Ова се дел од спомените на Рајко Николов, амбасадор на Бугарија во Југославија во осумдесетите години на минатиот век, човек кој бил сведок на настаните во нашата некогашна држава во еден од најтурбулентните периоди поврзан со смртта на Јосип Броз

Блаже Миневски

Според белешката од  30 ноември 1980 година, бугарскиот амбасадор во Белград, Николов, по  наредба на својот министер за надворешни работи Младенов, го информирал грчкиот амбасадор во Белград, Макрис, за тоа како поминала официјалната посета на Јосип Врховец на Софија:

„Му кажав дека позициите кои Младенов ги застапувал во однос на македонското прашање одат во полза и на Грција. Југославија може да се  интересира за положбата на своите малцинства во други земји, каде што се признати, и никој не го оспорува тоа, но претходно треба да бидат признати како малцинства. Притоа, овојпат, Макрис ми соопшти нешто повеќе за неодамнешната средба на грчкиот претседател Караманлис со југословенскиот претседател Мијатовиќ во Белград. Во разговорите во четири очи, Караманлис му кажал на Мијатовиќ дека има три начини за решавање на спорното прашање со македонското малцинство во Егејска Македонија: Со војна, што е апсурдно; со преговори за постигнување на договор, што претпоставува признавање на македонското малцинство и со ’замрзнување’ на прашањето, ставањето во замрзнувач или, со други зборови, негово исклучување и исчезнување од односите меѓу двете земји.

Константин Караманлис

Единствено можна била третата варијанта. Караманлис го предупредил Мијатовиќ дека покренувањето на тоа прашање од страна на Југославија создава компликации во односите, а истовремено претставува и закана за безбедноста на Балканот“, запишал во својот приватен, дипломатски дневник, Рајко Николов, амбасадор на Бугарија во Белград пред и по смртта на Тито, додавајќи дека ’така по грчки се преговара со Југославија’.

Белешка од 14 април 1982 година:

„Грчкиот амбасадор Макрис ме информира дека при посетата на Атина, Јосип Врховец го покренал прашањето за ’македонското малцинство’ во Егејска Македонија. Во Атина била изненадени што Врховец го поставил тоа прашање, затоа што во Белград знаат дека Грција откажува да разговара за него со Југославија. Изгледа Врховец решил да проба како Грција ќе реагира на прашањето, односно како на тоа прашање ќе реагира владата на ПАСОК, предводена од Папандреу. Позицијата на Грција останува тврда и непроменета“.

(Продолжува)