Дарко ЈАНЕВСКИ

Солун, 23 октомври 1893 година. Книжарница на Иван Хаџи Николов. Присутни Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – професор, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Aрсов – професор, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – солунско и Христо Батанџиев – професор, родум од с. Гуменџе, Ениџе Вардарско..

ХАЏИ НИКОЛОВ: Значи, се собравме овде за да основаме организација…!

БАТАНЏИЕВ: Каква организација?

ХАЏИ НИКОЛОВ: Чекај де, малку. Значи се собравме да основаме организација која ќе се бори за слободата на Македонија!

ТАТАРЧЕВ: Како за слободата на Македонија…?

ДИМИТРОВ: Ве молам, не оддолговлекувајте. Во 9 мора дома да бидам. Го бањаме детето! Додека стигнам до Ајватово…!

ПОП АРСОВ: Мене и девет ми е касно. Ќе вика жена ми пак во меана си бил! За што ме донесе од Богомила во Солун? Наместо по бутици да одам, по Игнација, Цимиски да шетам, ти сама ме остави, а седиш по кафеани. И ќе додаде – со солунските курви.

ГРУЕВ: Е, Бог да чува, и со вас ќе сме го освојувале Солун…!

ХАЏИ НИКОЛОВ: Ама ние веќе сме во Солун. Како ќе го освојуваме? Солун е наш…!

БАТАНЏИЕВ: Па значи сме го освоиле. Што правиме тогаш овде. Ајде да тркнеме до Халидики да се избањаме, октомври е веќе, кај и да е ќе залади. И некое гиро да каснеме, одамна не сум пробал. Па после ако треба ќе го ослободуваме ослободениот Солун.

ТАТАРЧЕВ: Чекај, ако Солун е слободен, зошто ќе основаме тогаш организација?

ХАЏИ НИКОЛОВ: Да се ослободиме од Турците.

ДИМИТРОВ: Да ве потсетам, во девет треба да сум дома.

ПОП АРСОВ: Да, и јас, ај да побрзаме тогаш. Значи за слободата на Македонија…!

БАТАНЏИЕВ: Ама чекај, нели сме ние Бугари? Што има да гинеме за Македонија? Нека гинат Грците, грчка била, така?

ГРУЕВ: Не знам ни јас, ама викаат и дека е грчка. Бугарите викаат дека е бугарска. Турците викаат нивна е. Крај не се наоѓа. Не знам всушност од кого да ја ослободиме. Да си одам јас Смилево, ми нашле некоја девојка да се женам…

ТАТАРЧЕВ: Не ти е срам. За слободата се работи. За организација… Тој на жени мисли.

ДИМИТРОВ: А, да прашаме во некоја амбасада прво? Да не ни се лутат после.

ГРУЕВ: Која? Американската?

ТАТАРЧЕВ: Каква американска. Тој Јане, будала е, нели ја киднапираше мис Стон, сега на очи не смееме на Американците да им испаднеме. Ќе ни пратале некој нивен од Истанбул, таму утнал нешто, ама опасен бил, нас ќе не суредел. Имал и некој апарат, нешто снимало, ќе им дал на овие нашиве овде, нешто ќе правеле…

ХАЏИ НИКОЛОВ: А, да го пријавиме Јане кај султанот? Нека го осудат. Имало некои кадии на султанот, наши биле порано, се слушале што ќе им се каже, ама пуста Макеоднија, сончогледи полна, сега кај султанот преминале. И имало некој апарат, султанот со него од Истанбул, на кадиите овде им кажувал што да прават. Чудо некое. Му го слушале гласот од Истанбул преку некои жици. И слушам тарифата сега по ново, 211 години била. Ќе му носиме после на Јане јадење, цигари, да не мисли дека сме ние нешто кабает.

ДИМИТРОВ: Добро, ама ако разбере Гоце дека сме кодошеле, ќе му каже на Ќосето, кај ќе се криеме? Тој брат му го уби, не пак нас. Да оставиме овие шарениве нека го пријават. И така се научиле да одат во Стамбол. Повеќе се таму за да примаат наредби, отколку дома.

ТАТАРЧЕВ: Добро. Да не заборавиме и дека Гоце и Сарафов од тие пари од мис Стон им дадоа и на гемиџиите. Оној пак Павел Шатев отиде и француски брод крена во воздух. Сто и педесет години Французите ќе ни го помнат ова. Такви се тие. Злопамтила. Будала човек тој Павел. Што не најде некој брод…, од Кина, од не знам каде? Плус Павел. Тој не е наш. Кај имаме ние име Павел?

ГРУЕВ: Ај и ти ништо не разбираш. Павел од Павле. Нели апостолот Павле прво во Македонија дошол.

ХАЏИ НИКОЛОВ: Даме, не забегувај во историјата. Не гледај назад човек, само напред. А Јане, Шатев, се се тоа анти НАТО и анти ЕУ луѓе. Ќе видиш, тој Шатев еден ден на робија ќе заглави како руски шпион.

БАТАНЏИЕВ: Што е тоа НАТО и ЕУ?

ГРУЕВ: Ете ти сега. Сељак еден небањат. Не знаел НАТО што е, ЕУ што е, а ќе се борел за Македонија. Оди кај попот прашај, ќе ти каже.

БАТАНЏИЕВ: Најде кој да ми зборува за небањат сељак. Роден во Смилево. Знаеш ли ти што е моја Гуменџа за вас?

ТАТАРЧЕВ: Тишина вие двајца. Јане сигурно Русите го платиле. За да ни го попречи вековниот стремеж. Тие Русите мислат само како нивниот гас да ни го продадат и на него цел живот да се грееме.

ХАЏИ НИКОЛОВ: Каков гас, те молам. Какво греење. Се скапав од цепење дрва. Да не е ветеров, цел Солун загаден ќе биде, ќе испоумреме.

ТАТАРЧЕВ: Вака или така, Јане испадна анти НАТО и анти ЕУ. Ни го руши вековниот стремеж уште од Самоил. Слушам, за едно 60-70 години некои будали и филм ќе му снимале. Херој ќе го прават. Мрсник еден… Уште од сега треба да се откажеме од него. Да најдеме некои новинари, ќе им мушнеме некоја паричка, најдобро да бидат некои од овие што се залагаат за тоа да се бориме за Бугарија и за Грција, а не за Македонија. Тие се лесни. Ја ороспиии, ја тие! Ќе си ги земеме кај нас!

БАТАНЏИЕВ: Стремежот не е од Самоил. Те излажал некој. Уште од Александар. Тие на Самоил слепи биле.

ГРУЕВ: Од каде сега Александар? Нели тој бил Грк?

БАТАНЏИЕВ: Слушај го ти него. Добро ти Бугарин ли си или што? Пела бугарска е или грчка? Предавник.

ПОП АРСОВ: Јас сум Македонец! Како и Александар. Ама тоа само дека сум од Богомила. Ме фаќа инает.

ТАТАРЧЕВ: Македонец, а? Молчи таму, комунист еден. Оди дома шетај ја жена ти по бутици. Слобода или смрт за тебе било. Пих. Сакаш со Грците да не скараш? Ееееј, знаеш ли ти која е Грција? Кај стигнат ќе не блокираат после.

ХАЏИ НИКОЛОВ: Смирете се ве молам. Важни работи се ова. Остај друго, ај што со американски пари кренавме во воздух француски брод, ама уште и од Русите ако сме зеле нешто…! Каша. За баланс, треба да земеме нешто и од Англичаните, од Германците и од Кинезите. Па после тие меѓу себе нека се распрваат кој каде дал повеќе. Инаку, поарно ќе биде Ќосето да не најде.

ГРУЕВ: Какви Руси? Тие да имаа пари немаше Аљаска да ја продаваат. Русите и пари. Ха… Не биди смешен. Ама сепак, Мисирков да го прашаме, а и Павел сигурно знае!

БАТАНЏИЕВ: Добро, а што да правиме со овие што вчера фрлале со боја на Беас Куле.

ДИМИТРОВ: Кои се тие…?

БАТАНЏИЕВ: Не знам. Цела кула обоена е. Фрлале шарени бои. Значи шарени се.

ГРУЕВ: Кој им дал пари? Пак да не се Гоце и Сарафов?

ТАТАРЧЕВ: Не, не, не се Гоце и Борис. Тие би им удриле сатарот… Ама кој им дал, не знам. Некој проект имале. За родова еднаквост. Дека мажите и жените се еднакви…

ХАЏИ НИКОЛОВ: Како еднакви. Овој ако не стигне дома до девет, ќе види еднаквост… А и овој другиов!

ТАТАРЧЕВ: Проектот е дека и едните и другите имале еднакво право да фарбаат. И прво барале од султанот пари, тој имал некој фонд за иновации. Ама тој има 20 жени. Каква родова еднаквост. Им дал нешто, преку фондот, ама тајно. Кој имал жена, жената ја пријавил во фондот, некој друг братот… така. Да не се знае. Овие после оделе и по конзулати во Битола, ама знаеш како оди со битолчани работата. Тоа нашите вработени по конзулатите, прво прашуваат од кај си. Ако кажеш од Прилеп, готов си. Љубоморни се оти во Прилеп некои Арнаути музичка школа отвориле. Ако си од Скопје, исто така. Велат, вие табли со по два-три јазика имате, нас сега тука… Од Солун, исто не бива, викаат вие море имате, пари сега ни барате. Не те пуштаат ни до конзулот да стигнеш. Знаеш какви се, странски слуги. Така, шарениве отишле до Истанбул, по амбасадите. Сите од Европа. И плус имало некој Џорџ кај Американциве. Им дале и пари и боја. Им останала бојата кога кречеле. А тој Џорџ и некои од Амстердам ли од Брисел ли таму, им дале и некои гуми, интересни, не сте виделе такви. Некои наши прво на глава си ги ставиле, странциве се смееле. Се тегнат гумите, после ставаш во нив боја и ги фрлаш. И мажи и жени збудалеле по тоа. И направиле гужва. Ене ги сега Турците и Грците расправаат чија е Беас Куле за да знаат кој треба да ја избрише бојата. Грците викаат Салоника е наша, ама вие чистете ја кулата, Турците збудалуваат, после пашата ги рекетирал малку Грците, знаете како оди тоа, ама на крај се договориле пола-пола.

ХАЏИ НИКОЛОВ: Добро, добро, ќе основме сега организација или не? Осум саатот стана веќе.

ГРУЕВ: Да основаме, ама да не биде бадијала. Слушам, една жена-гледачка, рекла за сто години модерно ќе било да не гледаш назад во историјата, оти срамота било… Вика само кај нас ќе биде тоа, не во светот, оти сме такви, малку удрени во главата… Како Перо клисарот, нели тој им паднал на пораѓање!

ТАТАРЧЕВ: Ами ако не гледаме назад, од каде ќе знаеме дека Александар и Самоил имале вековен стремеж?

ГРУЕВ: Појма немам. Јас учител сум, не сум научник. Ај ќе најдем некој да излаже нешто. Луѓето велат во Муртино имало некоја фамилија, може да заврши работа. Ние другите ќе ќутиме. Ќе го оставиме да заврши работа. Инаку, ништо не не вади тоа за мис Стон, за францускиот брод, слушам нешто и Англичаните и Германицте ни се лутеле. Бог да чува. Си немал ѓаолот работа, на нас се лутел…

ДИМИТРОВ: Чекај, ако добро разбирам, ние Бугарите, ќе се бориме за Македонија од книжарницава во Солун, за Солун да им го оставиме на Грците.

ХАЏИ НИКОЛОВ: Фала Богу, разбра.

ДИМИТРОВ: Ај, анасана…

БАТАНЏИЕВ: Слушајте, осободувајте ја вие Македонија, јас отидов дома. А вие што ќе кажете со вас сум. А утре на плажа да одиме. Има време за востание. На пролет.

ТАТАРЧЕВ: Да не е рано.

ГРУЕВ: Ај сега, рано било. По 500 години. Ама, за сигурно да е, да прашаме кај странциве, ќе ни кажат, смееме, не смееме, што му се секираш!

ХАЏИ НИКОЛОВ: Добро, значи основана е. Пиши таму, 23 октомври 1893… во книжарницата на… Еј, ти гледај сапунот да не го згрешиш. Да не го печат детето очите.

Сите излегуваат од книжарницата. Надвор е мрак. Утре е 24 октомври. Поука – не гледај во 23 октомври, оти тој е веќе историја.

Крај; τέλος; Край