Мостот на Западна Морава, кој ги поврзува чачачките села Мрчајевци, Мршинци и Слатина, рано утрово беше целосно уништен од поројните дождови и обилните врнежи од дожд кои го зафатија Чачак и околината.

Моментот на уривањето на мостот го снимил Немања Богосављевиќ, кој видел кога се скршиле столбовите и спречил поголема несреќа запирајќи автобус кој сакал да помине преку мостот.

Во моментот на уривањето, на мостот немало никој, а мостот веќе бил оштетен од поплавите и сообраќајот преку него бил забранет. Одлуката за прекин на сообраќајот на овој мост е донесена на 7 ноември 2022 година. Мештаните сепак го користеа тој мост бидејќи е најкратката врска меѓу селата, а алтернативната траса е долга 40 километри.

Немања Богосављевиќ утрово околу 6:20 излегол да види што се случува со нивото на Морава, дали ги поплавила нивите, а потоа отишол да види во каква состојба е мостот, бидејќи е оштетен.

„Синоќа во 22 часот мостот се држеше перфектно, немаше поголеми проблеми, освен дрвото што го држеше столбот, утрово кога дојдов, во 6 часот и 20 минути видов дека се скршил столбот. Морав да се вратам во куќата, во истиот момент повикав полиција, реков дека мостот ќе се урне затоа што се скршиле столбовите“, изјави Немања.

Како што истакна, по 7-8 минути се вратил на Морава и наишол на неколку автобуси, возила со турски работници кои работеле на Моравскиот коридор, кои сакале да го поминат мостот. Тој вели дека се обидувал да ги претекне и да ги спречи да го преминат мостот.

„Успеав некаде да го блокирам преминот на автобусот на мостот. Во тој момент, по околу половина минута дојде полиција и успеавме да спречиме голема катастрофа“, рекол Немања, кој потоа се симнал и ја насочил камерата кон мостот токму во моментот кога мостот се урнал.