Под слоганот „Затоплете ги срцата, а не планетата“, околу илјади млади Французи маршираа денеска низ улиците на Париз против климатските промени, предводени од шведската тинејџерка Грета Тунберг, која станаа симбол на борбата против глобалното затоплување, јави дописникот на МИА.

Младите присутни на денешниот сибир беа побројни во споредба со минатиот петок, кога во Париз исто така се одржа марш за заштита на климата.

Учесниците на маршот сметаат дека француската Влада „не прави доволно против климатските промени”.

Младите демонстранти, кои го почнаа маршот од плоштадот „Опера”, носеа транспаренти на кои беше испишано „Иднината почнува тука“, „Зачувајте ја Земјата, изедете еден лобист” и „Водата доаѓа“ и извикуваа слогани како „Ние сме потопли од климата“ или „Придружете ни се, не гледајте во нас“.

На демонстрантите им се приклучија повеќе познати личности, меѓу кои и актерката Жулиет Бинош, европратеникот од редовите на Зелените, Јаник Жадот и градоначалнилката на Париз, Ан Идалго.

– Веќе сум учествувал на маршеви за климата со татко ми, но ова е првпат да дојдам сам. Ги слушав говорите на Грета Тунберг и таа е во право: нашата иднина е во прашање, изајави еден од учесниците на маршот, кој носеше транспарент на кој пишуваше: „Риби, а не пластики!“.

Тој нагласи дека има впечаток оти некои млади луѓе не се чувствуваат загрижени, но оти движењето сепак расте.

Грета Тунберг, стана позната за пошироката јавност, откако од минатото лето секој петок протестираше пред Парламентот во Стокхолм, со барање за поголема владина акција против глобалното затоплување. Нијзините петочни протести инспирираа многу други студенти и средношколци од целиот свет, па по нејзиниот пример илјадници млади луѓе демонстрираа во повеќе земји, меѓу кои и во Германија, Австралија и Велика Британија.

Во Белгија, пак, веќе неколку недели секој четврток се одржуваат протести за заштита на климата на студенти и средношколци. На вчерашниот собир во Брисел присуствуваа околу 7.500 млади луѓе, предводени од Грета Тунберг.