Блаже Миневски
Дали Тито бил под влијание на некои српски националистички структури уште за време на војната, или одлуките во однос на Македонија ги носел сам? Зошто побарал посебен „елаборат“ за таканаречениот „македонски проблем“? Овој „елаборат“, со ракописен параф врз него од Тито, бил изготвен на 4 јули 1944 година од страна на Србинот Сретен Вукосавлјевиќ, и во него меѓудругото стои дека, според Србите, „ ако со целиот Вардарски слив владее само еден сопственик, тој не само што ќе владее со една покраина, за која Србите мислат дека е етнички и историска нивна, туку тоа е многу опасно и за останaтите српски покраини, средишните и најважните“. Во продолжение на елаборатот, доставен лично до Тито, се вели: „Тежнеењето со оваа долина да се добие пристап до Белото море, иако понекогаш силна, сепак за Србите е само спореден мотив во борбите за Вардарската долина. Поради тоа тие секогаш прилично лесно се помируваа со Грците околу Македонија, доколку Грците не бараат повеќе од тоа да го имаат под своја контрола само излезот на Вардарска долина на Белото море“. Србинот Вукосавлјевиќ го информира Тито и за економските проблеми на Македонија, потенцирајќи дека Македонија без Србија нема шанси да преживее, потоа за историската свест, односно дека „заедничка македонска историска традиција нема воопшто и нигде“.
Според него, „нема македонска епска поезија, нема македонски приказни, нема споменици на материјалната култура, пишани дела, кои Македонците ги сметаат за своја заедничка сопственост“, потенцирајќи дека „српската држава била последна држава, која со Македонија владеела пред турското ропство“, а јазикот што се говори е „ресавско-призренски дијалект на српскиот јазик“. Освен ова, Тито тој јули во елаборатот на Сретен Вукосавлјевиќ за таканаречените „македонски проблеми“ можел да прочита и дека „да се говори за дејствувањето на ВМРО како за дејствување на создавање посебна Македонија и од тоа создавање на некаква македонска револуционерна традиција е потполно неточно. Ова во најчест случај е свесно и планско искривување на фактите, камуфлажа во корист на Бугарите. Во заклучокот на својот „елаборат за Македонија“, Србинот Вукосавлјевиќ, кој во еден период ќе извршува и високи функции во новата југословенска федерација, го информира Тито дека се „трудел да ги изложи сите главни факти“, сфаќајќи ја „одговорноста за тоа на кого му поднесува извештај и во какви услови“, притоа подвлекувајќи дека „ако бил необјективен како Србин, тоа е само ненамерно“, сметајќи дека ниту еден факт не е „многу искривен“. Според него, „Македонија се создава сега под најнеповолни морални и политички услови за Србија“, односно се создава „непосредно по режимот кој беше прогласен за србијански, омразен сегде, а особено во Македонија“, па оттука „Македонија се создава како негација кон Србија“. Сосема на крајот од овој „елаборат“, Тито можел да прочита дека „ако македонското прашање се реши така што ќе ја навреди или загрози Србија, решението нема да биде стабилно и ќе предизвика многу големи неприлики и во Македонија и во Србија. Затоа треба Србија да се прифати како страна во решавањето на спорните работи. Слични, но помали неприлики ќе има и со Бугарија, ако областа во долината на Струма остане во југословенска Македонија или ако делови од бугарска Македонија бидат вклучени во југословенска Македонија. Не може ниту да се замисли грчка Македонија да се приклучи на југословенска Македонија. Грците тоа нема да го дозволат, а доколку тоа се направи со сила, ќе работат секогаш и со сите средства таа Македонија да ја разбијат. Треба да се знае дека Грците се најнационалистичкиот народ на Балканот. Доколку сепак се направи такво нешто, тоа ќе значи постојан тежок судир со Грција и грчкиот народ. За Југославија тоа би значело дека ќе мора секогаш со сила да одржува една таква Македонија. Би значело непомирлив и континуиран судир со Грција, а Грција во тој судир никогаш не би била сама… Значи, грчка Македонија мора да остане во Грција“, завршува Вукосавлјевиќ. Се разбира дека Тито го прочитал овој „исцрпен“ елаборат пишуван на машина за пишување на српски јазик со латинична азбука, иако осум месеци пред тоа веќе испратил покана до македонското раководство за рамноправно учество на Македонија и македонскиот народ во формирањето на првата, Привремена влада на нова Југославија.
Албанска загриженост за Македонија!
Според документите од Архивот на Тито, југословенската разузнавачка служба постојано го информирала Кабинетот на Претседателот дека во Албанија сосема малку се афирмира државноста на македонскиот народ и дека постои видлива свртеност кон албанско-југословенските односи и особено кон прашањето на Косово и западниот дел на Македонија. Кога било во прашање Косово, албанската опозиција и особено националистичко-профашистичките кругови често се конфронтирале со владата за тоа каква треба да биде иднината на Косово и териториите на Македонија на кои живеат Албанци. Енвер Хоџа, на пример, преку официјалниот орган „Башкими“ полемизирал со опозицијата изнесувајќи ги своите видувања за Косово и Македонија. Сметал дека оваа парола ја покренувале италијанските фашисти со цел да го излажат албанскиот народ да остане под нивна власт и да внесат раздор кај него. Ваквиот став бил и официјален став на КП на Албанија и на Владата на Албанија.
Меѓутоа, по појавата на Резолуцијата на ИБ, Албанија била првата или една од првите која ги прекинала односите со Југославија, а битно се изменил и одност кон Македонија и Косово. Албанија влезе во блокот на народната демократија предводена од СССР. Од страна на Албанија не само Југославија туку и Македонија била посочена како виновници за лошите југословенско – албански односи. Албанското раководство одговорило на обвинувањата од ЦК на КПМ од 1 јули 1948 година дека не ги поттикнува албанските шовинистички елементи во Космет и во Македонија против ФНР Југославија, и дека тоа го смета за неаргументиран, пропаганден атак врз Албанија.