Државите од Западен Балкан ги надминуваат граничните вредности за емисии во воздухот од термоелектраните на јаглен, договорени со Енергетската заедница и до шест пати за одредени тексични супстанци.
Македонија не е исклучок, со ТЕЦ Битола како главен прекршител.
Тоа го соопшти Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко свест, пренесувајќи го денеска објавениот извештај на CEE Bankwatch Network.
– Според истражувањето, вкупните емисии на сулфур диоксид од термоелектраните во Србија, Косово, Босна и Херцеговина и С. Македонија го надминуваат плафонот за 2018 година, договорен со Енергетската заедница преку националните планови за намалување на емисиите, за повеќе од шест пати. Вкупните емисии на прашина се исто така над вкупниот плафон, и тоа над 60 проценти. Нашата земја го надминува националниот плафон за сулфур диоксид за пет пати, а плафонот за прашина нешто повеќе од два пати. Во тие плафони се пресметани и придонесите на ТЕЦ Неготино и Рафинерија ОКТА кои што не работат веќе повеќе години, стои во соопштението.
Главните извори на емисии што преостануваат, наведува Еко свест, се ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј, со тоа што Осломеј има многу малку работни часови и соодветно на тоа и емисиите на загадувачки супстанци му се под договорените граници.
– ТЕЦ Битола, споредено со индивидуалните плафони за термоелектраната, емитувала 52.823 тони сулфур диоксид што е шест пати повеќе отколку што е максимално дозволено. Во однос на прашината ТЕЦ Битола емитувала 3.470 тони, што е за три пати повеќе прашина од индивидуалниот плафон, соопшти Еко свест.
Оттаму потсетуваат дека Спогодбата за Енергетската заедница на која е потписник и нашата држава, вклучува и цели за намалување на емисиите од индустријата кои беше потребно да бидат имплементирани најдоцна до 2018 година. Спротивно на спогодбата, наведуваат од Еко свест, земјите ги прекршуваат своите обврски, а во некои случаи како што е тој со ТЕЦ Битола, количината на емитувани загадувачки супстанци во воздухот постојано се зголемува од година во година.
– Властите, како и менаџментот на ТЕЦ Битола, знаат за оваа обврска уште од 2006 година. Наместо навремени инвестиции во опрема за намалување на емисиите, со цел да се достигнат зададените плафони за 2018 година, доведени сме во ситуација кога ТЕЦ Битола треба значително да ги намали работните часови за да ги исполни обврските. Истовремено, за да се исполнат обврските за следната контролна година, 2023, потребни се огромни инвестиции во краток временски период. Ова може да биде погубно за македонската економија, ја пренесува Еко свест изјавата на Давор Пехчевски, регионален координатор за аерозагадување во CEE Bankwatch Network и коавтор на извештајот.
Како што укажува Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест, инвестициите за доведување на ТЕЦ Битола во линија со најдобрите достапни технологии веќе можеле да бидат вратени како заштеди во здравствениот сектор.
– Според нашето истражување „Колку чини животот“, направено согласно со методологијата на Светската здравствена организација, товарот на македонската економија од здравствените последици од термоелектраните е над 20 милиони евра годишно. Токму таа е проценетата вредност за реконструкција на филтерот на ТЕЦ Битола. Доколку сакаме искрено да се бориме против аерозагадувањето, мора да престанеме да им попуштаме на големите загадувачи. Овие инвестиции не се само правна обврска, тие се пред сѐ обврски за заштита на јавното здравје, порачува Чоловиќ Лешоска.
Извештајот вклучува и препораки за тоа како владите на земјите од регионот можат да го подобрат следењето и контролата на загадувањето, но и како Европската унија може да делува преку зајакнување на механизмите на Енергетската заедница, за да не дозволува прекршувањето на легислативата да поминува неказнето.
Како што најавуваат од Еко свест, извештајот официјално ќе биде презентиран денеска на настан во Европскиот парламент.