Поранешниот шеф на британската дипломатија Борис Џонсон во авторски текст објавен во денешниот број „Дејли Телеграф“ наведува дека Велика Британија не смее да се согласи на трајна царинска унија со ЕУ.
Според Џонсон, воспоставувањето на царинска унија меѓу Велика Британија и ЕУ, како што предложи лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, Џереми Корбин, би ја „поробило“ земјата.
– Не смееме да се согласиме да бидеме членка на ЕУ без право на глас, врз основа на капитулацијата што ја предложи Џереми Корбин. Тоа не може, не смее и нема да се случи, наведува Џонсон во текстот.
Ваквиот став на Џонсон доаѓа во време на зачестени шпекулации дека Владата на британската премиерка Тереза Меј би можела да предложи воспоставување царинска унија меѓу Велика Британија и ЕУ по Брегзит, со цел да обезбеди поддршка од опозициските лабуристи за усвојување на Договорот за британското истапување од Унијата од страна на Парламентот во Лондон.
Меј со обидува да обезбеди усвојување во Долниот дом на Парламентот на Договорот што нејзината Влада го постигна со Брисел лани во ноември, со цел да избегне Брегзит без договор на 12 април.