Блаже Миневски

(Јордан Плевнеш за судбината на балканскиот лингвистички Моцарт: Мисирков од Македонија во Европа и Светот!)

„Во лавиринтот на европските јазици каде што дејствува светскиот феномен наречен глотофагус (јадач на јазици), каде што голем број на јазици со писмена традиција биле жртва на горе споменатите политички катаклизми т.н. „пет историски минути” понекогаш го спасувале континуитетот на еден јазик. Петте историски минути на македонскиот јазик по Мисирков, може да бидат откриени во 3 преломни мигови на македонската историја во ХХ век“, пишува Јордан Плевнеш во својот есеј за „Македонскиот јазик во глобалниот свет“, напишан пред дванаесет години.

По крвавото задушување на првата Република на Балканот, по националната Илинденска револуција и нејзиниот краткотраен век од само 10 дена,  во 1908 година, за време на Младотурската Револуција, турски воен оркестар по Широк Сокак во Битола, –  древниот македонски град – европска метропола на Балканот, во чија непосредна близина се наоѓа Хераклеа Линкестис со најзначајните мозаици во Европа, со камчиња во 27 бои, основан од Филип Македонски, каде Александар си играл како дете, пред да го освои светот, –  ја пее македонската песна:„ Ајде болно лежи мојто либе, болно лежи на постела, ни умира ни станува, ни на Бога душа дава.“

Тоа чувство, со забраната на македонскиот јазик во трите дела на Македонија, под Бугарија, Грција и Србија, продолжува и по првата и меѓу двете светски војни, со голем број на мистериозни политички убиства кои го воведоа во политичката историја терминот Мацедонише цуштенде или македонски состојби, односно, што во превод значи состојба во која не се знае кој кого убива и во чие име. Но денес, јазичкиот експерт на Европската Унија Жорж Керсоди во својата книга „Јазиците без граници“, или „Откривање на јазиците на Европа“, објавена во Брисел во 1998 година, отворено тврди дека македонскиот јазик меѓу 39 јазици на Европа ќе се зборува во Европскиот Парламент и во сите останати институции на Европа, како јазик кој е рожба на европската и светската лингвистичка меморија“, подвлекува Плевнеш.

„Затвореник во јазик!“

„Пролетта 1988 година на Интернационалниот симпозиум посветен на драмата „Р“, изведена на Големата сцена на Универзитетскиот театар во Далас, Тексас, американскиот театролог Роберт Кориган го прашува авторот Плевнеш, зошто главниот херој Максим Бродски се нарекува „затвореник во јазик“, а тој му одговара, затоа што тој е заљубен во балканскиот лингвистички Моцарт, Крсте Мисирков, кој го проповедал македонскиот јазик во повеќе европски центри а тој бил забранет во неговата родна Македонија. Затоа монолог на Бродски  „седум остри сабји го сечат мојот јазик“ е метафората за балканските пропаганди кои со векови го негираат македонскиот јазички идентитет.“

Во една друга прилика,  вели Плевнеш, седум години подоцна, пролетта 1995 година на Универзитетот во Јеил, по премиерата на „Среќата е нова идеја во Европа”, за која пишуваше и „Њујорк Тајмс“ , францускиот комаративист Жак Гишарно му поставува прашање за тоа како е можно Македонија да го држи светскиот рекорд во конзервација на солзи според македонските археолози кои откриле Лакримариум во Требеништа во кои се чуваат солзи на непозната охридска принцеза.

„Според нашиот лингвист Мисирков на Балканот има многу забрани од кои најапсурдна е дека е Забрането дури и да се плаче на македонски јазик. Студентите ми подарија аплауз за одговорот“, ќе одговори Плевнеш.

Во 2009 година, есента, на Американско-Македонската конеференција  во Солт Лејк Сити во државата Јута беше прикажан филмот „Тајната книга“ во кој главниот протагонист Павле Бигорски раскажува еден историски настан од времето на Богомилите кога за време на крстоносните походи во Преспанскиот Голем Град физички му е пресечен јазикот на еден од анонимните херои на првата интелектуална револуција во Европа. Лондонски „ Гардијан“ за филмот пишува: „Македонскиот етнос е како хард-диск, што со текот на вековите апсорбирал духовни кодови. Тајната книга или Кодот на Да Винчи? Коинциденција или заговор? Ваше е да одлучите!“

„Пред асамблејата американски и европски лингвисти и книжевни историчари се сеќавам дека го споменав името на Мисирков во Дваесеттиот век! Реков дека средновековната приказна се повторува и во Модерните времиња бидејки Мисирков иста судбина доживеал  на денот на неговата смрт на 26 јули 1926 година. Кога умрел немало кој да ги плати погребните трошоци и милосрдните сестри од Александриската болница собирале доброволен прилог за да биде испратен во Вечноста!“, вели Плевнеш. Во драмата „Последниот ден на Мисирков“, докторот  Давидов меѓудругото на една од милосрдните сетри и кажува нешто што може да биде и дефиниција и матафиора за  судбината на Мисирков но и за македонската трагедија: „Во случајот на господинот Мисирков состојбата е совршено јасна: големината на туморот во неговиот мозок е обратно пропорционална со секаква надеж…Хируршката интервенција беше возможна пред неколку месеци и тоа во некој од европските центри или во Америка… Но кој ќе го платеше тоа… Гледате, неговата сопруга и синот не знаат кој ќе го плати ковчегот… Јас мислев тогаш, кога првпат го видов, да и се обрати и на државата за интервенција за да отпатува во некоја од овие медицински дестинации што ги спомнав… Но, на која држава…??? Тој е лингвист на еден јазик без држава… Знаете дека Македонците на Балканот се можеби најголемите идеалисти, но тие немаат држава. Господинот Мисирков е симболички пример за нивното немање држава по две основи: основата по која хируршки не можеше да биде интервенирано за да се спаси, и основата по која нема ни пари кој да му го плати ковчегот… Тој судбоносно ги покрива сите делови на Македонија по нејзината поделба: Роден е во делот што и припадна на Грција, умира во Бугарија, а неговата дејност беше пред сe сврзана со македонските градови Битола и Скопје, што сега се во Кралството Југославија…“

„Ако Мисирков заминеше во САД, негаторите ќе велеа дека македонскиот јазик е конструкција на ЦИА!“

Во ноември  2019 година за  време на промоцијата на американското издание на романот „Осмото светско чудо во Вашингтон на барање на поголем број универзитетски професори, писатели и новинари, Плевнеш  го презентира својот есеј „Македонскиот јазик во глобалниот свет“, посветен на Мисирков и на еврејскиот публицист Теодор Херцл, кој во иста година  со книгата „За македонцките работи“ ја објавува својата книга „За еврејската држава“,  сонувајќи дека еден ден, врз пепелата на историските соништа ќе се создаде новиот Израел:

„По предавањето бевме во официјална посета на Конгресната Библиотека  и таму по скалите и книжните рафтови го видов духот на Крсте Петков Мисирков, кој ако не умреше во 1926 година, и ако дочекаше да ја искористи одобрената државна стипендија од САД за студиски престој на Колумбија Универзитетот во Њујорк за учебната 1926/27 година, балканските негатори на македонскиот идентитет ќе зборуваа не дека Коминтерната го измисли македонскиот јазик туку дека македонскиот јазик е конструкција на ЦИА!“, вели  Јордан Плевнеш, кој, како што признава самиот, речиси полни педесет години го сонува Крсте Петков Мисирков, човекот без кој Македонија ќе беше без дефиниција.

На крајот, за да го заокружиме овој текст за Мисирков во мислите и соништата на Јордан Плевнеш, македонски писател со интернационално реноме, ќе ја парафразираме последната сцена од неговата драма „Последниот ден на Мисирков“, чие џепно издание излегува деновиве во „Матица Македонска“, во која, во пајтонот од копнежи, соништа и желби, во свадбена облека, седат вечниот Мисирков и неговата бескрајна љубов Екатерина:  „Be молам, возете од Санкт-Петербург директно за Пела, во Античка Македонија, во чијашто непосредна близина се наоѓа неговото родно село Постол…“, вели таа. „ Пред тоа поминете преку Прага, Полтава, Кишинев, Бердјанск, Виена, Стокхолм, Белград, Софија, Скопје, Солун, Битола…“, вели тој. „ Поминете, Ви се молам, и преку Одеса..“, додава таа. „ He, не … Ви се молам, не … Љубов моја… Заборави ли дека царско-руските органи на прогонот можат да ме уапсат, бидејќи сѐ уште не е подигнат тиражот на „Вардар“ и не се платени печатарските трошоци…“, реагира тој. „Возете тогаш директно за Престолнината Пела, не застанувајте никаде, секаде можат да те уапсат, бидејќи никој не ја признава Македонија, освен ти…“, се согласува таа. „Тогаш возете по небото… Од небото ќе ги гледаме тие чудесни градови во кои толку многу страдавме и толку многу се љубевме…“, вели тој, балканскиот лингвистички Моцарт, а потоа однекаде низ дожд што личи на сончеви солзи се слуша аријата на Ленски од „Евгениј Онегин“ на Чајковски.

(крај)