Документните од Архивот на тито потврдуваат дека и некои проверени кадри и верни борци за Македонија и македонското прашање во еден период се нашле во извесна идеолошка конфузија во врска со нивната определба околу ставовите на БРП(к) и КПЈ.
Така, на пример, Васил Ивановски, автор на статијата “Зошто ние Македонците сме одделна нација”, меѓу другото ќе напише дека ‘несреќната Македонија, поставена меѓу чеканот и наковалната, ќе треба да ги поднесе ударите на национализмот на југословенските раководители, но да ја чувствува врз себе и рутината на некои застарени и погрешни погледи на ЦК на БРП(к) по македонското прашање’.
Според ‘Титовите документи’, незадоволен од состојбите во НР Македонија, особено од некои методи на централизација на власта и односот на југословенското ракводство, во едно писмо од 1 декември 1945 година, испратено до Георги Димитров и Васил Коларов, Ивановски подробно информира за состојбите во Македонија. Меѓудругото го цитира и мислењето на Ченто, кој наводно изјавил дека ‘поради односот на некои одговорни фактори, ние во Македонија не можеме да го довршиме нашето дело така како што замислувавме’.
Тој изнесува и некои податоци во однос на стандардизирањето на македонскиот литературен јазик што се одвиваше во рамките на комисиите формирани за таа цел. На крајот заклучува дека ‘здравите и правилно ориентираните кадри во Македонија, многу се надеваат и сметаат на вашата врска со Советскиот Сојуз и со Маршалот Тито за подобрување на положбата’.
Во своето писмо, кое стигнало и до Тито, иако не било упатено до него, Ивановски заборува и за одредено антибугарско расположение што наводно се создавало во НР Македонија. Имено, Ивановски алудира на градење добрососедските односи и на самостојноста на Македонија и на македонската нација, а не на нејзиниот ‘бугарски дух’.
На пример, нема причини да не му се верува на Васил Ивановски, кој во обвинувањата на личности во југословенското врвно раководство за грешки по однос на македонското национално прашање, на прво место го става Милован Ѓилас, кој Илинденското востание го квалификувал како бугарско востание и барал тоа да не се празнува. Ивановски го обвинува Ѓилас и за тоа дека не бил задоволен од јазикот на весникот ‘Нова Македонија’, на што наводно реагирал: ‘Каков е овој бугарски весник’, со што всушност застапувал курс за поголемо србизирање на македонскиот јазик.
Понатаму се додава дека ‘раководните фактори во Белград и во Скопје се плашеле од етничката (јазична и др.) блискост меѓу македонскиот и бугарскиот народ’ и затоа мислеле дека ‘колку подалеку во културен и политички однос го држат македонскиот народ од Бугарија, толку поцврсти ќе бидат врските на нашиот народ со народите на Југославија’. Тоа се смета како причина за ‘изопачувањето на македонскиот јазик и азбука’, како и за недопуштањето на бугарски весници и литература во Македонија. Притоа се истакнува дека таквата политика може да биде повод за ‘буржоаско-националистичките михајловистички и други реакционерни елементи во Македонија да создаваат расположение против бугарскиот и српскиот народ’.
Според историчарот д-р Новица Велјановски, кој имал увид во архивот на Тито, отворен и ставен на користење на научната јавност од неодамна, фондот содржи мошне значајни документи создавани или архивирани во Кабинетот на петседателот на Југославија кои фрлаат светлина на многубројните проблеми со кои се соочувала федерацијата во текот на близу 40 години.