Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат. Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.
Пишува Дарко РУСЕВСКИ
Глава 17
Зандани. Никој не стапнуваше овде освен ако нема потреба. Овдека секојдневно умираа затвореници, а оние кои беа поиздржливи заболуваа со некоја посериозна болест. Простор заборавен и од Бога. Немаше светлост внатре, па секој оној кој сакаше да влезе внатре мораше да носи факел со себе. Стаорци, прашина, смрдеа на човечка пот, смрдеа на недојадени оброци кои и онака беа многу оскудни, а нив затворениците скоро и да не ги јадеа, поточно јадеа онолку колку да го издржат денот. На крајот од ходникот имаше една потесна ќелија каде се наоѓаа тројцата заробени од пред три вечери кои сакаа да ги запалат конаците. Светлината од факелот се доближуваше заедно со човечката фигура која одеше исправено и стабилно. Во левата рака го носеше факелот а во десната храна за заробениците. Не се гледаше кој е затоа што факелот го држеше подалеку од лицето. Им се доближи на заробениците и им рече:
„Владиката ви го праќа ова јадење. Не сака да гладувате. Потребни му сте за да може после да зборува со вас. А за таков разговор ви е потребна енергија. Јадете!“
„Но, ние веќе добивме храна, носи си ја, ниту ја сакаме храната ниту владиката. Нам тој не ни е господар. Си имаме ние наш заштитник. Тој најбрзо ќе постави свој владика. А на овој ќе му ја стави главата на колец. Не сакаме ништо од копилиња кои штитат странци“- нервозно возврати едниот од нив, а другите го поддржаа.
„Погледнете, печено пилешко и свинско месо, зелка, моркови, ова нема никогаш да го јадете дури сте во затвор“-ги убедуваше фигурата.
Кога ја погледнаа храната, вкусот им беше неодолов, а тие не јадеа ништо од храната и беа многу истоштени. Ѝ се восхитуваа на храната, ја јадеа со очи. Му ја грабнаа од раце и почнаа да се гостат. Додека јадеа, некој од нив промрморе:
„Ќе видиме дали ќе зборуваме со владиката. Нам ни е битно сега да се нагозбиме. Не сме јаделе со денови.“
После половина час сите тројца заробеници легнаа мртви на проретченото сено што беше ставено на подот во ќелијата. Ја повратија сета храна што им влезе низ грло. Сивило се појави на нивните лица. Настапи тотална тишина.
Во тој миг фигурата тивко рече:
„Сега знам дека навистина нема да зборувате.“
Се оддалечи со брзи чекори и исчезна низ вратата.
Ечеа камбаните. Означуваа тревога како местото да е нападнато од непријатели. Сите полека почнаа да излегуваат од конаците и околните куќи за да видат што се случува. Слушнаа извици:
„Затворениците се отруени. Останете дома и не пуштајте никого внатре. Ако ви треба помош викајте со сиот глас. Заклучете ги вратите…!“
Протрча еден коњаник и ги предупредуваше жителите. Беше задишан и вцрвен затоа што мораше да ја пренесе порака на сите низ градот и црквите колку што е можно поскоро.
К. седеше на троножецот зачуден и загрижен во мислите. Ни Методиј не се чувствуваше подобро. Двајцата мислеа дека ја губат контролата над ситуацијата и дека не можат да откријат кој стои зад сето ова. Сите чекори што сакаа да ги направат во мислите им звучеа бесполезно.
„Црквата е телото Христово, а ние сме истовремено и душа и тело. Ако не може да ни каже душата, мораме да го слушаме телото. Но, за тоа ни е потребен лекар, и тоа многу учен за да може да ни помогне да го изнесеме на светлина бремето што нѝ тежи. Видарите и врачевите се минато. Мораме да имаме нешто кое лежи во утробата на науката. Во телото Христово се наоѓаат многу тајни сочувани во книгите. Во нас е Светиот дух и ние ја имаме силата да го сториме ова. Мораме да пратиме глас во градот. Сами не можеме. Никогаш сум немал потреба да кревам меч над луѓето. Добрината во мислата ќе ја видиме во добрината кај луѓето. Ние плодно семе сееме, плодно и ќе жнееме“- со искра надеж зборуваше К.
„Има и каде да се обратиме. Ѓаконите ни се на располагање. Тоа се луѓе од доверба, на кои им верува и самиот кнез. Мора да одиме. Немаме време за губење.“- Методиј го поддржа брата си и излегоа и двајцата од одајата.
Во закутканата соба на првиот кат од трошната куќа во предградието на Мосбург живееше Андроник, надалеку прочуен лекар, кој успешно излечил десетици луѓе од разни болести. Целиот кат мирисаше на нане, жалфија, камилица, разни видови млеко, од кои највеќе доминираше миризбата на козјото. По цел ден ги читаше списите од лекарите од странство, многубројни книги за лековити билки,а на средината на масата стоеше и негова книга каде собираше и ги запишуваше најважните податоци за растенијата кои помагаат при лечењето на болести. Мораше да ги комбинира кога се работеше за некоја посериозна болест. На секоја втора страница имаше примерок од растението, а на првата стоеше описот за него и за кои болести служи. Тој сам ја составувал со помош на книгите кои досега ги читал на келтски, латински, еврејски и грчки. Ја знаеше и Библијата и сите нејзини тајни, оти тој ги совладувал науките уште од негова рана возраст и од љубовта кон човека решил да им помага со билки, бидејќи, тој уште од дете бил свесен дека само оние избрани од Бога можат да имаат таква моќ. Него Бог го дарувал со знаење и решил преку знаењето да им помогне на сите кои имаат потреба од негова помош.
Се слушна како некој тропа на врата, но тој не отвораше. Не се дружеше со луѓето и не сакаше никој да го вознемирува додека истражува за својствата на растенијата.
„Во името на кнезот Коцел Ви наредувам да ја отвориме вратата, во спротивно ќе мораме да ја отвориме со сила“-рече некој од спротивната страна на вратата.
Кнез Коцел? Што сум сега згрешил на законот па сега ме бараат во ова време?, се запраша тој.
Времето не беше неприкладно, но тој во неговото сопче немаше ориентација за време. Тука немаше време и простор. Тука беа растенијата, книгите, списите… Нему тоа му беше доволно да го помине сето свое време тука. Место каде се чувствуваше безбедно и каде беше одалечен од надворешниот свет.
„Со какво добро доаѓате овде, ако може да се нарече така?“- полека ги отвори вратите,а сонцето го заслепи и тој се повлече внатре за да види со кого зборува.
К. влезе во собата на Андроник и ја остави вратата отворена за да можат и останатите да влезат. Влегоа и кнезовите повереници со оружјето затоа што имаа задача да не ги испуштаат од вид К. и Методиј.
„Потребна ни е Вашата помош, драг Андроник. Јас сум К. а ова е Методиј. За добро доаѓаме. Ние сме свештени лица од Византија и дојдовме да помогнеме на твојот народ. Со твоето и наше знаење треба да испитаме лешови за да знаеме од што се отруени заробениците кои сакаа да подметнат пожар во конаците. Сакавме денес да разговараме со нив, но некој ги отрул и сакаме да дознаеме повеќе од она што ни го вели окото.“- со одмерен тон рече К. и му се доближи. Потоа додаде:
„Овие луѓе со кои си имаме работа сакаат да направат големо зло на недолжни луѓе преку преземање на црковната власт во Рим па со тоа и овде. Тоа никако не смееме да го дозволиме. Многу ни е важно твоето знаење и затоа сме овде.“
„Јас никаде не одам без моите книги. Тоа е прво. Второ, растенијата мора да се пренесат до местото каде одиме без да им фали ниту едно зрнце, трето, не сакам да бидам близу некого што носи оружје, затоа што јас лечам луѓе, не ги убивам. Ќе Ве замолам да бидам подалеку од нив.“-замоли Андроник.
„ А добро, кои се твоите книги без кои не можеш, а кои треба да се понесат?“- љубопитно праша К.
„Па, само оваа соба, а после завршената работа, сакам да одберам книги кои сакам да ги понесам со себе и да ми бидат од корист. Сигурен сум дека имате книги штом доаѓате овде со стража. Бар кнезот има“- возбудено рече Андроник.
„ Имаме цела библиотека, Андроник!“- рече Методиј и се дополни: „можеш да одбереш која сакаш, но да не бидат повеќе од три.“
„Во ред, тогаш договорено“- се смири Андроник, па му текна:
„А каде одиме?“
„Кај кнезот, Андроник“- рече К.
„Добро, и онака не сум го запознал. Сигурно ќе биде пријатно таму…“, се сети дека треба и најважното да го праша:
„Ќе имам јас своја соба?“
„Секако, и тоа поголема од оваа во која живееш“- го уверуваше Методиј.
Тргнаа на пат, а трите коњи со книгите едвај се држеа на нозе затоа што носеа голем товар. Андроник ги гледаше кнезовите повереници, им се намуртуваше и го впрегнуваше коњот за да може да ги стаса К. и Методиј.