Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат. Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.
Пишува Дарко РУСЕВСКИ
Глава 18
Откако пристигнаа сите заедно во замокот на кнезот, К. отиде во библиотеката која се наоѓаше во наосот на црквата од десна страна. Книгите беа подредени по азбучен редослед и многу лесно ги најде најважните книги кои ќе им помогнат да го расветлат случајот. Помеѓу останатите списи кои ги имаше во библиотеката беше и примерок од книгите на Александрар Тралијан, Ентиј од Амида, Арон од Александрија, Енциклопедијата на Пол од Егина како и клиничка медицина од Гален. Сите беа на различни јазици, но К. немаше проблеми со тоа. Владееше со многу јазици и не гледаше никаков проблем во толкувањето на посложените медицински поими. Се врати назад кај останатите. Никој не зборуваше. Сите чекаа да видат како ќе се заврши целата оваа работа. Сите имаа надеж дека ќе се пронајде бар нешто што би можело да им помогне во пронаоѓањето на докази кои ќе покажуваат кон виновникот.
Андроник беше нестрплив да го примени знаењето кое со години искуство и учење го собирал во себе.
„ Мораме да побрзаме.“-рече К., „после овој случај мораме да заминеме во Венеција и да разбереме подобро за што се работи. Ова вака веќе не оди. Мора да се престане со насилството и убивањата. Толку пролеана крв и изгубени човечки животи никогаш не сум видел. Ќе мора да им објасниме на свештениците во Венеција дека ние работиме според екуменските правила и не сакаме немири. Доколку не стојат свештениците од Ватикан зад ова, ќе мора да ни помогнат да ги пронајдеме виновниците. Доволно ќе биде да разговарам со нив за да знам дали се тие поткрепители на ова или е некој друг. “
„ Тогаш ајде да одиме, не сакам да ви одземам време ни вам ниту пак моето да го трошам бадијала. Можеби нешто ќе заборавам ако чекаме толку долго.“- рече Андроник и муртејќи се тргна кон вратата.
„Почекај!“, рече Методиј. Во отруените тела можеби има нешто што може да убие ако го вдишеш. Земи ја оваа крпа и стави ја на носот.“
Крпата беше влажна и премачкана со нане и сладок корен. Им служеше за заштита и од смрдеата и од евентуално вдишување на отрови.
„Во ред, ајде сега да одиме. Ве молам кажете на слугите да ги спуштат сите овие книги долу. Не можам да запаметам сѐ, а сите ми требаат за да можам прецизно да ја определам причината за смртта на затворениците.“- ги тресеше рацете Андроник и едвај чекаше да излезе.
Сите се упатија во затворските ќелии. Додека одеа, оганот на факелите беше најгласниот меѓу нив.
„Доближете го факелот за да можам поубаво да работам!“-рече Андроник и додаде: „ досега работев само со живи луѓе и ми кажуваа што ги мачи, но сега ми треба мир и само уште еден помошник кој ќе го држи факелот и ќе може да ја поднесе смрдеата од лешот и органите кога ќе го отворам телото.“
К. мораше да биде таму, затоа што тој пребаруваше по книгите за да најде во нив опис приближен на знаците кои ги оставија мртвите околу нив. Повраќаници, фецес, згрчени тела. Ништо што би укажало на нешто конкретно. Едно беше очигледно. На телото немаа никакви модрици или знаци на насилство врз нив. Сѐ упатуваше на труење. Имаше остатоци од храната околу нив, но немаше ниту мирис ниту вкус што би им помогнал да претпостават за што точно се работи.
Андроник ја сечеше утробата на едниот од нив, сакаше да почне од таму затоа што телата им беа згрчени, а во таков случај стомакот е вистинското место каде може да се наоѓа одговорот. И не се излажа Андроник. Беше во право.
„Невообичаено набабрено и вцрвенето дебело црево, додека тенкото црево нема такви знаци.“- рече Андроник.
После напразно изгубеното време во барање, К. рече:
„ Во списите не наоѓам таков опис. Непотребно пребарувам, овде нема да најдам ништо.“- нема никаде опишано како изгледаат внатрешните органи кога не се во нивната нормална состојба.“
„ Тоа е така затоа што ги немаш моите белешки.“- го тешеше Андроник и го посоветува:
„ Ајде побарај кај моите записи и види што велат растенијата. Некои лекуваат, некои се отровни. Побарај кај делот отрови, тоа се последните триесет страници од најгорната книга. Им кажав на слугите точно по кој редослед да ги ставаат книгите пред да ги однесат.“
К. ја зеде првата книга од донесениот куп книги и почна да пребарува.
„ Нане…. жалфија… босилок…. главата со лековити корени…. аха, еве го делот: отрови.“
Тој повторно мораше разочарано да констатира:
„ Сите овие знаци што може да ги предизвика еден отров се скоро исти. По ништо не се разликуваат еден од друг.“
Андроник се сврте и му порача:
„ Знаците не се наоѓаат само во едниот орган, драг К., органите се поврзани меѓу себе и ни кажуваат заедно една приказна. Органот што ја игра главната улога најгласно зборува, но оној друг орган кој е најзасегнат од приказната го надополнува.“
„ Како знаеме кој е најзасегнат?“- се зачуди К.
„ Па не може храната да помине низ целото тело, а да го одмине црниот дроб.“- утешно му кажа Андроник.
Кога го расече и отвори телото кон црниот дроб и бубрезите, сѐ му стана јасно на Андроник.
„Оваква форма црниот дроб може да има само ако е труен со специфичен вид на печурки. Обично може да се лекува со разни билки, но во овој случај количината што е внесена е прекумерна, никој ова не би можел да го преживее. Печурката со која е труен се вика и ангел на смртта. “
„ Добро, а што ни кажува тоа?“- праша љубопитно К.
„Тоа значи дека Панонија не е родното место на оваа печурка и тоа во големи количини и не сум имал ниту еден пациент со вакво труење. Но, затоа на север, онаму каде претежно живеат Германите го има овој вид печурки. Отровот не е од овие краишта. Застапен е и во Британија и во Западна Франкија. “
„ Методиј, спремај се!“-извика К.
„Зошто, каде одиме?“-праша Методиј.
„ Да расчистиме некои мои сомнежи. Ако не побрзаме, ќе нѐ отрујат сите до еден. Само затоа што зборуваме и се молиме на јазик различен од нивниот.“
„ На кого мислиш?“-зачудено праша Методиј.
„ Тоа допрва ќе го дознаеме.“- налутено рече К. и им соопшти на послугата да најми луѓе кои ќе ја пробуваат храната пред да ја јаде кнезот или луѓето од дворецот. Се упати со брзи чекори кон големата просторија која служеше за прием на гости. Сакаше веста да му ја соопшти лично на кнезот. Воздивна, кога виде дека е сѐ уште жив.
Кнезот го ставаше залчето телешко месо во уста кога му се развика К.:
„ Немој да си го ставал тоа во уста!“
Со зачуден поглед кнезот ја подигна главата:
„ Она што ги отруло затворениците ниту има мирис ниту вкус, одсега па натаму најми луѓе кои ќе ја пробуваат храната најмалку половина час пред ти да ја јадеш. Така ме посоветува Андроник. Можеби ставиле насекаде од отровните печурки. Немам многу време. Морам да заминам за Венеција. Ова лудило мора да престане.“