Очекувања за раздвижување на македонската економија оваа година имаат и домашните и меѓународните институции. Проекциите и на домашните и на меѓународните институции се меѓу 2,8 и 3,5 отсто, а главни двигатели на растот ќе бидат домашната побарувачка и извозот.

Најоптимистичка е проекцијата на Народната банка на Република Македонија од 3,5 проценти.

– Се очекува постепено закрепнување на домашната економија по стагнацијата со која се соочивме во 2017 година, при оценет раст на БДП од 2,3 проценти во 2018 година и постепено натамошно забрзување на растот во натамошниот период и достигнување на одредени солидни стапки на раст во 2021 година од четири отсто, вели гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска Бежоска при објавување на ноемвриската прогноза.

Според НБРМ се очекува домашната побарувачка да биде главниот двигател на растот со исклучок на годинава кога најголем ефект ќе има нето-извозот. Во просек, смета НБРМ,  на среден период се очекува дека извозната побарувачка и натаму ќе биде клучниот фактор на растот што е поврзано со активноста на странските извозни капацитети, очекуваниот влез на нови компании и натамошниот раст на странската ефективна побарувачка.

Предвидениот раст на економската активност според Владата која очекува тој да изнесува 3,2 проценти, се очекува да биде придружен со раст на вработеноста, поттикнат и преку активните мерки и програми за вработување, како и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места.

-2019 година сакаме да ја прогласиме за година на економијата, како што оваа година беше година на евроинтеграциите, вели премиерот Зоран Заев. Тој нагласува дека од крајот на јануари ќе бидат донесени сите неопходни одлуки за реформите во правосудството, во безбедноста, во медиумите и во јавната администрација, што ќе бидат во функција и на обезбедување раст на македонската економија и социјалната сигурност.

Премиерот Заев во изјави за медиумите оцени дека идната година ќе биде година на солидарноста, на праведноста во општеството, што ќе се одрази и на деловната заедница преку зголемување на потрошувачката на населението во Македонија.

– Планот за економски раст создава економија со здрави цврсти темели, а придобивките ги чувствуваат граѓаните, стопанството и целата наша земја и затоа продолжуваме со засилено темпо. Неколку пати реков дека 2019 година ќе биде пресвртница на економски политики. Фискалната политика на Владата на РМ ќе обезбеди раст на македонската економија, социјална сигурност, а ќе го забрза и нашето пристапување кон НАТО и ЕУ. Создаваме буџет што во 2019 годоина ќе ја одржи макроекономската стабилност и фискалната консолидација. Парите на граѓаните кои преку даноци влегуваат во буџетот уште повеќе ќе се наменат за проекти за поддршка на граѓаните во сите категории. Остануваме на нашата определба за поддршката за домашните и странските инвестиции со повисок буџет од 37 проценти во однос на оваа година, потенцира премиерот. 

Придвижување на економијата во наредната година министерот за финансии Драган Тевдовски очекува од приватните инвестиции заедно со забрзување на проектите од државата.

-Во вториот и третиот квартал од оваа година имаме движење на економијата кое се базира пред се на приватниот сектор, што не беше така многу години наназад каде економијата беше движена поради државната интервенција и државните вложувања. Сега гледаме дека во вториот и третиот квартал приватниот сектор ја движи економијата и тоа е одлично и заедно со забрзување на проектите од страна на државата што веќе почнуваат и ќе се движат  во следната година ние можеме да очекуваме економски раст како што проектираме, истакнува  Тевдовски.

-Ако 2018 година беше година на крупни реформи и поставување на темелите за еден подобар економски систем, 2019 треба да биде година во која веќе посериозно треба да се почуствуваат ефектите од овие реформи. Очекуваме платите да продолжат да растат и годинава, да се отвораат нови работни места, да се интензивираат инвестициите и да продолжиме со агендата со евроатланските интеграции, потенцира министерот.

Неговата оценка е дека политичката стабилност, отворањето на евро-атлантските перспективи и враќањето на довербата кај инвеститорите ќе придонесат кон раст на приватните инвестиции. Дополнителен инпут кон инвестициите ќе има и забрзувањето на поголемите јавни инфраструктурни проекти.

– Следствено, ги проектиравме бруто-инвестициите во 2019 година повисоки за 4,2 отсто на реална основа. Очекуваме да продолжат позитивните движења кај надворешната трговија, со очекуван реален раст на извозот на стоки и услуги од 8,5 отсто, при реален раст на увозот од 6,8 отсто. Согласно ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, реалниот економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2 отсто, истакнува Тевдовски.

Годината што изминува според проекциите на Владата треба да заврши со раст на економијата од 2,8 отсто. Според министерот за финансии годината ќе заврши согласно проектираното. Тоа се базира не само на оценките и очекувањата, туку и на остварените движења – клучните бројки се исклучително позитивни и укажуваат на широко-базиран економски раст.

-Согласно последните податоци на Државниот завод за статистика, од почетокот на годината просечната плата е повисока за 5,7 отсто. Она што е особено важно е што има двоцифрен раст во секторите со најниски плати (текстил, облека и кожа). Невработеноста е намалена на 20,8 отсто и е најниска  досега. Отворени се 14.239 нови работни места, согласно последните податоци на статистика. После подолг период се враќа довербата на инвеститорите. Првите девет месеци странските директни инвестиции достигнаа 316 милиони евра, што е значително повисоко од вкупниот годишен износ минатата година. Извозот е за 16 отсто повисок во однос на лани. Расте индустријата, но и услужниот сектор. Второто и третото тримесечје имаме солидни остварувања на бруто-домашниот производ, а истото го очекуваме и за последното тримесечје годинава, појаснува министерот.

МИА