Блаже Миневски

Во приватната архива на Михаил Герџиков, која се чува во семејството на потомците од неговата ќерка Магда во Софија, постои фотографија-портрет на Гоце Делчев со негова посвета. Фотографијата е направена пролетта 1902 година во ателјето на Александар Владиков во Софија. На задната страна од фотографијата има две посвети на Гоце Делчев. Првата е за Михаил Герџиков:

„На Михаил Герџиков најдобриот мој пријател и единствен другар по судбина“. Втората посвета со потпис на Гоце е за семејството Герџикови: „ На семејството на  Иван Герџиков да ги помни и да не ги заборави пријателските и братски врски со Мишел. Пловдив, 21 април 1902 г.  Гоце“. Во долниот дел на фотографијата има текст со потпис на Јанка Каневчева. Тој текст е допишан подоцна, во времето кога Јанка веќе е мажена за Михаил Герџиков, значи најверојатно по 1907 година. Текстот со потпис на Јанка е во најдолниот дел од задната страна на фотографија:

„Убиен во борба кај с. Баница (Серско) на 21 април 1903 г.“

Фотографијата на Гоце од приватната архива на Герџикови

Позадината на фотографијата со двете посвети напишани лично од Гоце

Како вереница на Гоце, охриѓанката Јустинијана (Јанка) Каневчева за неговата смрт дознава неколку дена подоцна. Следните неколку година таа ќе ги помине во црнина, иако не била вдовица туку девојка; тој и таа си имале дадено збор само меѓу себе, без обврски и без сведоци. Шест години подоцна, “откако се родиле чувства меѓу нив”, како што кажал самиот Гоце пред да тргне на својот последен поход во Македонија, Михаил Герџиков  го исполнува аманетот и се жени со Јанка. Следната година им се раѓа ќерката Магда. Војводата Михаил Герџиков, еден од најблиските и најверните соработници на Гоце Делчев, докрај го исполнил заветот на својот другар: Се грижел за Јанка до нејзината прерана смрт, и се борел за Македонија до крајот на својот живот. Вереницата на Гоце ја зел за сопруга, а Македонија, иако само на еден дел, станала независна држава.

Инаку, ќерката на Михаил и Јанка Герџикови, Магда Герџикова е родена на 16 јануари 1910 година. Без својата мајка Јанка останала на 10-годишна возраст, бидејќи првата и последна голема љубов на Гоце, го завршила својот живот во 1920 година, кога имала само 42 години. Магда починала на 99-годишна возраст, на 12 април 2009 година во Софија. Погребана е во гробот на  својот татко Михаил Герџиков на Централните софиски гробишта. Во летото 1943 година, со  својата втора сопруга Марија Стефанова и ќерката Магда, која имала 33 години, бил во Охрид на средба со роднините на Јанка Каневчева. Михаил Герџиков починал на 18 март 1947 година на 77-годишна возраст.

Герџиков и роднините на Јанка Каневчева

Иако по националност бил Бугарин, тој е еден од најзнаменитите борци за ослободување на Македонија, истакнат револуционер, војвода и соработник на Гоце Делчев и Јане Сандански. Се школувал во Пловдив, а студирал право во Лозана и Женева. Бил еден од основачите на Македонскиот таен револуционеен комитат. Под името Тодор Луканов, една учебна година бил учител во Битола, заедно со Даме Груев. Во редовите на македонската револуционерна организација се вклучил во Солун во 1900 година. Потоа предводел чета составена по препорака на Гоце Делчев. Работел во неколку околии во Македонија. Учествувал во Илинденското востание, но и во Балканските војни. Во 1919 година работел во Временото претставителство на бившата ВМРО на возобновување на Организацијата. Поради крвавите пресметки и колежи во ВМРО во 1923 -1924 година, организирани со цел да се обезглави македонското револуционерно движење, Герџиков емигрирал во Виена, каде што се вклучил во редовите на ВМРО (Обединета) на Димитар Влахов. Во Бугарија се вратил во 1934 година, по забраната и растурањето на ВМРО на терористот Ванчо Михајлов. Во Софија се движел меѓу македонската левоориентирана емиграција. До крајот на својот живот останал верен на гоцевата Македонска револуционерна организација.

„А Гоце беше најмекиот, најразбраниот, најуважениот соговорник за сите и за секого. Ќе го сретнеш на улица, а тој мило те кани да му се придружиш. Влегувате заедно, на пример, во кафеаната „Македонија“, седнува, и те поканува да седнеш и ти. Порачува кафе, тешко-слатко, синџирлија, две кафиња во еден филџан, а те понудува да порачаш и ти нешто. Ги собира во џебот манастирските бројаници на кои виси железно распетие на  Исус и вади цигари, става една во цигарлакот систем д-р Кох со стакленце внатре а однадвор напишано „Кукуш“, и те нуди и тебе со цигара. Гоце секогаш почнува прв со разговорот, а ти го гледаш и се вљубуваш во гласот. И гласот те допира право во душата, во најнежните струни. Те прашува како си со една блискост, со едно сочувство што те тера “, запишал во своите спомени охриѓанецот Климент Шапкарев, син на Кузман Шапкарев, близок другар и соборец на Гоце Делчев.

Според Димитар Влахов, пак, Гоце говорел убедливо и ги пленел слушателите со својата добрина, искреност и преданост: „Тој не итруваше, тој не умееше да дипломатствува. Делото на кое тој служеше беше чисто, возвишено, големо, и затоа самиот сметаше дека би било грев ако не му служи верно и со преданост до крајот на својот живот.  Ниту една минута тој не се поколеба“.

Потомките на Јанка Каневчева

По Божиќните празници во 1902 година, пред да замине повторно во Македонија, Гоце доаѓа на проштална вечера кај својата вереница, учителката Јустинијана, Јанка Каневче, охриѓанка која со семејството живеела во Софија. Неговата Јанка подготвува вечера, но му го предава и завршеното црвено востаничко знаме со лав и фигура на девојка. По вечерата го изненадува со убав Божиќен подарок, плетен, срмен елек.  Истата ноќ Гоце се сретнува и со својот драг пријател и соборец, Михаил Герџиков, кој, упорно, на секој начин, се обидува да го убеди да го одложи своето заминување  во Македонија. Герџиков предлага заедно да заминат по неколку недели. Според  неговите спомени, Гоце не сакал ни да разговара за одлагање на патувањето; бил многу растревожен и потиштен од одлуката токму таа пролет да се крене општонародно востание во Македонија. На Герџиков му признал дека ќе стори се да се одложи востанието, затоа што народот не е вооружен и не е подготвен за такво нешто. Војводата Михаил Герџиков, верен другар и долгогодишен соборец на Гоце, запишал дека никогаш не го видел својот другар толку тажен и загрижен како дента кога  заминал за Македонија во обид да го спречи Илинденското востание. Пред да замине го прегрнал и, со солза во окото, му рекол: „Ако се случи нешто со мене, ако ме убијат, има две нешта за кои милеам – татковината и Јанка. Чувај ги и двете. Ако некогаш, подоцна, се родат некакви чувства меѓу тебе и Јанка, бидете благословени.“