Европа не може да престане да користи нафта и гас преку ноќ, изјави британскиот премиер Борис Џонсон на денешната заедничка прес-конференција со канадскиот премиер Џастин Трудо и холандскиот премиер Марк Руте во Лондон.
– Постојат различни зависности во различни земји и тоа мора да го имаме на ум. Не можете само да престанете да користите нафта и гас преку ноќ, дури ни од Русија, рече тој.
– Во Обединетото Кралство, можеме да го направиме тоа брзо, додаде тој, истакнувајќи дека сите треба да се погрижат да одат во иста насока.
– Ќе го направиме тоа заедно – така што сите ги имаме потребните замени и резерви, додаде британскиот премиер.
Руте се согласи дека многу делови од Европа сè уште зависат од руски енергенси и повика секоја забрана да се воведува „внимателно“.
Од друга страна, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е подготвена да воведе забрана за увоз на руска нафта во САД без сојузници во Европа, изјавија два извори запознаени со ова прашање по руската инвазија врз Украина.
Бајден денеска треба да одржи видео-конференција со лидерите на Франција, Германија и Велика Британија во обид да ја обезбеди нивната поддршка за забрана на увоз од Русија.