Соединетите Американски Држави поднесоа жалба против одбивањето основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, да биде екстрадиран од Велика Британија.

Неговата одбрана побара од судот да обезбеди дополнително време за одговор, соопшти движењето „Не го екстрадирајте Асанж“.

  На 4 јануари, судијката Ванеса Барејцер одби да го испорача Асанж на американските власти, а американските адвокати рекоа дека ќе поднесат жалба на одлуката.

Обвинителството на САД минатата недела ги достави своите аргументи пред судот, оспорувајќи ја одлуката на судот дека екстрадицијата на Асанж во САД е небезбедна и многу веројатно ќе доведе до смрт на обвинетиот.

Асанж, кој беше обвинет за сексуално вознемирување и силување во Шведска во 2010 година, престојуваше во амбасадата на Еквадор во Лондон од јуни 2012 година, стравувајќи од екстрадиција. Утрото на 11 април 2019 година беше приведен на барање на САД. Оттогаш, Асанж се наоѓа во затвор со максимално обезбедување во Белмарш.

Сослушувањето за екстрадиција започна на 2 мај 2019 година. Набргу потоа, американските власти објавија дека поднеле нови 17 обвиненија против Асанж за кршење на законите за шпионажа и откривање класифицирани информации. Доколку биде екстрадиран во САД, Асанж може да биде осуден на 175 години затвор.