Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека е загрижен за судбината на принцезата Латифа, една од ќерките на владетелот на Дубаи, и рече дека овој случај ќе биде во центарот на вниманието.
– Тоа е нешто за што очигледно сме загрижени, но Комисијата за човекови права на ОН го разгледува тоа. Мислам дека ќе почекаме и ќе видиме како ќе напредуваат. Ќе внимаваме на тоа, изјави Џонсон.
Обединетите нации денеска соопштија дека ќе го покренат прашањето за апсење на принцезата Латифа, ќерка на владетелот на Дубаи, пред властите на Обединетите Арапски Емирати.
Принцезата Латифа го обвини својот татко дека ја држи во заробеништво во Дубаи од 2018 година, кога се обиде да избега од градот, а во тајно снимено видео откри дека се плаши за својот живот, пренесува Би-Би-Си.
Поради тоа видео, беа испратени повици од целиот свет до Обединетите нации да го испитаат случајот.
Од Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ООН одговорија на повиците, кои бараат одговори за принцезата Латифа од Обединетите Арапски Емирати, и наведуваат дека истрагата ќе започне откако ќе се анализира видеото уште еднаш.
Таткото на принцезата Латифа, шеикот Мохамед бин Рашид ел Мактум, е еден од најбогатите шефови на држави во светот, владетел на Дубаи и потпретседател на ОАЕ.