Сања РИСТОВСКА, дописник на МИА од Грција
Го нарекуваат островот на Апокалипсата, бидејќи во пештера на тогаш ненаселениот остров, пред 1.930 години, се верува дека апостол Јован Богослов, каде што бил прогонет, го чул Божјиот глас и го напишал Откровението; го нарекуваат и свет остров, еден од најсветите во Христијанството, но и остров на спокојот, од кој си заминуваш со посебна енергија – Патмос е дестинација за поклоници, но и туристи од целиот свет, без разлика на религијата.
Дописничката на МИА од Атина го посети малиот остров што се простира на само 34 километри квадратни, но и на толку мала површина успева да собере толку многу духовен мир и спокој што можеби го нема на никој друг грчки остров, место со најголем број манастири и цркви пропорционално со големината и популацијата, а мештаните велат дека со сето она што го има Патмос – религиозната енергија, архитектурата, морето, карпите, природата – островот нуди внатрешно прочистување и смирување.
– Енергија е неутрален збор, ние православните би рекле дека островот има голем благодат. Патмос е благословено место, осветен од Божјото присуство, исто како и Светиот град Ерусалим, вели за МИА сестра Гликерија од најстариот женски манастир на островот, во обид да даде куса карактеристика на она што го нуди Патмос.
Светата пештера на Откровението, заедно со манастирот изграден во чест на Свети Јован Богослов и малиот град Хора се дел од светското наследство на УНЕСКО веќе 26 години, женските манастири, чудотворната икона на Св. Богородица Елеуса (Милостива) со појавеното трето око, животот на аскетите, трите ветерници, архитектурата, уличната структура и верски обичаи, речиси непроменети од 12 век до денес, во комбинација и со плажите, го прават Патмос примамлив за секаков вид туризам, а особено е популарен по религиозниот.
Спаѓа во групата острови под името Додеканези, во југоисточниот дел на Егејското море, од Атина е оддалечен 158 наутички милји, што практично значи над осум часа со траект од најголемото грчко пристаниште Пиреас.
Самиот остров е мал и се карактеризира како свето место, со нераскинлива и директна врска со Христијанството и Православието.
Главните места се Скала – пристаништето, Хора (на островите во Грција најчесто главните градови го носат името Хора) – каде што на самиот врв е манастирот изграден во 1088 година, како и помалите места Камбос и Грикос што се наоѓаат популарните плажи.
На половина пат од Скала до Хора, во зеленило и борова шума е објектот во кој се наоѓа пештерата на Откровението или Апокалипсата, светото место каде што се верува дека во 95 година апостол Јован го напишал Откровението, последната книга од Новиот Завет.
Светата пештера на Апокалипсата – импресивен мал храм за поклонение и молитва
При пристигнувањето во делот каде што е пештерата, на влезот од големиот двор стои натпис со цитат од Откровението „Бев на островот Патмос (Апокалипса, глава 1:9)“, односно извадокот во кој апостол Јован, се претставува и открива дека е во прогонство на островот Патмос, поради тоа што ја проповедал Божјата порака и сведочел во полза на Исус.
Бил ученик на Исус Христос, според преданијата – еден од неговите омилени, брат е на апостол Јаков, а присуствувал на последната вечера, но и единствениот апостол присутен на распнувањето на Христос, каде Исус му ја доверил грижата за својата мајка Марија.
Откровението, последната книга од Новиот Завет, го напишал додека бил во прогонство на Патмос, каде што заедно со неговиот ученик Прохор, останал околу две години и кој му помогнал во пишувањето.
Се верува дека го напишал и четвртото Евангелие, што се карактеризира како духовно и затоа бил наречен и Богослов (Теолог).
Од главниот влез низ околу 40-ина скалички во дворот се стигнува до мал бел објект во кој има неколку простории, со информации за посетителите, а потоа е и пештерата.
Денес се смета за свето место за православните христијани, едно од најважните места за поклонение во христијанството, со илјадници луѓе што доаѓаат до него секоја година од целиот свет и е дел од светското културно наследство на УНЕСКО, а е претворен во мал храм.
Верниците може да го видат местото каде што е напишано Откровението, книгата што самиот Бог му ја диктира на Јован, низ три пукнатини во карпата што ја симболизираат Светото Тројство, местото каде што одморал апостолот, местото каде што ја потпирал главата за да се одмори и вдлабнатината во карпата, делот на кој се потпирал за да стане и да се помоли, но и огромната карпа што распукала кога се чул гласот Божји и му рекол да ја напише Апокалипсата.
Пештерата ве враќа години назад во времето, а импресивноста на карпата, што не доаѓа само од формата, туку и од духовната тежина и мистицизмот на атмосферата се навистина импресивни.
На самиот влез во светото место поклониците и посетителите ги пречекува јеромонахот Исидорос.
Без проблем прифаќа во разговор со дописничката на МИА да ја раскаже историјата на просторот и да објасни што се случувало токму во пештерата пред помалку од два милениуми.
Вели дека Јован Богослов бил прогонет на Патмос во 95 година од Ефес, древниот град во Мала Азија, од римскиот цар Домицијан и нашол мир на островот, а пештерата била простор за молитва.
– Овде се молеше и еден ден, недела, за време на молитвата го слушна гласот на Бог, кој му рече: „Јас сум Алфа и Омега, почетокот и крајот“ и карпата се расцепи на три дела, што го симболизира Светото Тројство: Отецот, Синот и Светиот Дух, објаснува јеромонахот.
Расцепот во пештерата е видлив, почнува на почетокот на карпата и е по целата должина, а на крајот се гледаат трите дела, што е моментот на откровението.
Гласот Божји побарал од Јован Богослов да го напише Откровението, кое апостолот му го диктирал на неговиот ученик Прохор, простор што исто така е место за молитва.
Во едниот агол од пештерата е делот во кој се верува дека одморал апостолот, во карпата има вдлабнатина од главата на Свети Јован, како и вдлабнатина која му служела за поткрепа при станување, со оглед на тоа што бил многу стар.
-Тука се наоѓа и делот каде што одморал, каде што ја потпирал главата, но и вдлабнатината каде што се потпирал за да стане. Во непосредна близина е и делот каде што било напишано Откровението, вели јеромонахот.
Додава дека со Св. Јован Богослов е поврзано уште едно чудо – не постојат мошти.
– На Патмос остана во прогон две години, од 95 до 97 година и се врати во Ефес каде што е и погребан, но неговото тело се вознесе на небото, не постојат мошти. Ова го славиме на 26 септември, односно вознесението на Светиот Јован Богослов, посочува јеромонахот Исидорос за МИА.
Многумина верници се поклонуваат и се молат пред делот во кој се верува дека одморал апостол Јован, ја ставаат раката во отворот каде што се потпирал и на колена тивко ја собираат целата енергија што извира од малиот, но свет простор.
Ја допираат карпата, токму во делот каде што се трите пункатини.
Се поклонуваат и се молат и пред Октровението, поставено токму како што било во 95 година, додека го пишувал Прохор по упатствата од апостол Јован.
Додека јеромонахот Исидорос за МИА ја објаснува историјата, во светата пештера пристигнува помала група туристи.
Мнозинството се од Индија, кои на Патмос дошле во рамките на нивното крстарење на островите во југоисточниот дел на Егејското море.
Велат иако се на само неколку часа, времето ќе го искористат за посета на манастирот и светата пештера.
Се поклонуваат и молат, на колена, во делот каде што одморал апостол Јован, а јеромонахот вели дека нема правила за начинот на поклонение и молитва и е индивидуален и по своја волја на верниците.
Млад брачен пар доаѓа по благослов од јеромонахот, но и од апостолот.
Поклонението во светиот простор, велат верниците, но и туристите е чин што им дава сила и благодат.
– Навистина немам зборови да го опишам чувството во самата пештера. Свето место, како ниту едно друго во кое сум бил. Како православен христијанин, тоа што сум овде, што се поклонив и помолив ми дава сила и духовен мир, вели млад Грк.
Се верува дека многу луѓе, додека се молат во делот каде што одморал апостолот, го гледаат и неговиот лик.
Во малиот свет храм, се наоѓаат икони, свеќници и црковни украси, икони на Јован и сцени од Откровението, вклучувајќи ја и визијата за Апокалипсата, а веднаш до пештерата е и параклисот на Света Ана, како што објаснува отец Исидорос.
Денешниот изглед на пештерата е заслуга на монахот Христодулос, кој го изградил и манастирот во чест на Јован Богослов.
– Во 1088 година на Патмос доаѓа монахот Христодулос, монах од Мала Азија, кој со дозвола од тогашниот император Алексиј Први го гради манастирот во чест на Јован Богослов, а овде го гради параклисот на Света Ана, вели јеромонахот.
Дополнително објаснува дека во просторот се моштите на Макариос Калогерас, основачот на црковното училиште „Патмијада“ во 1713 година.
Во светата пештера на Откровението е забрането снимање и фотографирање, но со одобрение од јеромонахот Исидорос, МИА доби дозвола да го овековечи светиот простор.
При заминување, по молитвата и поклонението, верниците може да запалат и свеќа, а на крајот, застануваат во малата продавница со црковни сувенири, меѓу кои се издвојуваат бројаниците и амајлиите за заштита од уроци или „зло око“ што се рачно изработени од монасите во манастирот Свети Јован.
Манастирот на Свети Јован Богослов -„замокот“ на врвот на Патмос
Над пештерата, на околу 10-15 минути пеш, на највисоката точка на Хора, со кафено-сиви ѕидови, што наликуваат на тврдина, замок или кале, се издига манастирот изграден во чест на Свети Јован Богослов, во 1088 година од монахот Христодулос.
При пристигнувањето на Патмос, прво нешто што се забележува е манастирот, што со висина од над 15 метри, со должина од север кон југ 53, а од исток кон запад 70 метри, доминира на островот.
Од влезот на Хора, до манастирот се стигнува низ малите и тесни камени улички, т.н. сокачиња, поминувајќи низ белите куќи со вековна традиција, изградени со цел да се обезбеди заштита од пиратите, со впечатливи ѕидови, мали врати и прозорци и без дворови.
Манастирот Свети Јован Богослов е уникатен, со надворешен изглед на полигонален замок, со масивни камени ѕидини, кули и кренелации, приспособен на околностите во текот на годините, но и исто така за заштита од надворешни закани, пред сè од пиратски напади.
Почнал да се гради во 1088 година кога монахот Христодулос протеран од Турците од византискиот император Алексиј Први, побарал и со одлука со златен печат го добил малиот неплоден и сушен остров Патмос, за да може да се насели.
Со текот на годините, околу 12 век островот полека почнал да се населува, а од 13 век луѓето побарале да се лоцираат околу манастирот за да се заштитат, но и да го бранат од пиратските напади.
Според мештаните, високо над влезната порта се наоѓа, мал отвор, еден вид балкон наречен „убиец“ од каде што монасите можеле да истураат врело масло, вода и олово врз евентуалните напаѓачи и пиратите за да спречат влез во манастирот, а во случај на опасност, чукале со камбаните за да ги предупредат жителите да се засолнат.
Се верува дека ова е и причината зошто Христодулос манастирот го изградил како тврдина, за да им понуди безбедност на христијаните.
Богат манастирски комплекс со католикон, библиотека, музеј, манастирска трпезарија, параклиси
Во внатрешноста на импресивниот манастирски комплекс се наоѓаат главната црква (Католиконот), неколку параклиси, музеј, библиотека, монашките конаци, манастирска трпезарија, како и убаво среден двор.
Католиконот, односно главната црква, што не се гледа однадвор, е една од првите градби на монахот Христодулос, изградена врз урнатините на мала црква, што била изградена врз урнатините на постара базилика во чест на Теологот.
Украсена со прекрасни икони фрески од 12-17 век од непроценливо знаење и вредност, а иконостасот е со уникатни уметнички дела изработени во 1820 година од 12 скулптори со дрво.
Манастирот има десет параклиси, од кои четири се во дворот, a се издвојуваат на Богородица, и на монахот Христодулос каде што се и неговите мошти.
Отворени се за посетителите, меѓутоа забрането е фотографирањето во внатрешноста.
Веднаш зад малата црквичка посветена на Богородица се наоѓа манастирската трпезаријата што датира од околу 11 до 12-век, а ја користеле монасите за јадење.
Станува збор за огромна правоаголна просторија со ѕидови високи околу осум метри и купола што наликува на базилика со купола, нешто што првпат се среќава во манастирската архитектура.
Зачувани се две долги маси покриени со мермер и разни предмети, додека пак трпезаријата е поврзана со кујната на манастирот и просторот за чување храна, простории затворени за посетителите.
Во манастирскиот комплекс се и библиотеката и музејот, што содржат непроценливи дела и реликвии, ракописи, икони и литургиски уметнички дела и предмети, а започнале да работат уште од времето на монахот Христодулос.
Библиотеката, што е затворена за посети, се смета за една од најважните библиотеки во православниот свет и е една од ретките манастирски библиотеки со зачуван материјал.
Кога дошол на островот, монахот Христодулос со себе ја донел својата лична библиотека, а првично вклучувала 330 ракописи, додека пак денес библиотеката содржи над 3.000 печатени книги, 900 ракописи и 13.000 документи кои датираат од пред 1073 година.
Од огромно значење, исто така е и музејот во рамките на манастирот, каде што има колекција од икони, оригинални ракописи од Библијата, сребрени и златни предмети, облеки со сребрени и златни конци украсени со скапоцени камења, литургиски предмети и прибор со уметничка и образовна вредност и значење, како и антиквитети од класичното и ранохристијанското време.
Изложени се икони, свети садови, крстови, документи, златни прачки, оловни прачки, кодекси, турски фермани кои ја покажуваат единствената улога што ја играл Светиот манастир Патмос во православната христијанска култура.
Повеќето од овие ретки реликвии се главно подароци од монаси и свештеници со потекло од Патмос кои живееле и работеле во и вон островот.
Наспроти надворешната боја на камен на манастирот, внатрешната страна, односно делот каде што се манастирските ќелии е со бели ѕидови.
Дворот на манастирот е полн со верници и туристи, дојдени од различни делови од светот: Италијанци, Грци, Американци, Шпанци, но и поголема група од Израел.
За Израелците, посетата на манастирот е дел од нивното крстарење и во периодот, додека групата е во манастирскиот комплекс поширокиот дел е под строги безбедносни мерки.
Посетителите и верниците уживаат во убавината и духовниот мир што ги нуди манастирот, влегуваат во црквата да се поклонат.
-За нас, посетата на манастирот, но и на светата пештера е од големо значење. Нашиот син се вика Џовани што во превод е Јован, дојдовме да се поклониме за негово здравје и среќа, вели брачен пар од Италија.
Турист од САД вели дека ова му е втора посета на Патмос, тука бил и минатото лето и толку многу се воодушевил од островот и духовниот мир, што решил и оваа година да го посети и уште еднаш да се помоли во манастирот и во Светата Пештера.
Манастирот ѝ припаѓа на Вселенската патријаршија со патријаршиски егзарх како игумен, со посебни привилегии, а во манастирот живеат осуммина монаси.
Светата пештера на Откровението и Манастирот на Св. Јован Богослов се на мала оддалеченост и најчесто верниците и туристите ги посетуваат во ист ден, ден што го посветуваат на апостол Јован и сето духовно богатство што зад себе го има оставено на Патмос.
Локалното население советува дека подобро е прво да се посети манастирот, а потоа, пеш, по патеката да се слезе до пештерата.
Во манастирот, влезот е бесплатен, додека во пештерата чини три евра.
Не се отворени во текот на целиот ден, туку имаат конкретно работно време, во вторник, четврток и сабота работат двократно пет и пол часа претпладне и два часа попладне, а во останатите денови посетата е дозволена до 13.30 часот.
Од едната до другата локација може да се стигне со автомобил, со локален автобус или пак пеш, со оглед на тоа што се поврзани со пешачка патека.
Мештаните велат дека се особено интересни обичаите за Велигден и туристите и верниците можат да го доживеат мистицизмот на островот, а една од главните обичаи е „Церемонијата на миење“, односно на Велики четврток на плоштадот пред општината игуменот на манастирот Свети Јован ги мие нозете на 12 монаси, исто како што Исус им ги миел на своите ученици на Тајната вечера.
Само неколку метри под машкиот манастир, се наоѓа и Животодавен Извор (Зоодохос Пигис), најстариот женскиот манастир на островот што воедно е познат и по чудотворната икона на Богородица, каде што сестра Гликерија за МИА ја раскажува историјата на манастирот што постои од 1607 година.
Дописничката на МИА посети уште еден женски манастир, еден од поновите на островот, во кој живеат 40 монахињи и пред да се изгради, конкретната локација било местото кое монасите од манастирот Свети Јован Богослов го користеле за изолација и испоснички живот, со оглед на тоа што аскетите биле доста раширени во различни делови на Патмос, а особено е позната карпата Каликацу, каде има разни знаци на употреба и населување.
(продолжува)
ФОТО: МИА