Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – јуни 2019 година, изнесува 194.235.989.000 денари и бележи пораст од 14.1 отсто во однос на истиот период од претходната година.
Вредноста на увезената стока, пак, изнесува 251.236.685.000 денари, што е за 11.2 отсто повеќе од првото полугодие лани, соопшти Државниот завод за статистика.
Покриеноста на увозот со извоз е 77.3 отсто, а трговскиот дефицит изнесува 57.000.696.000 денари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Во периодот јануари – јуни 2019 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.