Валон Беџети, 18-годишниот син на пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети, давал совети за заштита на животната средина преку договор склучен со ЈП Комунална хигиена – Скопје за речиси 12.000 евра, пишува Катерина Блажевска за Дојче Веле. Преку овој пример, коалицијата ВЛЕН најави разобличување на криминалната шема прикриена зад коалицијата Данела Арсовска – ДУИ – Левица.
„Ветивме дека ќе ви го покажеме криминалот, денес сме тука со конкретни документи“, објавија од ВЛЕН, и го посочија договорот бр. 57254 склучен на 25.02.2025 година.
„Се гледа дека парите ги прима Валон Беџети, син на Блерим Беџети, кој се има потпишано. Предмет – „интелектуални услуги, давање совети за заштита на животната средина”, без јасно дефинирани резултати. Секако, да потсетиме дека човекот на кого ЈП Комунална хигиена му плаќа за совети речиси 12.000 евра (775.000 денари) е осумнаесет годишно дете. Со еден потпис, парите на скопјани завршуваат на сметка на фамилијата Беџети, додека Скопје тоне во ѓубре и нечистотија“, реагираа од ВЛЕН.
Оттаму наведоа дека Јавното претпријатие веднаш издало и фактура бр.73818 за истата сума од 775.000 денари како за „извршени“ услуги, но без доказ дека услугата воопшто е започната, а камоли завршена. Притоа потсетија дека директорот на ЈП Комунална хигиена – Скопје е поставен „од другарката на Блерим Беџети – градоначалничката Данела Арсовска”.
В.д. директорот на ЈП Комунална хигиена – Скопје, Сабахудин Рустеми кој доаѓа од Сарај, е поддржувач на ДУИ. Најголемиот дел од неговите објави на социјалните мрежи се за поддршка за Блерим Беџети. Рустеми во периодот од 2017 до 2021 година бил директор на Јавното комунално претпријатие „Сарај“, а од 2023 до 2024 година бил помошник-директор на ЈП Паркови и зеленило – Скопје. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во јануари годинава го назначила Рустеми за в.д. директор на ЈП Комунална хигиена – Скопје. Тој е петти директор во ова Јавно претпријатие во мандатот на Арсовска, откако претходно беа разрешени неколку директори: Зуди Енуз, Косана Мазнева-Николиќ, Гоце Трајковски и Јетон Незири.
И роднини во шемата
Од ВЛЕН посочуваат дека синот на Беџети не е единствениот кој брцнал во медот. Според фактурата бр. 73819, за иста сума (775.000 денари) и Бесар Саќипи – близок роднина на в.д. директорот Сабахудин Рустеми, „имплементирал нови техники за заштита на животната средина“.
„Штетата која е направена е 1.550.000 денари или еднаква на годишен буџет за нови контејнери во неколку скопски населби“, велат од ВЛЕН за сумата на двата посочени договори.
Тие бараат Јавното обвинителство веднаш да покрене постапка за злоупотреба на службена положба и перење пари, ДКСК да отвори предмет за судир на интереси и непотизам, а Единицата за економски криминал на МВР да направи финансиска истрага на сите плаќања кон лицата поврзани со Блерим Беџети, Данела Арсовска и Димитар Апасиев. Од Градот Скопје побраа да го раскине договорот и да побара поврат на средствата, да го разреши Рустеми и да свика седница на Советот за да ги информира граѓаните за скандалот.
„Градоначалничке Арсовска, вие лично ги поставивте овие директори, кои знаевте дека се блиски на вашиот другар Блерим Беџети. Денес имате два избора: да ги разрешите и да поддржите истрага, или да останете соучесници во кражбата од џебот на скопјани. ВЛЕН ќе продолжи да ја разобличува оваа коалиција на корупција и омраза. Додека Данела, ДУИ и Левица си делат тендери, граѓаните плаќаат двојно. Следниот чекор е на институциите. Ние нема да застанеме додека оваа шема не добие судска разрешница“, порачаа од ВЛЕН. Најавија дека секој ден ќе објавуваат нов документ за дивоградбите, фиктивните фактури и партиските вработувања што ги хранела таа структура.
Едни за дестабилизација, други за незаконска легализација
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која речиси го преспа четиригодишниот мандат, неодамна се „разбуди“ и почна да алармира за дивоградби во Општината Чаир и нивно незаконско легализирање. Од ВЛЕН, чиј кадар е градоначалник на Чаир, во активностите на Арсовска препознаа прсти на ДУИ и Левица.
„Ова е последниот план на Ахмети, овојпат не преку Таравари и други актери, туку преку Блерим Беџети – шефот на парламентарната група на ДУИ, и Левица, а инструментот е Данела Арсовска – за дестабилизација, преку општините. Ако се работи за дивоградби, нема општина што нема дивоградби. Добро е што Арсовска почна од Чаир, но добро е да ја видиме и во Сарај, во Шутка, каде што се нејзините партнери. Добро е да каже за синот на шефот на парламентарната група, Блерим Беџети, кој има Договор за интелектуални услуги во ЈП ‘Комунална хигиена’ каде директор е човек на Блерим Беџети“, предупреди уште пред неколку дена Изет Меџити, првиот вицепремиер и министер за животна средина, од редовите на ВЛЕН.
Тој потсети дека директори на јавните претпријатија во Скопје се кадри на Блерим Беџети, и на Левица и Димитар Апасиев.
Градоначалничката на Скопје пред неколку дена до Јавното обвинителство поднесе документи, за кои тврди дека се однесуваат на дивоградби во Чаир и нивно незаконско легализирање. Таа алармираше дека според нејзини информации, во Општина Чаир активно се уништуваат докази за фалсификати и дивоградби.
ОРИГИНАЛНИОТ ТЕКСТ НА КАТЕРИАН БЛАЖЕВСКА ЗА ДОЈЧЕ ВЕЛЕ