Блаже Миневски

(Јордан Плевнеш за судбината на балканскиот лингвистички Моцарт: Мисирков од Македонија во Европа и Светот!)

Во својот предговор кон првото издание на драмата „Последниот ден на Мисирков“ , академик  Георги Старделов пишува дека Јордан  Плевнеш создал „драма за драмата на овој наш, како што тој го нарекува, балкански лингвистички Моцарт,  како еднодневна драмска сага за животот и смртта на Крсте Петков Мисирков“ , додавајќи дека  „историјата и трагедијата се синоними во неговото творештво и меѓусебно се определуваат и проникнуваат едната со другата“.

Во текстот на овој бележит македонски драмски писател, пишува Старделов, се покажува остварено речиси неостварливото: во еден единствен ден, од наутро, на изгрејсонце на 26 јули 1926 година во 4 часот и 52 минути, до зајдисонце на истиот ден во 19 часот 1 минута и 2 секунди, да се сублимира не само животот и делото на овој наш великан, кој изврши коперникарски пресврт во македонцките работи, туку и дел од нашата историја во постилинденскиот период. Во драмата што се одвива  пред нас на исповед пред Мисирков доаѓаат многу бележити Македонци од првата половина на XX век, како Чернодрински, Ростковски, Ефтим Спространов, Теодосија Гологанов, Петар Поп Арсов, Димитрија Чуповски, Бодуен де Куртене и  други .

Дека можело невозможното, за 15 часа 52 минути и 20 секунди, да се направи возможно т.е. во животот и смртта на еден човек да се прикаже капиталното дело на Мисирков на фонот на македонската историја во XX век, треба да ѝ заблагодариме на ретката и голема дарба на Јордан Плевнеш историјата да ја мисли синтетички во збити драмски сцени-алегории и метафори и притоа во големите македонски идеи да ги вгради големите македонски ликови на историјата, а во овие последниве тие големи идеи, смета академик Старделов.  А за толку сугестивно да се открие и книжевно осмисли таа македонска голгота не е  потребна само ретка писателска дарба, туку и ретка историска ерудиција која возфалува и обвинува во неговите препознатливи и искричави монолози и дијалози за драмата на Македонците во милениумската сага на нивниот опстој во времето и во историјата.

За историскиот бол и историскиот лелек

Според Старделов, Плевнеш ја сфаќа и ја практикува уметноста (својата драма и својот театар како историска уметност), како проникнување на уметноста со историјата. Тој негов театар нè наведува и всредсредува на длабочините на нашата историја и на нејзините односи со светот и со нас во светот, театар кој не е само историја во движење, туку и своевидна метафизика во движење, од која кипти историскиот бол и историскиот лелек, историската оддушка на Македонија. Тој плевнешки театар ги изразува, всушност, потиснатите историски проклетства во нас самите ослободувајќи нè од нив.

Неговиот театар е театар на македонските историски катарзи, во кои, како што ќе се покаже во случајот на „Последниот ден на Мисирков“, насилството, македонските трагични самоубиства и крвопролевања се преобратиле во служба на насилство на мислата и умот. А тоа е така бидејќи македонската историја е непрекината историја на слободата. Притоа, како што вели Старделов,  неговите сцени, но и неговите дијалози не делуваат само како силно нагласена историска реторика, туку и како фрагменти од монументални сцени на соништа, на сцени на сенки и привиденија, на магиски церемонии и ритуали.

Во својот текст за драмата „Последниот ден на Мисирков“, академик Георги Старделов пишува: „Мисирков умира, секој час треба да се случи неговата смрт. Тој е во Александровската болница во Софија во болничка соба со 12 кревети. Тука до него е само неговиот син Сергеј. На прашањето од Мисирков: Дали дојдоа луѓето? Синот одговара дека никој нема… Мисирков ги превртува очите како во сон и настојчиво повторува: „Пристигнаа ти реков, нека влезат“. Од тој час крај неговата посмртна постела, како насон и во привиденија, минуваат многу наши познати и знаменити луѓе. Прва со кожена торба изникнува од подземи сенката на Чернодрински. Тие го почнуваат својот дијалог со многу надреалистички елементи во него кои имаат, меѓутоа, длабока историска конотација. Отворајќи ја кожената торба Чернодрински се подготвува да му испрати, преку него на Бога, некои свои документи од кои Господ треба да дознае сè во врска со Мисирков и со Македонија. Притоа му го споменува неговиот дипломски труд одбранет на Универзитетот во Санкт-Петерсбург 1902 година за македонскиот крал Марко и познатата епска песна „Марко Крале ја губи силата“. Мисирков вчас се поистоветува со неа.

Вели: „Се прашував јас сиот мој живот, гол и бос, сакав ли да ја кренам Македонија во една торба, па останав и без неа и без силата“. Од нивниот дијалог се откриваат потоа многу историски доблести во личноста на Мисирков. Македонија, вели Чернодрински, имала лингвист што ќе ги растајни патиштата на македонскиот јазик, дека на Балканот веќе зборот револуција ќе биде заменет со зборот еволуција, дека без слободна Македонија не може да има цивилизација на Балканот и, можеби најсуштественото, дека за неговата книга „За македонцките работи“, како што вели Чернодрински неизвесно е (а неизвесно е тоа сè до денес) дали ќе бидат повеќе оние што ќе сакаат неа да ја читаат, или оние што ќе сакаат да ја спалат на клада и да ја стават на index librorum prohibitorum.

„Змија во лебот“

Академик Старделов смета дека Јордан Плевнеш тоа го компонира, користејќи мизансцен од театарот на Арто, со возобновување на клучните настани од животот на Мисирков низ една колекција на сенки што ги става во драматуршка функција за да го расветли и протолкува големото дело на Мисирков, но и да ја објасни својата јазолна идеја (преку втората сенка) во која Мисирков пред публиката на Српско народно позориште, во декември 1903 година, ја коментира првата реченица во „Македонска крвава свадба“ која гласи „Змија во лебот“, дека Змијата е нашиот македонски меѓусебен раздор и разгром, а лебот Македонија.

Потоа, меѓу сите сенки и привиденија исчезнува и сенката на Чернодрински но изникнува наеднаш сенката на рускиот конзул А. А. Ростковски со истиот револвер со кој е убиен. Тој нивен дијалог е мошне индикативен, подвлекува Старделов. Ростковски, на Мисирковиот став дека тој револвер стрелал во Руската империја, го вели сосем обратното, дека со него не требало да биде убиен тој, туку Мисирков (кој бил заедно со него во пајтонот) и дека тој што сакал да го убие него, всушност имал друга цел: „убивајќи те тебе да ја убие де факто Македонската формулирана идеја, бидејќи македонски неформулирани идеи имало и има многу… Без Тебе, вели амбасадорот Ростковски, Македонија ќе беше без дефиниција, значи без минато, без сегашност, без иднина“.

По него на доаѓа сенката на Спространов која бара прошка за писмото (за кое Мисирков никогаш и не дознал), а во кое тој го денунцирал Мисиркова (макeдонцка работа) до господинот министер-претседател на Бугарија за неговото сепаратистичко национално движење и за „лудориите на македонската фонетика“. Воопшто во тоа поклонение пред Мисирков, односно со монолозите на Мисирков што ги води со нив, во присуство на синот Сергеј, ги дефинира основните упоришта на неговата национална програма резимирана во значенското поле на македонскиот дух на мапата на Балканскиот Полуостров, кој, како и сонцето никогаш не може да биде поделен.

Реплики од драмата „Последниот ден на Мисирков“

ПЕТАР ПОП АРСОВ:  Македонија, брате Мисирков, е претворена во црна берза на крвави филијали… Се празни Македонија од самата себе си…. Сите светски мировни конференции потврдија дека немаме критична маса на единство за да создадеме држава.. Сега веќе се убиваме и низ Европа, лани во Бург-театрот во Виена, пред Скала ди Милано, на  Карловиот мост во Прага.. Секое утро кога се будам си велам, денеска редот ми е мене. И се уште не сум убиен… Теоретски гледано, а реализирано во крвава меѓусебна истребувачка прагма, нашето движење е рамно на самоуништување…

МИСИРКОВ: Си го проплаков мајчиното млеко, пишувајќи дека сите треба да се соберат околу една национална програма… Ако антагонизмот го дели македонското национално битие, ние ќе дојдеме до една досега ни видена ни чуена историска перспектива во Европа. Ќе има Македонија, a ќе нема Македонци!

ДОКТОР ДАВИДОВ ( на милосрдната сестра н.з.) Јас мислев тогаш, кога првпат го видов да и се обрати и на државата за интервенција за да отпатува во некоја од овие медицински  дестинации што ги спомнав… Но, на која држава…??? Тој е лингвист на еден јазик без држава… Знаете дека Македонците на Балканот се можеби најголемите идеалисти, но тие немаат држава. Господинот Мисирков е симболички пример за нивното немање држава по две основи: основата по која хируршки  не можеше да биде интервенирано за да се спаси, и основата по која нема ни пари кој да му го плати ковчегот… Тој судбоносно ги покрива сите делови на Македонија по нејзината поделба: Роден е во делот што и припадна на Грција, умира во Бугарија, а неговата дејност беше пред сe сврзана со македонските градови Битола и Скопје, што сега се во Кралството Југославија…

(продолжува)