Премиерот на Албанија Еди Рама изјави вчера во Виена дека никој не сака „Голема Албанија“, но кога некој постојано вика „волк, волк…“, може и да го довикне.
Рама, како што објавуваат повеќе медиуми, на презентацијата на книгата „Новата држава – модерен државник Хашим Тачи“ во Виена, рече дека е време сите да сфатат дека не постои никаков друг план на Албанците освен тоа Албанија и Косово да влезат во ЕУ.
– Не познавам никој и меѓу најголемитенационалисти дека заговарал „голема Албанија“. Тоа е користено како оправдување за етничко чистење, тврди Рама.
Тој изрази задоволство за тоа што гледал позитивен развој на односите меѓу Албанија и Србија.
– Ние имаме добри односи со Србија, а Косово не толку добри, но тоа е нормално, рече Рама.
Рама, исто така, тврди дека дека Косово станало сигурно место за живеење на Србите.
Кога станува збор за ЕУ, од каде Албанија бара отворање на преговори, Рама рече дека не се заканува повеќе отколку што тоа го прави претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.
– Никогаш не сум рекол дека мора да се интегрира западен Балкан во ЕУ оти во спротивно може да дојде до нова војна. Мислам дека тоа е малку претерано, но неопходна е европска перспектива за нашиот регион, рече Рама.
Во Дипломатската академија во Виена, во организација на Австрискиот институт за европска и безбедносна политика и Институтот на дунавскиот регион и централна Европа, вчера беше претставена книгата на актуелниот косовски претседател Хашим Тачи.