Ова е единствената репортажа на македонска новинарска екипа од селото Баница во кое загинува Гоце Делчев. Автор е Искра Коровешовска, сегашен главен уредник на ТВ Алфа. Направена е и објавена пред неколку години во весникот „Дневник“, кога главен уредник на весникот беше Дарко Јаневски. Неочекувано, таа репортажа ни го откри и точното место каде во Баница, по убиството, бил закопан Гоце, на врвот на ридот под едно дрво кое и тогаш постоеше или барем така тврдеше водачот, како и фактот дека најверојатно, дел од неговите коски се уште почиваат таму, а во саркофагот во скопската црква св. Спас се само дел од нив. Како и да е, останува дека ова е прва екипа во историјата на Македонија која го извела ова и влегла во Баница шетајќи се низ сокаците и остатоците од куќите низ кои ги Гоце ги минал последните часови и минути. За жал, репортажата е без оттаму снимените фотографии, но е актуелна во овие денови кога власта на Заев го распродава војводата. Иако е веќе објавена и на странициите на Денешен.мк, ја реобјавуваме за да покажеме дека и ова е еден од начините да се одбрани Делчев и тоа посериозен, освен удирањето в гради…

„Дедо Никола, ќе земеш уште утре рано да направиш еден сандак во кој ќе ги ставиш коските на Гоце, но ќе имаш во предвид да се соберат и другите коски, кои останаа во гробот. И кога Господ спие – ќе ги пренесеш во црквата и ќе ги поставиш под самиот олтар. Змија јазикот твој да го  изеде, ако друг освен тебе дознае дека тоа се коските на Гоце Делчев…”

Ова е извадок од личното сведоштво на Михаил Чаков, соборецот на големиот македонски војвода, кој кобното рано утро пред зори на 4 мај 1903 година (21 април според стариот календар) бил заедно со Делчев сред обрачот на турскиот аскер во селото Баница. Ја буди љубопитноста да се допре подлабоко – до коренот на вистината за последните часови од животот на Делчев во Баница. Цитираниот аманет му го оставил Чаков на клисарот Никола Мутафчиев од црквата Св. Димитрија во селото, откако три години по загинувањето на Делчев, во 1906 година се вратил во кобното место.

Се вратил за да ги откопа коските на војводата, но не ги извадил сите. Малку од страв да не биде забележан од Турците, но пред се поради тоа што телото, пред се во пределот на градниот кош се уште не било изгниено. Затоа, дел од коските ги извадил како што му рекол Чаков, а останатите на кои се уште имало делови од телото, ги оставил во земјата со идеја еден ден да ги откопа. Дали тоа навистина го сторил или коските од градниот кош на Гоце и некои други делови од телото се уште почиваат во во селото, на неговиот највисок дел, онаму каде бил закопан?

Во Чаковите забелешки не е доволно јасно дали клисарот го исполнил аманетот до крај и ги откопал останатите коски, додека според други информации, дедо Никола ја завршил работата, а оваа тајна ја чувал до смрт: „Во 1908 година една ноќ, тој самиот отишол и одново го откопал гробот, ги собрал и остатокот од коските од градниот кош на Гоце, ги измил, ги потопил во шпиритус и ги ставил во сандакот„.

Дали тоа навистина го сторил? (по објавување на репортажата, се јави скопјанецот Ефтимов кој тврдеше дека при пренесување на коските во Скопје од Софија, тој лично се уверил дека во ковчегот нема доволно коски колку што би требало да има од едно човечко тело, што значи, Скопје не е единственото место каде почиваат останките на легендата на Македонија која сега ке стане бугарска, н.з). Впрочем, и дел од историските фотографии ја поткрепуваат дилемата: на една од нив, црно- бела од 3 мај 1943 година, се гледа голем мермерен крст поставен на местото каде било закопано телото. На крстот стои натписот „Тука почива Гоце Делчев- легендарниот борец за слободата на Македонија“. Се смета дека фотографијата е направена во Баница, на местото каде бил закопан Делчев во време кога во тој дел на Македонија, односно Грција, била бугарската окупациона власт.

Селото Баница, серско, е на неполни четири часа од Скопје со автомобил. „Звучи како неуспешна мисија, тоа село не постои“ не предомислуваа во Скопје некои историчари, но и дел од кои поттекнуваат од Егејска Македонија, а со години не успеале да стапнат на родните огништа. Сепак, остануваме на идејата да го откриеме место од кое Чаков и дедо Никола ги откопувале коските, односно да го откриеме првото почивалиште на војводата.

НАПУШТЕНА, НО НЕ И ЗАБОРАВЕНА

Патуваме кон Сер, на грчки Серес, таму треба да не пречека нашиот домаќин-43 годишен, Македонец по потекло. Тешко го говори тамошниот дијалект на македонскиот јазик, но доволно добро за да го почувстуваме неговото задоволство од идејата и топлината во гласот.

– Нема проблем. Тешко се стигнува до Баница, сами нема да најдете, затоа само кажете кога доаѓате, јас ќе ве однесам и се ќе ви раскажам, ни ветува по телефон, но уште тогаш не предупреди дека не сака да му се спомене името. Стандарден проблем за Грција на што веќе сме навикнале. „Имам проблеми со грчките власти и без тоа“ ни образложува. Подоцна дознаваме дека на неколку месеци доаѓа во Баница, ужива во дивата природа, чистиот воздух на околу 800 метри надморска височина, но и трпеливо шета низ некогашните селски патчиња надевајќи се дека можеби ќе пронајде нешто останато, што природата успеала да го сокрие од оние кои се погрижиле да биде уништено до темел. Не пречекува на главната улица во Сер – голем и модерен град, еден од седумте најпретставителни грчки градови после Атина, Солун и Лариса. Сончевото и топло време во априлската завршница е нашиот сојузник на патот кон Баница. Влегуваме во неговиот модерен автомобил и се упатуваме кон селото. Дваесетината километри северно од Сер навидум звучат како кратка релација, но условите на патот и планинските кривини прават да се чувствуваме како со часови да патуваме. Ниту еден автомобил не се разминува со нас, единствено од време на време среќаваме по некое стадо со овци и кози, или по некој коњ, но не и со луѓе.

– Уште во таа Баница селаните живееле од добитокот, но одгледувале и јаболка, компири, грав, ама правеле и преубаво вино, биле големи домаќини – гордо ни раскажува нашиот домаќин, додека гласот му трепери заради нерамниот и одвај прооден пат. Го прашуваме зошто надлежните не се погрижиле да го асфалтираат, оти истиот пат не води само до Баница, ами и до неколку стази за скијање што туристите ги користат во зима. Одмавнува со раката, сакајќи да појасни дека никому не му е грижа за патот кој инаку завршува во селото Долно Фраштани, или како што жителите си го викаат Долна Фрасна, населено само со Македонци. Уште малку останува до Баница. Нервозни сме заради неудобното возење, а домаќинот го забележува тоа па се труди да ни го одвлече вниманието. Вели тоа е селото Горно Броди, а веднаш ни паѓа на памет дека тоа е местото на Андреј Хрлев, човекот кој според Даме Груев е предавникот на Делчев, но и човекот кој, страшно чудно, организацијата го остава жив, иако ликвидирала десетина други кои ги сметале за виновни за предавството на Гоце. Оттаму кон Баница имало камен пат каде одморала четата на Делчев кога се спуштала надолу. Прикочуваме пред еден излитен знак. Домаќинот не упатува да свртиме лево – кон селото Орини, односно веќе споменатото – Фраштани. Знак за Баница или на грчки Кариес – нема. Па за оние љубопитни како нас, доколку некој не им покаже, ќе им требаат денови и денови за да откријат каде се наоѓало селото. Застануваме крај патот од каде Баница се гледа како на тацна.

ДУШАТА ЖИВЕЕ

Всушност, стоиме на местото од каде грчката војска во Втората балканска војна 1913 година го бомбардирала и запалила селото до темел. Селаните избегале во соседните  Фраштани, Крчово, Крушево и Ореовац. Инаку селото било палено претходно уште два пати, селаните се враќале желни одново да ја заживеат месноста. Последниот пат ударот бил најсилен, ама силните зидови и темели на куќите издржале, засекогаш да сведочат за животот и историските битки за опстанок. Во нив се уште дише Баница, таа на Гоце од 903-та.

– Ете ова е, ни вели соговорникот, ширејќи ги рацете сакајќи да ни објасни до каде се протега. Иако оттука – како пред нос – се гледа остатокот од селската камбанарија и највисокото место каде, според сведоштвата, Делчев бил закопан, нашиот водич не предупредува дека ова е само поглед одозгора. Вистинската раздалеченост меѓу овие две места е околу 25 минути пешачење, иако навидум изгледа како да се оддалечени само два чекора. Во тоа се уверивме и подоцна додека правевме обиколка. На неколку метри од влезот во селото, ја минуваме Баничка река преку мост изграден во поново време, додека непосредно до него се уште исправено и без никакво оштетување стои стариот мост, по кој некогаш селаните минувале до другата страна на реката. Сега е обраснат со треви и грмушки.

– Од горната десна страна имаше табла, некој историски податок но и таа ја откорнаа и однесоа, само да не остане нешто, ни вели соговорникот. Кој ја однесе, го прашуваме, но тој не сака да одговори. Само ни одмавнува со раката давајќи ни до знаење да не бидеме повеќе упорни и да инсистираме сите прашања да ни бидат одговорени. Се движиме натаму, повнатре, не можеме да утврдиме каде било средиштето на селото, каде младите се собирале, па се упатуваме кон камбанаријата висока околу 10 метри и црквата Св. Димитрија. Земјиштето околу, сега – остатокот од стариот храм, е заградено од грчката црква со ограда. Нашиот соговорник не знае дали можеби ќе се реставрира или заградувањето е направено со друга намера. Ниската бела порта на оградата не е заклучена, влегуваме во дворот, па одвај преку високите густи треви, стигнуваме до еден низок зид-што единствено останал од црквата. Наликува на дел од олтар на чија лева страна се оставени неколку црвени каранфили. Свежи се, веројатно некој пред кусо време минал оттука. Близу до нив, на самиот зид, отвораме една мала железна вратичка. Внатре во тесен простор во форма на квадрат има две икони на кои на грчки се испишани имињата на светците, но има и неколку шишиња со зејтин и мало кандилце- сите обвиткани во пајажина –  одамна оставени за здравје, од намерни минувачи или од некој од локалните села. Сакаме да оставиме некоја пара, но домаќинот не предупредува.

– Немојте, сигурно ќе ги украдат. Дури и денари да оставите некој ќе си ги земе и ако кај нас не поминуваат, вели гласно смеејќи се.

– Криза е, продолжува да се шегува, покажувајќи ни кон една дупка близу до зидот. Иако различните временски услови речиси ја затрупале и обраснале, сепак и за неа има приказна. Имено откако селото го доживеало последниот удар, тоа за крадците било мелем- од под урнатините да се собере затрупаното богатство.

– Само од оваа дупка било извадено старо злато и други затрупани работи, се фаќа за глава домаќинот. Уште многу време се задржуваме во заградениот двор, надевајќи се дека можеби ќе откриеме уште нешто. Така занесени, не забележуваме дека одеднаш го снемува. Застанат е на брегот на реката, замислен.

ГРОБОТ НА ДЕЛЧЕВ НА НАЈВИСОКИОТ РИД

Си го брише челото, но силното сонце – несвојствено за април – не го предомислува да побегне на сенка, трпеливо не чека за да ни открие уште нешто.

– Освен, црквата, и камбанаријата, во Баница преживеа и 340 години старата топола, покажува накај местото пред неговите нозе, каде до пред неколку години се наоѓало прастарото дрво. Таа била предвесник за промена на времето, според нејзиното „расположение“ селаните знаеле што да очекуваат од небото – сонце, дожд или снег. Но едно силно невреме успеало да ја кутне.

– Умре уште еден дел од душата на Баница, изустува тивко. Но брзо го менува сериозниот израз на лицето и почнува да раскажува за тоа како биле градени куќите и како живееле селаните. Од темелите и некои останати зидови точно се гледа како плански и домаќински биле градени.

– Во еден двор живееле неколку семејства со повеќе куќи, ги граделе околу дрво. Биле многу мудри: во лето да имаат дебела сенка, а в зима да си се близу и да си држат топло една на друга куќа, објаснува и со подигнати раменици додава оти не знае во која куќа точно се криел Гоце Делчев ноќта пред да биде убиен. Го преминуваме главниот пат, од другата страна е камбанаријата. Се искачуваме до неа по буквално недопрената природа и камењата од куќите останати како кога биле урнати. На шега коментираме дека сме лесна мета за змии. На врвот од камбанаријата стои натпис со името на градителот и годината кога е направена: Горги Диму Жиков 1883. На зидните камења однадвор има изрезбани грчки написи, но на дел од нив се забележуваат и кирилични букви. Не успеваме да дешифрираме ниту еден збор на избледените камења. Сепак времето си го направило своето, ама не ги збришало трагите. Исто како што годините на прабабата на нашиот водич не ја уништиле нејзината меморија, па му раскажала зошто гробот каде бил закопан Гоце е таму каде што е: на највисокото место во Баница.

– Она онде е највисоката точка во селото, покажува накај ридот пред нас, на чиј врв се издига дрво, речиси соголено. Одоздола, се добива впечаток како да ги пробива облаците. Се искачуваме. „Тука, Турците, наредиле Делчев да биде закопан. Да не биде со другите, подолу во селото, ами да биде високо, така знам од прабаба ми“, раскажува. Сега на ова место нема ништо друго освен дрвото. Стои осамено. По некој камен и трева, но никакво обележје, ниту знак дека овде почивале коските на големиот македонски војвода. На кратко сите замолчуваме. Секој од нас од лицето на другиот ја чита истата мисла: ова место е свето, Баница уште дише, токму од оваа точка. Гордо исправеното дрво, како да е симбол на војник – упорен и истраен во битката против непријателот: за Делчев- аскерот, а за ова дрво- бурите и невремето. Тоа останува да расте под препекот од сонцето, дождот, ветрот и снегот, а Делчев да живее во историјата, во темелите на Македонија, во сегашноста и иднината.

(по објавување на репортажата, се јави скопјанецот Ефтимов кој тврдеше дека при пренесување на коските во Скопје од Софија, тој лично се уверил дека во ковчегот нема доволно коски колку што би требало да има од едно човечко тело, што значи, Скопје не е единственото место каде почиваат останките на легендата на Македонија која сега ке стане бугарска, н.з)

ПОСЛЕДНИТЕ ЧАСОВИ НА ГОЦЕ

Ниту во сведоштвата на соборецот на Гоце, Чеков нема точен опис во која куќа во селото се криел Делчев, ами само дека биле во две куќи- една спроти друга. Додека Чеков со неговата чета и со таа на Димитар Гуштанов, одморале во Горнобродската курија, на 3 мај попладнето дошол курир од Баница и донел две писма од Сер- испратени од Лазар Димитров. Ги известил дека Отоманската банка во Солун е срамнета со земја, и дека деталите ќе ги слушнат од Делчев. Им порачал да заминат за Баница и таму да се сретнат со него.  Следниот ден на 4-ти мај, два часа пред стемнување стигнале во Баница и се разделиле во две куќи. Им било веднаш кажано дека Делчев е веќе стигнат.

– Добра вечер-добар ден момци, веќе ги помешавме денот и ноќта, им се обратил Делчев кога возбуден од среќа упаднал во куќата да ги информира за последната победа. „Момци, Отоманската Банка во Солун е крената во воздух, од неа ни трага не остана! Ги размрдавме анамите со широките шалвари во Солун, така ќе ја разнишаме целата турска, гнила империја од корен!“, им рекол Гоце. Чеков опишува како долго разговарале и правеле планови за следните чекори, одвреме на време со по некоја цигара. Легнале да се одморат еден и пол час пред зори.

-Само што задремав, слушам по скалите брзи и нервозни чекори. Тоа беше селскиот пољак Георги, ја бутна вратата и викна: Господине Чеков уништени ли сме?! Му враќам со прашање: Што е бе Георги?- Полно е, ми рече, полно е со турски аскер селото! Целото село е сардисано!, вика испаничено. Му реков да му пренесе на Делчев што побргу да бегаме, и да земеме она што останало од куќите оти живи ќе не сотрат. Трчам кон портата, а спроти неа е портата на куќата каде што беше Делчев. Побрзав преку сокачето и влегов кај нив. Тој помисли дека сум непријателот, па со пушката и ножот на неа ми се нафрли, а кога ме виде, се уплаши оти малку фалеше да ме утепа. Ми рече: добро што дојде, држи го левото крило на портата и викни им на другите да останат во таа куќа! Но, кога видовме дека аскерот прави пустош од куќа в куќа, Гоце рече: Чеков, ајде да фатиме преку селото – па како Бог даде! Излеговме и тргнавме по уличките. Среќа што беа тесни и скршнуваа меѓу куќите, па успеавме да стигнеме до крајот на селото. Последната куќа беше лево од нас. Се движиме низ полјаната, и на околу 35-40 чекори наидуваме на дрвца, околу 60-70 сантиметри високи. Двајцата одиме напред – од зад дрвата одеднаш излегоа Турците со пушките вперени во нас. Гоце кога ги виде, ја грабна својата и викна: Верата ви мрсна! Прв почна да пука. Сите легнавме на земја само Гоце стоеше право и ја полнеше пушката. Му викнав да легне. Но додека легнуваше еден куршум му помина низ левата страна од градите. Падна врз пушката. Прво мислев дека легна да се скрие, но кога проба да се подигне гледајќи накај другарите кои веќе бегаа кон куќите, успеа само да ги изусти последните зборови: Ах момци, рани… Никаков одговор. Засекогаш згасна јуначката природа, завршува Чеков.

КАКО ЧЕКОВ ГИ ПРОНАШОЛ ПОСМРТНИТЕ ОСТАНКИ

„Виновникот“ што посмртните останки се сега во срцето на слободна и независна Македонија, како што посакал Делчев- во Св. Спас во Скопје, е токму Чеков. Во неговите записи го објаснил начинот како ги открил и откопал.

–  Спроти Ѓурговден, во 1906 година, одлучив да го раскопам гробот каде што беа закопани двајцата, Делчев и Гоштанов. Ги закопаа селаните и тие точно знаеја како се наместени телата. На 22 април (5 мај според новиот календар) почнавме да раскопуваме, за среќа Турците не не гледаа. Штом длабоко раскопавме и стигнавме до труповите, оној на Гоштанов беше лево од Делчев и целосно распаднат. Многу се изненадивме кога видовме дека градниот кош не беше распаднат воопшто. Само рацете, нозете и черепот беа само коски. Ги собрав нив, а градите ги закопавме повторно и внимателно се вративме во селото. Наполнив еден бакар со вода и во него ги измив коските, од земјата и нечистотијата. Домаќините немаа нешто за дезинфекција, најдов 4-5 литри сурова алкохор ја ставив во дрвен леген и 3 дена ги држев во коритото. Вечерта на третиот ден, ги избришав со суви крпи, ги замотав убаво и му ги предадов на клисарот Никола Мутафчиев во црквата каде преспавме.