Бројот на работници во индустријата во јануари годинава е помал за 3,2 отсто во споредба со јануари 2019 година.
Тоа се случува во период во кој секојдневно јавноста е бомбардирана со бројки со десетици илјади нови вработувања, од партиски функционери на владејачката партија, но и од министри во Владата. Последниот број на новработени стигна до 60.000 и „рекордно ниска“ невработеност.
Каде се вработува олкава армија невработени, кога големи фабрики не се отвораат, а неодамна беше затворена и една од најголемните каков што беше текстилниот гигант „Тетекс“ од Тетово.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен бележи опаѓање од 1,3 отсто, во секторот Преработувачка индустрија има опаѓање од 3,5, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 0,6 отсто.
Според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата има опаѓање кај Енергија за 0,9 проценти, Интермедијарни производи, освен енергија за 3,2, Tрајни производи за широка потрошувачка за 6,8 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,4 проценти, додека пораст има кај Капитални производи за 1,5 отсто.
Стапката на невработеност намалена на 16,6 отсто
Стапката на невработеност во четвртиот квартал лани изнесува 16,6 отсто и е намалена во однос на третиот квартал, кога изнесуваше 17,1 отсто. Стапката на активност во последното тримесечие од минатата година е 57,5, а стапката на вработеност 47,9, објави денеска Државниот завод за статистика.
Во четвртиот квартал годинава активното население во државава изнесува 968 604 лица, од кои вработени се 807 362, а 161 242 лица се невработени.
Од невработените лица, 33.508 се со високо образование, 71.914 со средно четиригодишно образование, 12 931 со средно тригодишно, а со основно образование се 34.869 лица.
Податоците покажуваат дека најголем вработувач е преработувачката индустрија каде се вработени 161007 лица.