Блаже МИНЕВСКИ
Во јануари 1945 година, во специјална, тајна мисија за дефинитивно изолирање и отстранување на претседателот на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов -Ченто, во Скопје доаѓа д-р Дарко Чернеј, началник на одделението за изградување на народната власт при НКОЈ. Во извештајот што го испраќа од кабинетот на Колишевски, меѓудругото стои:
„На 8.1.1945 г. отпатував од Белград. Во Скопје стигнав на 9.1. вечерта и уште истата вечер стапив во контакт со другарот Лазар Колишевски, на кого му го предадов придружното писмо. На 10.1. претпладне, другарот потпретседател Лазар Колишевски ме запозна со дел од членовите на Президиумот на АСНОМ. Попладнето ја почнав работата во Поверенството за изградување на народната власт, основано дури по Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 година. На чело на поверенството повереник е Никола Минчев, стар 29 години, учител, подоцна банкарски службеник, роден во Кавадарци, кој веќе работел како политички работник на теренот. Негов помошник е Томо Лазаров, стар 35 години, адвокат, роден во Битола, кој досега работел во ОЗНА…
Колишпевски да ги решава тековните работи без Ченто?!
Во разговорот со членовите на Поверенството за изградба на народната власт и со потпретседателот на Президиумот на АСНОМ, другарот Лазар Колишевски, го поставив предлогот дека треба пред се да се изврши нова административна поделба на Македонија, односно од три би се преминало на 6-8 окрузи, а со тоа би се остварил непосреден контакт на повисоките органи на народната власт со теренот и со тоа би му се приближила власта на народот, значи власта би се демократиззирала. Таквата поделба би создала од сегашна Македонија, а евентуално и од проширената Македонија, похомогена целина, а со тоа би користела за создавање и зацврстување на македонската националана свест. Конечно, таквата поделба би ја сообразила административната структура на Македонија со структурата на другите федерални единици на Југославија.
Поверенството за изградување на народната власт во најкусо време ќе изгради предлог за административната поделба на Македонија врз основа на образложените начела, кој предлог потоа би можел да му се предложи на Президиумот на АСНОМ за донесување на одлука.
Во разговорот со членовите на Поверенството за изградување на народната власт и со потпретседателот на АСНОМ, другарот Лазар Колишевски, ја дадов следната сугестија: „Дел од поверениците почесто да се повикуваат на заедничка седница, како потесно тело, а на тие седници, под претседатеелство на потпретседателот на АСНОМ, Лазар Колишевски, да ги решаваат сите тековни работи…“
Ова таканаречено „работно тело“ на Президиумот на АСНОМ го сочинуваат Лазар Колишевски, еден од секретарите и дел од поверениците на Президиумот, со што во суштина значително е ограничена власта и влијанието на претседателот на Президиумот, Методија Андонов – Ченто. Дејноста на „работното тело“, како што пишува д-р Вера Весковиќ- Вангели во предговорот на збирката записници од заседанијата на Президиумот на АСНОМ од август 1944 до 28 мај 1945, го исполнува временскиот период меѓу Второто и Третото заседание на АСНОМ. За неполни три месеци, „работното тело“ на чело со Колишевски, одржало пет седници на кои се донесени и усвоени шеесетина решенија, одлуки, правилници и други акти од областа на изградбата на власта, за стопанството и обновата на земјата, за финансирање и монетарниот систем, акти за платите на чиновниците и државните службеници, одлуки од областа на просветата, културата, школството, решенија за социјалната политика и здравството, а донесени се и бројни акти од областа на работничкото законодавство, одлука за ревизија на станбениот фонд итн.
Според д-р Новица Велјановски, иако ова таканаречено „работно тело“ не било замислено како орган, сепак се претворило во орган кој презел повеќе ингеренции од ингеренциите што му припаѓале на Президиумот на АСНОМ. Овој документ, односно извештај на специјалниот пратеник на Тито и Кардељ, ексклузивно потврдува дека акцијата за отстранување на Ченто почнала уште во јануари 1945 година, но Ченто, борејќи се со паралелната власт што ја контролирал Лазар Колишевски со поддршка на Тито, оставката од фукцијата претседател на Президиумот на АСНОМ ја поднесува една година подоцна, на 14 март 1946 година. Само четири месеци подоцна, на 14 јули Ченто е уапсен, а за апсењето во јавноста ќе се дознае дури на 31 јули 1946 година. Следниот месец веќе е покренато обвинение против него, а три месеци подоцна, на 19 ноември 1946 почнува процесот, кој траел само три дена, односно на 21 ноември Ченто е осуден на 11 години затвор.
Со тоа всушност е завршена елиминацијата на првиот претседател на Македонија, кој барал во уставот на Југославија да влезе правото на републиките на самоопределување и отцепување, а пред тоа отворено се противел, на пример, македонскиот 15-ти корпус да оди на Сремскиот фронт, залагајќи се за обединување и поголема самостојност на Македонија, поголема финсиска независност и сопствен буџет. Се разбира, „другарите“ од Белград не можеле да му простат ни за тоа што се спротивставувал на одлуката за враќање на имотот на избеганите српски колонисти и слично.
Тито му ја предава целата власт во Македонија на Лазар Колишевски!
Во меѓувреме „работното тело“ подготвува терен за преземање на власта без да се почитуваат принципите на АСНОМ, па Колишевски, со поддршка и знаење на Тито, веќе се подготвува за таа улога и на 16 април 1945 година формира влада на чие чело ќе остане до 1953 година. Во своето прво обраќање пред народните пратеници меѓудругото ќе рече:
„Пред да ја составам листата на нашата влада, разменив мисли со многу другари и членови на фронтот. Така, разменувајќи ги мислите со ним најдов, дека тие другари наполно ќе одговорат во составот кој денеска го вигјате пред нас. Гледав да во новата влада бидат застапени по возможност сите малцинства и како што гледата се застапени. Втор потпредседател на владата е Турчин, Абдурахман Ахмедов, како министер за социјална политика Неджат Аголи, Албанец, како представител на албанското малцинство. Во владата влезе и д-р Попадиќ. Тој не само што е Србин, туку е и активен борец во нашите партизански одреди и веќе десет години живее во Македонија, така да е наполно запознат со битот и животот на нашиот народ“, додавајќи дека „политиката на правителството ќе биде насочена и кон това да можат да се приобштат кон новата власт сите тие елементи кои до сега стоеле на страна и не зеле участие во изградуенјето и подршката на нашата власт. При тоа требе да се има вид дека ние нема да правиме никакви отстапки и никаков компромис на штета на широките народни маси, кои стварно дадоа во таа борба и денес проливат крвта за ослободувањето“.
Бидејќи Ченто фактички веќе е тргнат од власта, Колишевски составува влада со претседател, два потпретседатели и 10 министерства. Претседател на владата е Лазар Колишевски прв потпретседател и министер за финансии е Љупчо Арсов, а Кирил Петрушев е втор потпретседател и министер за внатрешни работи. Министер за просвета е Абдураим Мехмед, министер за правосудство е Павел Шатев, а министер за индустрија и рударство е Страхил Гигов. Министер за трговија и снабдување е Тоде Ношпал, за земјоделство и шумарство Богоја Фотев, министер за народно здравје – Вукашин Попадич, министер за социјална политика е Неџат Аголи, а за градежништво Георги Василев.
Една година подоцна била извршена ротација на неколку министри од претходниот состав. Од составот на владата излегува Страхил Гигов а нови министри стануваат Даре Џамбаз и Цветко Узуновски. Министерот Љупчо Арсов ја задржува функцијата прв потпретседател на Владата, но наместо министер за финансии станува претседател на Контролната комисија при Народната влада на НРМ, значи го предводи телото што ја контролира Владата во име на Белград, заедно со Колишевски, се разбира. Истовремено Даре Џамбаз станува министер за финансии, а Цветко Узуновски министер за внатрешни работи на местото на Кирил Петрушев, кој, наместо Министерството за внатрешни работи, го презема Министерството за градежништво, а Георги Василев, наместо Министерството за градежништво, го презема Министерството за индустрија и рударство. Министерот за внатрешни работи Цветко Узуновски-Абаз само два месеца откако ја презема функцијата веќе ја има спакувано приказната за бегството на Ченто преку граница, па на 14 јули го апси, а на 31 јули соопштива дека е уапсен првиот претседател на Македонија. Методија Андонов-Ченто. Со тоа завршува првата фаза во работата на таканареченото „работно тело“, кое, всушност, е „стечајна управа за Македонија“, а работи под заштита Кардељ, односно Тито.
Значи, според документите до кои дошол Велјановски во Архивот на Тито, по Второто заседание на АСНОМ, во Президиумот на АСНОМ, без правна основа, по барање на федерацијата, бил формиран посебен орган наречен „Работно тело“ при Президиумот на АСНОМ, кој со својот состав и со ингеренциите што ги презел врз себе, ја стеснил улогата на Президиумот на АСНОМ како законодавен и извршен орган на македонската држава. Всушност, формирањето на „Работното тело“ по налог на федерацијата, без да има некое посебно расположение па и потреба за тоа во Македонија, значи отстапување од изворните решенија на АСНОМ, кои на македонската држава и овозможуваа извесно самостојно настапување во меѓународните односи и организирање на сопствена одбрана. За жал, набргу уследија промени со централизирање на армијата и стапување на македонската војска во неа, со што се изврши натамошно ограничување на македонскиот државен субјективитет.