Романот „Фантомско стапало“ на Блаже Миневски, кој деновиве излегува во Москва и Софија на руски и на бугарски јазик, а веќе се преведува и на полски, италијански и српски, се случува во време во кое мислиме дека целиот свет е наш, а всушност ништо не е наше, па живееме во она што го немаме наместо во она што го имаме. Го посакуваме она што го немаме, заборавајќи го она што го имаме.
Митко Маџунков: „Маестрален роман за постоењето надвор од постоењето. Вистинитоста на приказната, како и метафоричната поставенoст во однос на централната идеја, толку убедлива, толку биографична, независно од потеклото на самиот извод на податоците, го прави овој роман Големо дело!“
Божин Павловски: „Роман со наповторлив стил, прекрасни мисли, богата и раскошна лексика, сјаен одблесок во македонската проза!“
Јордан Плевнеш: „Маестрален роман што треба да биде читан на сите меридијани и на сите светски јазици. Дело на светски автор од македонско потекло!“
Раде Силјан: „Брилијантно дело кое спаѓа во врвот на македонската проза!“
(времето во нас не се поместува без нас)
Во авионот што тонеше низ пластични ќесиња за да слета на депонијата зад дивите минариња се сетив на Миле Пејкуре: „Ако мислиш дека имаш стапало што го немаш, вели, зошто да не мислиш дека имаш време што го немаш. Но времето не е едно или две. Времето е плипот времиња. Кое време е наше време, вели. И колку трае. Голема заблуда е тоа што веруваме дека имаме многу време, бесконечно многу време за одлагање, рече. Да се одложи значи да се помести за подоцна. Што да се помести?
Ние или времето, вели. Пред да влезам во таксито, го слушнав мобилниот телефон во чантата. Разговорот траеше само неколку секунди: сега е во болница. Пет дена лекарите ја утврдуваа причината и пет дена таа не се предаваше на малодушноста, како што не се предаде никогаш. „Ќе преживеам, а после ќе патам“, вели, се шегува на своја сметка, ги правда лакарите на кои им умираат пациенти од слепо црево, но набрзо ѓаволот ја однесе шегата, ја префрливме во главниот град, а лекарите открија дека ѝ пукнал чирот за кој не знаеше, го пробил желудникот одзади, се воспалила утробата.
Хирурзите направија сѐ што можеа; операцијата траеше пет часа. Ја гледам низ стаклото од терасата на шок-собата. Косата е крената високо над челото. Белите влакна ја собираат како во мрежичка. По брчките се лизгаат ежави зраци, паѓајќи на металниот држач од креветот. Гледам дека жилаво се бори со темнината, се обидува да ги одлепи клепките, но нема сила да ги отвори очите. Помислувам дека сака да се увери дали уште стојам до болничкиот кревет со тркалца што го туркаат кон салата за операции. По неколку минути докторот го отвора прозорецот и со неколку збора соопштува дека треба да бидеме спремни на сѐ, па дури и на најлошото. Мислам оти сака да каже дека сѐ останува во владение на севишниот, вербата во исцеление и силата на болниот што се бори за живот, си реков гледајќи како таа се обидува да живее малку за себе.
Првпат живее за себе, помислив, и знам дека не знае да се снајде. Ги бројам трепетите кога ќе вдиши и кога ќе издиши. Ветрот удира во прозорците. Гавранот со избледен клун, долетан од минатото, се нишка на сувата гранка над терасата: „Времето во нас не може да се помести без нас“, вели и го снемува во модриот скреж над зградата. Како се најде тука, си велам. Зарем не го оставив во она што го нема, помислив.
По погребот останав три дена во куќата без да ги гасам ламбите. Миле Пејкуре доаѓаше да провери како со снаоѓам со загубата, со беспомошноста. Последниот пат ме убедуваше дека мртвите спијат, дека не страдаат; потребен е само познат мирис или допир за да осетиме дека ги имаме до нас, иако реално ги немаме. Го слушам делкањето на каменот во дворот, и знам дека Симон не заминал од моето, заминал од своето време, вели. Во нас постои сведок на она кога сме биле заедно, поинакви од сега, поубави, помлади и подобри. Понекогаш сето тоа се враќа со насмевка што доаѓа без најава, или солза што ќе ја осетиш дури кога ќе се лизне по образот, рече загледан во снегот што се трупа на оградата. Тагата е отсуство, а ние отсуство не признаваме. Признаваме само променето присуство, заврши и го шмркна кафето. На крајот тој замина а јас останав да се спремам и да тргнам колку што може порано за да стигнам на „Мундус вини“ во Нојштад. Во лесниот дремеж пред мугрите постојано како да очекував да заѕвони телефонот на масичката, го чекав повикот што го пропуштав, смислувајќи некакви оправдувања пред совеста. И не само тогаш, и потоа, со денови, чекав да се јави. Да заѕвони телефонот, да ја слушнам како дише, а кога ќе сфати дека ме добила, да го претвори дишењето во радост, иако знам дека одвај ја издржува болката во коленото од која не може ни да стане, да се движи.
(мрморењето како стручно мислење)
Во хотелот во Верона одново го чувствувам мирисот на нејзините трандафили во дворот. Го барам во вината што ги оценувам, но таков мирис не можам да најдам. Денес требаше да бидам таму, си велам, да запалам свеќа, мина веќе толку време, а јас еве одново барам изговор за оправдание. Тебе сега не ти значи ништо дали лажам или не, но јас веќе знам дека некои деца не ги заслужуваат своите родители, помислив гледајќи низ отворениот прозорец во Понте Скалиџеро. „Не биди патетичен, вели мувата што шета по первазот. Прочитај го епилогот на ’Татковци и деца’, од местото што почнува со постојат мали селски гробишта, за да ти стане јасно дека животната несреќа треба да се опише детално, а потоа само да се укаже на последиците“, вели. Го префрлам телефонот во другата рака, обидувајќи се да се сетам на гласот. Во меѓувреме се појавува нејзиниот број на екранот, го допирам со показалецот и, пред да го чујам титкањето што не прекинува, измрморувам: Да, некои деца не ги заслужуваат своите родители. Тој замина со четириесет и седум. Поминаа уште триесет оттогаш. Дали се собираат или се вадат? Дали љубовта е болка и страдање, или чувство дека си присутен како сенка, велам и еден гулаб од оние што слетуваат на туристите кацнува на симсот, ја врти главата, ме гледа од сите страни: „Не будали се, никој не те слуша, не слушаш ли дека титка“, вели а јас се правдам со Амароне, дека сум испил малку повеќе Амароне со вкус на малини но тој не обрнува внимание на тоа, како виор јурнува во правец на куќата на Капулети, слетувајќи на балконот на Јулија. Го спуштам телефонот на масичката, се навалувам на перницата, ги затворам очите и гледам како во дланките ги држи капинките што ги собрала, чекајќи да се залее пиперот во бавчата; ги земавме со палецот и показалецот, ги топевме со јазикот и непцето, а таа стоеше со грстот како за причест. Во времето што не се гледа а осеќам дека е тука, во собата со поглед на Понте Скалиџеро, стоиме кај багремот, тупкаме во попадичето, чекаме да се појави на аголот кај црквата, ја замислуваме измирската алва, симитот со џем од слива, и ништо друго, ни како ги префрлила ридиштата, ни како ги поминала долиштата, ни како го довлекла пазарлакот до дома, помислувам и пак го земам телефонот, гледам во него како во огледалце. Не можам да сфатам дека те нема, велам. „Не лигави се, доцна е, нема да се смени ништо“, вели мувата скриена под рамката на пенџерето. „И не зборувај гласно, како шизофреник“, додаде триејќи ги предните шепи. „Признавам, и јас понекогаш зборувам самата со себе, но тоа е само кога ми треба стручно мислење“, заврши. Добро, велам со изменет глас. Мувата со импресивен задник не ми обраќа внимание; го гледа гулабот што се враќа од куќата на Капулети. Ако зборуваш сам со себе, не значи дека си луд, туку дека имаш здрав разум, сакав да ѝ кажам но не стигнав, збриша од сенката што се спушташе. Продолжувам како ништо да не било: Те разочаравме, признавам. Никогаш нема да кажеш дека е така, но јас знам дека е така. На крајот не стигнавме ни да се поздравиме, да нѐ видиш и да ни кажеш нешто, да слушнеме што те мачи, со каква болка заминуваш. И кога те гледав низ прозорецот а ти дишеше како одвај да се држиш на површината, мислев дека ќе ги отвориш очите да ме видиш пред да се разделиме. И мислам дека малку ги отвори, но не знам дали ме виде, не знам со која слика замина. И што му кажа кога се видовте? Го препозна ли двојно помлад од тебе, со коса на таласи? Те препозна ли тој тебе со белите прамени над челото? Не можам веќе да прашувам; некаква грутка ме стега во грлото. Не можам да плачам; не можам да зборувам. Можеш ли да се јавиш; можеш ли барем да кажеш како е таму, во она што го нема?
(миг збиен како здив )
Признавам, спомените не треба да се разводнуваат со сентименталност. Простувањето со животот што ни значел сѐ е највисоката точка на епилогот, си велам. Тоа треба да се каже со тврдо срце за да испадне помеко, помислив спружен во постелата од пердуви во „Габиа Д’Оро“, и тогаш, во тој миг, телефонот заѕвони како одвај да чекал да завршам: „Што правиш, брат, со телефонот, линијата постојано е зафатена! Или зборуваш, или некој те прислушкува“, вели Миле Пејкуре. „Како си“, прашувам. „Лошо“, вели. „Што се случило?“ „Што да ти кажам, вели. Го изгубивме она што го имавме па сега само ќе мислиме дека го имаме она што го немаме, како што јас мислам дека го имам стапалото што го немам. Во иднина ќе нѐ чеша тоа што го немаме мислејќи дека го имаме“, рече и врската се прекина.
(каде по ѓаволите)
Кога со жена ми дојдовме во селото, и го угасивме моторот на колата, околу нас беше тивко како звуците да се забранети со декрет. Трафиката на Миле Пејкуре, истата онаа што ја донеле од градот, а во која се продаваа сувенири од филигран, бронза, дрво, мермер, керамика, бигор, жица, срма и друго, беше затворена, а пред неа лежеше пес што се крена на предните нозе и повторно се спружи во правта. На бочното стакло имаше залепено мапа со патеки што водат до езерото. Далги од тишина удираа во жапките и катанците. Ги слушавме нашите зглобови на угорнината. Во прнарот зад црквата се гледаше крстот на Меглена со дупка на средината. Не морав пак да кажам. Жена ми знаеше каде сакам да бидам кога ќе се појави зеленото небо. Погоре, на местото од куќата, имаше куп земја, измешана со ќерамиди, гнили греди и трева што расте како на цртеж. Немаше никаков остаток од ѕид но јас точно знаев каде е прозорецот, можев дури и да го отворам; знаев каде е вратата и двата басамака од камен пред неа; можам да ги погодам мижејќи, си реков. Можев да ја фатам рачката на вратата од визбата, и да отворам. Го гледаш ли оној човек што ги варосува облаците, вели една тревка на работ од дворчето; го гледаш ли оној што лета над брестовите, рече ветрушката што лебдеше над нас; ја гледаш ли онаа жена поубава од самовила, вели урнатото ѕитче на пондилата; го гледаш ли оној сув багрем во дворот на училиштето, вели раската што трепери во воздухот; го гледаш ли старецот што делка крст од камен, рече гранчето што стрчеше од капиџикот; го гледаш ли оној тапан што удира во брегот, вели последниот зрак на сонцето што се пробива низ дрмките над куќата; ја гледаш ли онаа раска во воздухот, рече пупунецот што застана на оградата од гробиштата; ги гледаш ли сите нешта што си ги видел, рече дудинката зад олтарот; ако не ги гледаш, не значи дека не постојат, рече црешата до неа; ништо не исчезнува засекогаш, рече глуварчето што се срона од потпорното ѕитче кај црквата. Како што стареевме сѐ почесто сонувавме да ги расчистиме остатоците од куќата и да направиме викендичка со дворче од каде ќе се гледа селото. Ги замислувавме двете собички во поткровјето и собата со стаклен ѕид долу. Кога ќе седиме на троседот ќе ги гледаме трнките што како пуканки се тркалаат по ридиштата; птиците што застануваат на жицата за алишта како музички запис; езерото што плиска во карпите кај Шуман маало. Барем да го расчистиме местото, велам пред да заминеме. Ќе биде, вели жена ми, има време. Колку е тоа време што го има, велам. Кога човек во наши години ќе се сврти назад со сигурност знае дека не може да има толку време колку што имал кога не мислел на времето зад себе, си реков гледајќи во езерото. По ридиштата како ќесиња закачени на трненките ѕиркаат викендици со превлака врз покривите. Мора да е од каменоломот, вели жена ми возејќи без да се сврти.
Во градот го побарав Миле Пејкуре, и го најдов дома. Беше седнат до прозорецот читајќи некаква книга со кожени корици: „Човекот е само човек. И најдобрите понекогаш го забораваат тоа“, рече, ја затвори книгата и понуди вино од стрношина, со димено ежово месо. По извесно време веќе зборувавме за селото, за нашите пепелави глави, за она што го немаме а мислиме дека го имаме, а потоа замолча гледајќи во снегулките што провејуваа низ каблите за струја. Има нешто во нас, некои мали суштества кои одредуваат каква ќе ни биде бојата на очите, должината на прстите, како ќе работи срцето, какви ќе ни бидат забите… Ако се побара, ако им се шепне дека сакаме да видиме како изгледа светот на сто години, може ќе ни ја исполнат желбата. Не треба да се моли, треба да се бара, вели загледан во снегулките. Јас не можам да бидам среќен ако сум тука за да потврдам дека постои она што постои, или дека не постои она што не постои. Тоа може да го види секој. Јас гледам многу повеќе, рече подмижувајќи со едното око. Еден ден, вели, во погоден момент, кога ќе дојде време, ќе тргнам пеш, нога пред нога, како обичен, нормален човек, сам кон селото, и ништо нема да биде чудно и необично, оти ништо не се губи засекогаш.