Американскиот државен секретар Антони Блинкен се сретна со министрите за надворешни работи на Јордан и Египет во Аман, главниот град на Јордан.
Клучниот момент на прес-конференцијата беа повиците на Јордан и Египет за итен прекин на огнот, но Блинкен јасно стави до знаење дека САД не ги поддржуваат тие барања.
– Примирјето едноставно ќе го остави Хамас на власт, способен да се прегрупира и да го повтори она што го направи на 7 октомври. Пред само неколку дена, висок функционер на Хамас изјави дека нивната намера е да се повтори 7-ми октомври одново. Ниту една нација, ниту еден од нас, не може да го прифати тоа – рече тој.
Блинкен го потврди правото на Израел на самоодбрана, но нагласи дека е важно и како Израел го прави тоа, односно максимално да се грижи за цивилните жртви.
Министрите за надворешни работи на Египет и Јордан беа прашани дали имало разговори за иднината на Газа без Хамас.
Египетскиот Самех Шукри рече дека таквите разговори би биле предвремени и дека фокусот треба да остане на моменталната ситуација.
Ајман Сафади од Јордан рече дека сегашниот фокус е на запирање на оваа војна и дека не е можно да се размислува за иднината кога не е јасно каква ќе биде Газа.
Сафади јасно посочи дека е неопходно да се разгледа конфликтот во целост и дека се потребни разговори за „враќање на решение со две држави“.