека нема да ја предводи партијата на наредните избори, но е наведе кога ќе поднесе оставка, велејќи дека ќе остане на чело на партијата додека таа не ги разгледа изборните резултати и идната политика.
Лидерката на СНП Старџон пораба од Џонсона да и овозможи на Шкотска да одржи нов референдум за независност на Шкотска од Велика Британија.
Оставка денеска поднесе претседателката на Либералните демократи Џо Свинсон, откако го изгуби пратеничкото место со пораз во својата изборна единица од кандидатката на Шкотската национална партија.