Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат.  Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.

Автор: Дарко РУСЕВСКИ

ПИСМОТО НА ФИЛОЗОФОТ

Глава 1

Тоа утро Кузман стана нерасположен од она што го дозна вчера. На масата веднаш до неговиот кревет имаше неколку весници, недочитани секако, бидејќи во последно време беше премногу зафатен. До ѕидот покрај влезната врата од неговата соба имаше полици со  многу книги. Сите беа наредени внимателно по азбучен редослед и по научната област. Веднаш над последната полица стоеше телевизорот, што Кузман честопати забораваше да го исклучи. Ѕидот до креветот беше исполнет со разни признанија, награди, дипломи и слики од Кузман и неговото семејство. На работната маса се наоѓаше, како и секогаш, компјутерот, испечатените страници од стручни списанија и печатачот.

Денот навлегуваше во собата низ големиот прозорец, што Кузман го остави уште од вчера навечер отворен. Тие топли пролетни кумановски денови беа неподносливи. Градот сѐ уште не беше расонет и надвор беше многу тивко. Спокојот што се чувствуваше наутро беше еден од ретките мирни моменти на овој град. Куманово е град кој вообичаено не спие.  Низ собата на Кузман струеше свеж воздух, а дождот, кој сѐ поинтензивно паѓаше, го најавуваше она што допрва требаше да се случи. Веднаш до собата на Кузман се наоѓаше кујната, во која беше сѐ на свое место. Чашите беа подредени по големина и според пиењето кое се послужуваше со нив. Задолжително ѓезвето за кафе беше веднаш до шпоретот и секогаш она прво што можеше да се примети во кујната бидејќи Кузман не го почнуваше денот без кафе. Во дневната соба имаше уште еден телевизор, од десната страна на телевизорот рафтови исполнети со класици, од Толстој и Достоевски, Виктор Иго и Оноре де Балзак, преку Гете и Томас Ман до Петре М. Андреевски и Блаже Конески.

Веднаш зад влезната врата од дневната соба се наоѓаше една цела колекција кристални чаши и прибор за јадење кои родителите ги купиле уште за времето на поранешна Југославија и му ги оставиле на Кузман, помеѓу останатото, во наследство. Но, најдрагоценото нешто што тој го сакаше се наоѓаше токму зад вратата, што се наоѓаше до рафотвите со класиците. Неговото семејство. Сопругата Марија и двете дечиња: Александар и Анастасија. Сопругата, вообичаено, стануваше пред Кузман за да ги спреми за на училиште. Понекогаш тие спиеа заедно со Кузман и Марија кога се чувствуваа исплашено. Собата им беше мала, но сепак, исполнета со детство. Во едната половина фудбалски топки и пластични војници, во другата половина: барбики и шноли. Во станот секој ден се слушаа детски џагор, смеа и позитивна атмосфера. А слично беше и со собата на Кузман и Марија. Од едната страна орман со машки одела и кравати, од другата орман со фустани и мала маса на која имаше козметика.

Кузман беше византолог по професија. Предаваше старословенски јазик и старословенска литература на Универзитетот „ Св. Кирил и Методиј“ на катедрата за византологија. Многу ја сакаше професијата и кога наоѓаше слободно време, дочитуваше од недочитаните стручни трудови. Беше вљубеник во мисијата на Кирил и Методиј и сакаше да ја знае секоја ситница. На факултетот остануваше после работата заедно со колегите за да дебатираат на разни теми поврзани со историјата на јазикот.

Ни кај Марија не беше поразлично. Учествуваше на разни конгреси од медицинската област, а нејзината страст беше ендокринологијата. Беше раководител на одделот за ендокринологија во Скопје и се посветуваше многу на работата и континуираното учење. Сакаше да биде во тек со науката. Заедничко за двајцата беше тоа што секогаш гледаа да украдат малку време од професијата и да го поминат што е можно повеќе со семејството и најблиските. Но, тој ден Кузман почуствува како нешто силно го стега во гради. Некое непријатно чувство. Мораше бргу да се спреми за да може на време да го фати превозот за Скопје и немаше време да мисли на болката. Најчесто патуваше со автобус, а кога ќе работеа во иста смена, патуваа заедно со Марија во сопствениот автомобил.

Стигна со петминутно доцнење на факултетот и се нервираше зошто ги оставил студентите да го чекаат толку долго време. Тој за тоа време можеше да каже неколку интересни факти за историјата на старите Словени, на студентите им се ближеше испитот, а тој сакаше студентите да разберат сѐ и никако не смееше да си дозволи да задоцни. Кога влезе во амфитеатарот, студентите седеа и молчеа. Невообичаена атмосфера. Тие секогаш зборуваа на глас за некои доживувања од викендот или пак се подготвуваа за часот и спремаа прашања за Кузман кога материјата беше тешка. Но, овој пат не беше така. Кога влезе во амфитеатарот, Кузман не ги препозна тројцата луѓе кои стоеа до професорската катедра. Тој им пријде.

„Добар ден, колеги!“-рече тој.

Едниот од нив со намуртен израз на лицето воопшто не возврати на поздравот, а останатите само климнаа со глава.

„Имаме лоши вести за Вас!“- рече едниот од двајцата кои отпоздравија со климање.

„Ќе Ве замолам да појдете со нас до нашите канцеларии. Мораме да разговараме со Вас.“-рече човекот со намуртениот израз. Кузман зачудено погледна кон нив.

„Се надевам дека е важно!“-отсечно одговори тој. „Не сакам да ме вознемируваат кога држам предавања.“

Намуртениот се доближи до Кузман и му кажа:

„Украдено е писмото на Свети Кирил. И ти самиот знаеш што значи ако тоа писмо дојде во погрешни раце.“ Кузман ги погледна бледо и со разочаран поглед се сврте кон студентите.

„Денес, за жал, ќе мораме да го откажеме предавањето. Ова е нешто што не може да чека.“ Кога четворицата излегоа од амфитеатарот, намуртениот дофрли:

„Побаравме друг професор да те замени! Мораш да го најдеш писмото и да го вратиш. И немаш право на избор. “

Глава 2

Осумстотини четириесет и некоја година. Темна одаја. Имаше само еден кревет поставен во најтемниот агол веднаш десно од вратата. Единствениот прозорец кој се наоѓаше веднаш над масата беше премногу мал. Молитвеникот беше отворен. Имаше многу влага во просторијата која им штетеше и на масата и на прозорците. Ѕидовите на одајата беа направени до големи сиви камења, низ кои навлегуваше студ. Светлината се мачеше да продре во собата и кога ќе успееше бар малку да ја осветли, облаците смело ја криеа светлината и повторно ја затемнуваа собата. К. само што заврши со читањето на  молитвата и се намачуваше да стане од подот, иако беше многу млад.

Не беше женет бидејќи сакаше целиот свој живот да го посвети на науката. Уште како млад се истакнуваше со своето знаење и мудрост. Обожаваше да го чита Григориј Богослов. Лав и Фотија, едни од најпрочуените професори, му го дадоа знаењето што му беше потребно за да се задлабочи уште повеќе во науката. Му беше потребен мир за да ги открие тајните на филозофијата, а овој манастир беше соодветното место за тоа. Токму крај Босфор на планина. Тишината ја прекинаа гласовите од ходникот. Се надоближуваа до одајата на К. После неколку секунди гласовите замолкнаа и во тој момент врата зачкрипи. Влегоа двајца. Едниот поп, другиот владика.

„Добар ден К.“-рече попот. „Одамна не сме се виделе.“

К го затвори молитвеникот и се сврте.

„Секое добро и на вас. Која е причината за вашата посета? Одам да го проучувам еврејското писмо. Немам многу време.“

Владиката извади од мантијата декрет потпишан од василевсот Михаил.

„Многу е значајна работата штом те вика василевсот. Не сака да доцниме. Мораме да појдеме уште рано во зори.“

К остана за момент зачуден. Очите му се наполнија со солзи. Византија само што се беше опоравила од внатрешни војни поради користењето на иконите. Многу крв се пролеа за да се одбрани нивната употреба во црквите и на јавни места. Се сечеа раце и глави на оние кои ги цртаа, се портеруваа од домовите оние кои ја поддржуваа идејата за воведување на иконата во црковниот и јавниот живот. Сега сето тоа беше зад нив. Иконите ги одбранија.

Средбата со василевсот не е без причина…што би можело да го вознемири толку Михаил за да прати декрет? си помисли К.

Го мачеа мисли и ги праша присутните:

„Го знаете ли мотивот на василевсот зошто ме вика?„-праша тој. Владиката не сакаше да одолговлекува.

„Одлучиле да те пратат на мисија во Моравија. Ти и Методија сте најсоодветните луѓе во кралството за тоа. На Словените од север им треба помош. Писмото со кое се шири христијанството таму им е неразбирливо.“ К ја наведна главата. Го полазија морници.

Штом го одбиваат писмото кое сакаат другите племиња упорно да им го наметнат, нема да помине без немири. Повторно ќе страдаат луѓе, прошепоти тој.

Владиката се сврте. „Извини К, не те слушнав ни збор, мене ми се обраќаше?“ – „Не, владико. Само лоши мисли ми проаѓаат низ глава.“ Се упатуваа кон излезот. Не проговорија ниту збор. Требаше да ги спремат работите, за да тргнат на време. К потона во мислите.

Во почеток беше словото. И Словото беше во Бога, И Словото беше Бог. К заспа.

(Продолжува наредниот петок)