Конкурсот за избор на реонски попишувачи и инструктори за претстојниот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021, ќе биде објавен на 20 јули и ќе трае до 5 август, информираа денеска од Државниот завод за статистика.
Државниот завод за статистика ги интензивира организациските подготовки за претстојниот Попис 2021 кој ќе се спроведе од 5 до 30 септември.
– Со цел навремено да се изберат потребните реонски попишувачи и инструктори и да се остави доволно време за нивна обука, ДЗС го објавува Конкурсот со кој ќе се бараат 5 055 реонски попишувачи и 508 реонски инструктори за 50-те пописни реони. Условите се: кандидатите да се полнолетни државјани на РС Македонија, да не се вработени, да имаат завршено најмалку средно образование и да поседуваат компјутерски вештини. Пријавувањето ќе се врши преку веб-апликацијата која ќе биде поставена нa веб-страницата Popis2021.stat.gov.mk, a документите ќе се доставуваат по пошта до Државниот завод за статистика, или кандидатите ќе можат да ги донесат на денот на закажаното тестирање во комисиите на пописните реони, се вели во соопштението од ДЗС.
Од ДЗС ги повикуваат сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите, да се пријават на конкурсот и да дадат свој придонес во успешното спроведување на оваа најголема статистичка акција.