Според реномираниот магазин „Економист“, Македонија е во самиот светски врв не само според официјалниот број на ковид-жртви, туку и според одвишната смртност, пресметана од извештаите на ДЗС во однос на очекуваната десезонирана смртност. Со други зборови, таа ги опфаќа и починатите во домашни услови коишто никогаш не биле тестирани на ковид. Треба уште да се истакне дека македонските броеви се заклучно со 30.06.2021, пред почетокот на летниот бран на Делта сојот, коментира ан својот ФБ профил битолскиот професор Дејан Трајковски и додава:
Во меѓувреме бројот на починати кај нас прилично се зголеми, додека во Бугарија стагнираше, па најверојатно по завршувањето на третиот квартал ќе се најдеме на второто место. Ни Перу не е далеку, бидејќи тие веќе излегоа од зимата, а кај нас таа допрва доаѓа.
Пресметките се направени со официјалниот број на жители на државата од 2,08 милиони жители. Доколку сметаме со 1,7 милиони жители, одвишната смртност кај нас изнесува 615 починати на 100.000 жители, што е повеќе дури и од Перу, односно уште со јунските податоци сме биле први на светот.
Одвишната смртност претставува збирен индикатор на сите наши неуспеси, што многу реално покажува колку лошо сме поминале во досегашниот тек на пандемијата, заклучува Трајковски.
Во контекст на овие бројки вреди да споменеме дека во пред ден-два, директорката на Инфективната клиника во Скопје, Стефановиѓ, во интервју истакна дека според нивните споредби, смртноста во Македонија од Ковид 19 не е поголема од другите земји, и нема драстична разлика меѓу бројот во Македонија и, на пример, Британија и Франција. Треба нешто да се додаде на ова?