Велика Британија нема да се двоуми да ги заостри санкциите кон Москва, а доколку Русија ја нападне Украина, ќе се обиде и да придонесе за распоредувањето на силите на НАТО, изјави ден еска британскиот премиер Борис Џонсон.

Британските медиуми пренесуваат дека Џоносн денеска ги повика европските сојузници да бидат подготвени да воведат пакет остри санкции кон Русија доколку оваа земја ја нападне Украина и додаде дека само единството на Западот ќе помогне да се одврати руската агресија.

-Апсолутно е важно западните земји сега да бидат обединети, бидејќи нашето единство ќе биде многу поефикасно за одвраќање на каква било руска агресија, изјави премиерот Џонсон пред пратениците во британскиот Парламент.

Сојузниците од НАТО вчера соопштија дека ги кренале своите армии ги ставиле во состојба на подготвеност, и дека ќе испратат дополнителни бродови и борбени авиони во нивните бази во Источна Европа, зајакнувајќи ги силите и одбраната, што Русија го оцени како западна „хистерија“.

-Ние во Обединетото Кралство нема да се двоумиме да ги заостриме нашите национални санкции кон Русија како одговор на сè што може да направи претседателот Владимир Путин, рече Џонсон.

Тој додаде дека Велика Британија ќе се обиде да придонесе за секое ново распоредување на силите на НАТО со цел да ги заштити своите сојузници во Европа во случај Русија да ја нападне Украина.

Тој исто така рече дека ако целта на Путин е да ги држи силите на НАТО подалеку од руските граници, тогаш „инвазијата на Украина би била контрапродуктивна“.