Единствен манастир што им е посветен на сите светии во Македонија е Си Свети (Сите Светии) во селото Лешани во областа Долна Дебрца, Охридско.

До него се доаѓа по магистралниот пат Охрид – Кичево – Скопје, од кој на 23 км. кај селото Ботун се свртува в десно и се оди по асфалтниот пат Ботун – Белчишта – Лешани (7 км).

Манастирот Си Свети доминира во Долна Дебрца. Подигнат е на висорамнина, на едно плато од огранокот Долни Осој од планинскиот венец Мазатар на Плаќенска Планина. Од него се пружа прекрасна панорама на Долна Дебрца, но и од каде да се погледа окото запира на манастирот Си Свети.

Од него е поле, а над него густа дабова и габерова гора. Местоположбата на манастирот Си Свети е земен рај, место за молитва, уживање и душевен спокој, неговата чешма и широките сенки ја ладат душата, а мирисот на шумата и планинскисте цвеќиња од околните лединки опојуваат.

Манастирот Си Свети како што покажува и името им е посветен на сите светии кои се наши молитвеници пред престолот на Севишниот.

Со решение бр. 159 од 2 декември 1953 година на Централниот завод за заштита на културно-историските споменици и реткости на Македонија манастрирот Си Свети е прогласен за историско-културен споменик на Македонија, бидејќи се смета за значаен стар храм.

Точни податоци за тоа кога е подигната манастирската еднокорабна црква посветена на сите светии нема. Досега во науката за точно се земаше податокот презентиран од рускиот научник Виктор Григорович, кој во пролетта 1845 година го посетил манастирот и една ноќ преноќил во него.

Тој во својата книга „Очерк путешествија по европејској Турции“ (Москва 1877) пишува дека манастирот бил доста сиромашен и дека во него имало само еден калуѓер со послужник. Тој цитира и еден запис од манастирот во кој се споменува годината 1452.

Ние во монографијата „Лешани“ ја изнесовме хипотезата дека манастирот Си Свети постоел уште во времето на цар Самоил, односно од времето кога егзистирал и градот Белград на денешниорт локалитет Црква – Бело Гумно на синорот од селото Ново Село.

Според пишувањето на М. С. Милојевиќ од Белград по падините на Габер до кај селата Велмеј и Лешани имало 30 до 40 цркви и манастрири во кои веројатно бил и манастирот Си Свети. Во прилог на тоа зборува и податокот дека напишаниот Пролог во 1211 година во црквата Света Богородица во местото Белград се нарекува Пролог дебрчки или лешански, секако зашто бил најден во манасриеот Си Свети.

Според книгата „Манастирот Си Свети (Сите Светии) од д-р Стојан Ристески, Охрид 2007 година (Подготви: Марко Китевски)