Убиства, грабежи и зулуми за да се протераат Македонците од своите села!
Пишува: Блаже Миневски
Во Архивот за надворешни политика на Русија, пред триесеттина години, за време на своето истражување во руското Министерство за надворешни работи, историчарот проф. д-р Александар Трајановски пронашол ексклузивен, мошне интересен, автентичен архивски материјал од прва рака под наслов: „Список на убиства, грабежи и кражби во селата Галичник, Лазарополе, Тресонче и Росоки во Реканската каза, Дебарски мутесарафлак, 1902, 1903 г.“ Покрај списокот за спомнатите села , во документот постојат податоци и за селото Сушица за 1903 година, иако тоа не е спомнато во насловот. Во документот исто така се спомнуваат грабежи, кражби и убиства во селата Селце, Маврово, Жировница, С’лп во Кичевско, Радиовце – Тетовско и Сарај – Скопско.
Притоа, иако во насловот се наведени годините 1902-1903, во списокот се дадени автентични податоци за крвавиот „арнаутски терор врз македонското насление од периодот 1900 до 1904 година“.
Освен убиства без никаков повод, качачките банди вршеле и бројни киднапирања, особено на мали деца и овчарчиња, за кои потоа се барал голем откуп. Доколку родителите немале пари да платат за откуп на детото се случувало да бидат егзекутирани а доказ за тоа да биде главата на детето.
„Браќата Бундалевци се преселија во Битола поради зулумите!“
Во документот кој е доставен до Генералниот конзулат во Солун, а се чува во архивата што ја покрива работата на ова руско дипломаско претставништво во Османлиската империја од 1800 до 1917 година, по дати и години се забележани сите убиства, грабежи и зулуми направени само во првите неколку години од минатаиот век од страна на качачките банди во Западна Македонија.
Списокот стартува со трагичните настани во Галичник, почнувајќи со записот од 24 јули 1902 година и завршувајќи со оној за 14 јули 1904 година. Меѓу белешките за злосторствата што ги правеле Албанците во ова македонско село, кое речиси секојдневно било на удар на качаците, треба да се издвојат неколку крвави настани забележани во дописката до рускиот конзул во Солун.
Така, на 6 август 1902 година, „на бачилото на Присоечка Паланина, Таир Шаља го уби Иљо Србинов, а ги рани Трајко Василев и Кузман Гогов“.
Факсимил од документот
Потоа, во продолжение на списокот, во записот за 9 август, значи за третиот ден по убиството, пишува:
„Таир Шаља, незадоволен од убиствата на овчарите, го киднапира Пане Грандзев од истото бачило и го ослободи по добивањето 60 турски лири“.
Но со тоа, се разбира, не заврпил теророт врз Македонците во овој дел на Македонија. Следните денови биле нападнати и другите села, а од многу домаќинства била однесена сета стока и пари кои ги изнудувале со крвничко тепање и малтретирање. Еден месец по убиството на Присоечка Планина, друга злосторничка банда „од бачилото на Трпко Гиновски одзела 200 овци“, а на 18 септември, иста таа 1902 година, „две фамилии Бундалевци, браќата Павле и Иван, се преселија во Битола поради зулумите… Куќата им беше ограбена од „јузбашиските заптии“ на Сали Дема од Грика.“ На дваесетти септември, злогласниот „Џеладин Сефер ја ограби до шајка куќата на Дамјаница Бошкоска и зеде едно петгодишно девојче за откуп…“
Четири дена подоцна, веќе спомнатиот Таир Шаља го „киднапира во црквата Св.Петка Марко Михаилов, кој што по два месеца беше пуштен со откуп од 30 турски лири“. Теророт што се правел во Западна Македонија, односно во мијачкиот крај на Македонија, не стивнувал ниту кога ваквите писма ќе стигнеле до конзулите во Битола и Солун.
Според истражувањето на д-р Александар Трајновски, по секој напад и пустошење, по секое убиство и малтретирање на Македонците од страна на Албанците, жителите на Река се жалеле до турските власти во Жировница, во Дебар или во Битола, кај дебарскиот мутесараф, дебарскиот и битолскиот владика, до рускиот конзул и до валијата во Битола.
Сите жалби за помош билe испраќани со селски печат, но нема податоци дали ваквите барања на Македонците биле позитивно решавани. Можеби поради тоа во Солун, до генералиот руски конзулат бил испратен збирен список на најголемите и најжестоки зулуми што ги правеле албанските качаци во овој дел на Македонија. А разбојниците продолжувале да плачкаат и убиваат без оглед на жалбите, што значи дека турската власт не го заштитувала населението, односно во многу случаи соработувала со бандите или пак некои од нив ги ангажирала во своите редови. Затоа и веќе спомeнатиот Џељадин Сефер, кој го грабнал петгодишното дете на Дамјаница Бошкоска, од Галичник, пет дена по тој настан можел слободно да продолжи да се изживува врз Македонците:
„На 25 декември 1902 година Џељадин Сефер со 15 души дружина ја сруши куќата на Вељо Жантев, искрши три врати и ја зграби сета покуќнина, при што ги уби и двете жени, затоа што го сокриле поголемото дете за да не биде земено во плен.“
И следната година, од мај до октомври, албанските бандити во соработка со власта преку разни притисоци продолжиле да работат на проектот за етничо чистење на Македонците од овој дел на Македонија. Меѓудругото ги тепале и ограбувале печалбарите што се враќале во Галичник, како нападот во месноста „Суво Поле“ каде што биле грабнати Ицо Гечов, Ристо Јанов и Ристо Каржов за кои зеле откуп од 60 турски лири и 13 коња! Не ги штеделе ни затворениците, како што се случило на 7 јули 1903 година кога Гаврил Аврамов, Томе Арсов, Јаким Јевесторов, Глигор Трпков, Крсто Лазаров и Кипро Авромов, враќајќи се од затворот во Битола, биле фатени од бандата на Сеадин Арслан од село Бочишта и Имер од Дарда со 20 души арнаутски бандити, а ги пуштиле претепани и измачени до мала душа дури кога по петнаесет дена им бил донесен „откуп од 250 турски лири и десет ката алишта“!
Дека албанскте качаци слободно оперирале и ги тероризирале македонските села дури и за време на Илинденското востание, може да се види од записот за 26 септември 1903 година, на пример, кога во атарот на Галичник од бачилото на Михаил Деспотов и Михаил Глигоров зеле 250 овци, а од браќата Филипови четири коња.
Факсимил од документот (2)
Во документот не се спомнува дека е претепан или киндапиран некој Албанец, односно дека е укадена макар и една овца од бачило чиј газда бил Албанец. Затоа пак има многу примери кога биле одземани цели стада овци од македонски сточари, како што се случило со стадото на Трпко кое било собрано од банда албански злосторници предводена од Бајрам Бачишта, Кашир од Велебрдо и Сеадин Арслан.
Истите качаци неколку месеци подоцна, на 28 јуни 1904 година „го зеле во плен Тофе Крстев Кукоски од бачилото на Јован Стефан Гуржовски“. Грабнатиот Кокоски бил ослободен дури по добивањето на 39 турски лири откуп! Ваквите акции на албанските качаци продолжиле и во следните месеци, кога бил исплатен откуп од неколку стотици турски лири за грабнати Македонци, како деветнаесетгодишниот Стефан Настев, за кого биле барани 100 турски лири, и други.
Во месец јули месец, или поточно на 16 јули 1904 година, значи една година по Илинденското востание, страотно засилените и дрски албански злосторници што оперирале низ Западна Македонија „го нападнале бачилото на Михаил Деспотов, при што го убиле Дамјан Јосифов, а на останатите во бачилото им заповедале да ги остават овците и да бегаат“.
Ужасот што ни го прават е неопислив!
И во Лазарополе качаците се изживувале врз македонското население. На 15 август 1901 година, „кметот Јосиф Дичов тргнал со двајца придружници и со 60 турски лири за таксим во Жерноница, но Али Ука од Мажишта и Мурат Манјан од Омеже го убиле кај месноста „Вртешка“.
Истиот ден, вечерта, половина час по полноќ, убијците се вратиле придружени со четворица други Арнаути и заедно со селските заптии Адем Лека и Ази Даци од село Зогве, Дан Колец и Суљо Кодра од село Стушан, влегле во Лазарополе, отвориле оган и го убиле Арсо Трпков а потоа собрале многу стока од селото“.
Месеците што следувале биле вистински пекол за Македонците во тој дел на Македонија. И следната година злосторниците не мирувале, постојано го напаѓале Лазарополе, па на 17 јули 1902 година, во гората над селото, ги убиле дваесетипетгодишниот Дојчин Мицков, заедно со Димко Јосифов, Васил Серафимов, и Димитрија Сотиров, а го раниле Рафаел Данаилов:
„По два дена бандата на Али Ука, Мурат Манјак, Адем Лека, Дан Колец, Суљо Кожа и Азис Даци запалиле една од куќите за да излезат селаните и да извршат и други убиства. Кога не излезе никој, застанаа наспротив, зедоа да пукаат преку прозорецот и многу мали деца, кои спиеја, станаа жртви на крвавата драма.“
Во септември истата година „гореспомнатите злосторници ги убија Серафим Симонов и Петар Попов во месноста „Барбарос“, кои оделе за мелење жито во Прилеп. Освен тоа, през целата 1903 година, арнаутските злосторници се хранеа на наш грб: сирење, масло, леб и друго, се што сакаа беше на нивно расположение, а ужасот што ни го нанесоа преку целата година е неопислив. Тие се гоштеваа а ние умиравме од глад! Особено за забалежување во овој запис е злосторникот Кадри Касап, којшто немилосрдно и безбожно не тепаше и глобеше. Покрај тоа правеше конаци за Рам Дука и Таир Тоља, и сите други злодејци и разбојнници, на наш грб и врз нашата мака. Таа банда за нецели два години немислостиво ни истепа 12 луѓе, зрно жито не ни оставаше во куќа и ништо друго за во куќи.“
Во 1904 година, на десетти мај, тогашниот кмет на Лазарополе, Јосиф Патков, одејќи во Дебар за да однесе такса за царските даноци, повторно кај месноста „Вртешка“, како во случајот со кметот Јосиф Дичов пред три години, бил ранет со 3-4 куршуми, а потоа му зеле 110 турски лири. Кметот Патков подоцна најверојатно им подлегнал на повредите:
„Убијци се оние коишто се пишани во жалбата подадена на Н. Високопреосвештенство.“
Во селото Тресонче, пак, албанските злосторници Адем Ела и Рам Леши од Блаца ги киднапирале овчарите Глигор Саржов и Исијан ПШетров на 25 мај 1902 година, а ги ослободиле откако нивните најблиски со судни маки собрале 50 турски лири. Разбојникот Абди Думан од село Стушан го грабнал детето Стале Арсов, а го ослободил дури откако му дале 35 турски лири.
Друг злосторник, извесниот Осман Леши со 16 души арнаутски бандити го собрал од куќата и го зел за уцена протуѓерот Јован Донев. По две недели, откако се собрале 35 турски лири за откуп, Донев бил пуштен со тешки повреди од долгото малтретирање. Во слична состојба биле и Македонците од село Сушица, кои, во записот до рускиот конзул, до Генералниот конзулат во Солун, под датумот 25 ноември 1903 година, пријавиле дека „убиствата, грабежите и зулумите што го праваат Арнаутите не ни даваат можност да одиме на работа за да ја извадиме својата прехрана, поради коишто причини селото е сосема намалено и економски сосипано“.
И Македонците од Росоки, исто како и во другите села, но и во градот Дебар, била приднудувани на секој начин да ги напуштаат своите куќи а потоа нивниот имот да го преземат злосторниците што го спроведувале теророт, најчесто во соработка со турските власти. Многумина од селаните не смееле да се вратат во селото дури не ги исплатат сумите што злосторниците им ги доставувале како божемно побарување за заштита, односно чување на селата. И во Росоки, како и во другите села, секојдневни биле грабежите, зулумите и убиствата на македонското население.
Така, на пример, на 18 јануари 1904 година, злосторникот Шакир до Велебрдо ја собрал сета крупна стока од Росоки и, заедно со момчето на говедарот, ги отерал во Малесија, каде што момчето по десет дена било убиено.
Документот што проф. д-р Александар Трајановски го пронашол во Архивот за надворешна политика на Русија, додека истражувал во руското Министерство за надворешни работи, завршува со записот за 28 јуни 1904 година кога Баше Бачишта зел откуп за овчарчето Иван Гуружов од 39 турски лири, а еден месец подоцна, на 23 јули 1904 година, арнаутските бандити повторно го нападнале истото бачилото, кога биле заробени тројцата овчари, при што едниот од нив бил тешко ранет.
Документ стар 115 години:
Албанскиот терор го испразни селото Росоки!
„Нашето село од 100 куќи со 150 мажи од 10 години наваму е смалено на 50 куќи и 30 мажи од следните причини:
Бекир Тршан од Дебар, којшто демек имал за земање 35 турски лири од селото, во продолжение на 15 години не јавил никому дека има за земење таква сума. По 15 години се појавува во селото со некаков запис од 35 турски лири и, како си пресметал една безаконска лихва, ни побара 1000 турски лири, а за да не можеме да и јавиме на Владата за неговите барања, зел со себе 15 души Арнаути, сите вооружени и, по негова заповед, дружината бараше секој селанец да им даде по 10 лири а тој што ќе нема да плати му правеа запис; од сто куќи можеа да дадат само пет, а 95-те ги натераа со тепање да му дадат 95 записи по 10 турски лири, и секој со годишна камата од 45 отсто. Жалосниоте селани – сите на печалба во туѓина заминаа, по 4-5 години да седат таму, да работат, да гладуваат, за да се исплатат на Бекир.
Кој можеше да спечали, се исплати во продолжение од 5-6 години, а кој не можеше остана, кој каде се наоѓаше, така што ги оставија и куќите и фамилиите. Ако некој селанец дојде во својот дом треба да плати за 10-те лири 60-70 лири. А сега колку селани што сме останале злосторникот сака секој од нас да му плати и за побегнатите; кога ги гледа во селото мажите, не заплашува и јаде бесплатно со 10-15 души разбојници; собира по некоја лира по најбезбожен начин, и се враќа дома, а по неколку недели пак доаѓа.
И не е само тој. Алмил Даџ од Дебар, собрал по истиот начин 50 лири. Досега има собрано повеќе од 900 лири и бара повеќе од 500 лири. И Оломан Тузлук, исто така од Дебар, собрал по истиот начин повеќе од 300 турски лири и бара уште 300 лири. И Мурат Мула-Бекир од истиот град собрал 200 турски лири и бара повеќе од 150 лири. Сите доаѓаат во селото со 10-15 Арнаути да ги собираат по безбожен начин безаконските свои барања, поради која што причина селаните се разбегаа повеќе од половината, и селото наше е речиси испадено; по истите причини не е можно да ги исплаќаат на време царските даноци и повеќе од 400 турски лири се останати досега неплатени на Реканскиот санџак. Кога го јавуваме горното, миолиме да се уништат безаконските записи кај гореспомнатите лица та да можат разбеганите селани да се приберат во своите куќи“, пишува во записот на селаните од Росоки до рускиот генерален конзул во Солун.