Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат. Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.
Пишува Дарко РУСЕВСКИ
Глава 15
Во непосредна близина на куќата каде се сместија Мартин и Кузман имаше црква. Нормално, Охрид е многу богат со историско и културно наследство, но и доста познат по многубројните цркви и манастири. Оваа црква меѓу мештаните е позната и како црква „Свети Климент“, но така се нарекувала во дамнешни времиња. Сега оваа црква се нарекува „св. Богородица Перивлепта“. Многу историја е сочувана во оваа црква. Тука биле сместени моштите на Свети Климент кога црквата „Св. Пантелејмон“ била претворена во џамија. Црквата е изградена 1295 година од страна на византискиот војсководец Прогон Згур. Оваа црква имала статус на соборна црква на Охридската епископија, која ја красел богатиот црковен инвентар и располагала со доста обемен библиотечен фонд и ракописи на пергамент, настанати во периодот меѓу XI и XII век. Во 1364 и 1365 година биле подигнати бочните капели прилепени до олтарниот простор на првичната градба.
Кузман како и по обичај отиде да запали свеќа во храмот и да си ги собере мислите со молитва. Неговиот ден започнуваше и завршуваше со неа. Како византолог и како човек знаеше дека Бог постои. Тој ја зајакнува нашата свест и нѐ учи да го живееме Неговото дело. Несвесното живее само преку мислата во свесното живеење. Ние си ги креираме мислите. А мислите ни го креираат животот. А животот треба да е и лесен и тежок. Да е убав и грд. Сето тоа е нормално. Така впрочем и настанале книжевните дела. Преку тежок живот голем број на писатели ги проткајале најубавите мисли, без разлика дали се лоши или добри. За разлика од ангелите, ние имаме право на избор. Дали ќе бидеме добар или лош пример е работа на нашиот сопствен избор. Бог нѝ го кажува полесниот пат до човечноста колку и да е тежок. Лесен е затоа што плодовите на таквиот живот имаат јак корен и секогаш даваат род, без разлика на годишното време. Тежок е затоа што за да создадеш таков плод треба да поднесеш сопствена пожртвуваност и откажување. Да помагаме и да сочувствуваме. Да создаваме и да ја браниме вистината. Кузман целиот свој живот ги негуваше сите овие особини, а посебно се бореше за вистината. Но, не вистина, негова и субјективна, туку објективна, изразена преку научниот збор. Оти Бог е науката. Бог ни дал когниција да се бориме со злото преку одмерениот и научен збор. Со наука го штитиме Бога. Оти Бог е олицетворение на вистината. Тој не сака војни. Сака мир и толеранција. Тој не сака омраза, туку љубов и почитување. Книгите се близината до Бога. Што повеќе знаење во нас има, толку сме поблиску до Севишниот. На учениот човек, нација или народ, перото му е најсилното оружје. Без разлика која е жртвата. За разлика од куршумот, перото спасува човечки животи. Неотстапувањето од научната вистина е неотстапување од Божјиот пат. Науката и Бог се лице и опачина. Две една.
Беше задлабочен во молитвата. Пробуваше да ги одврати од себе лошите мисли дека нешто може да му се случи на семејството. Веруваше дека бракот и семејството се од Бога дадени нешта и по никоја цена не сакаше да ги ризикува нивните животи. Но, не сакаше да ја засени вистината со тоа што ќе се повлече. Настанот после кој тој остана жив уште повеќе ја втемели неговата одлучност.
„Родителите на Сузана Каневче живеат на неколку метри подолу од оваа црква.“- Кузман го информира Мартин. „ Веднаш одиме до кај нив. Оваа работа не смее да се одолговлекува.“
„Во ред, да тргнеме.“- се согласи Мартин.
Скромната куќичка каде преостанатите денови од животот ги поминуваа родителите на Сузана беше запуштена. Дворот беше обраснат со дива трева, коров и плевел. Фасадата на куќата се распаѓаше затоа што беше оставена на забот на времето. Од тревата едвај можеа да го препознаат патчето кое водеше до вратата на приземниот кат. Мартин се доближи до прозорецот и се напрегаше да види дали има некој внатре. Во собата каде тој гледаше имаше неколку икони на ѕидот, мала кујна на спротивниот крај од собата, работна маса, кревет, компјутер….
Некако последниот предмет што го примети Мартин не се вклопуваше во средината каде се наоѓаше. Претпостави кој би можел да живее во оваа соба. Веднаш од десната страна на куќата, над приземјето се издигаа скали кои водеа до горниот кат. Ништо не упатуваше на тоа дека некој сѐ уште живее овде. Полека се искачија по скалите и тропнаа на врата. Извесно време немаше никој. Во меѓувреме темни облаци надвиснаа над Охрид. Се спремаше невреме. Започна да паѓаат крупни капки дожд. Пред да почне да засилува дождот некој од внатрешната страна на куќичката се доближуваше до вратата. Конечно, вратата се отвори. Стара подгрбавена женичка излезе на вратата и се обидуваше да се подисправи за да ги погледне луѓето во лице. Им се насмевна кога после толку напор успеа да ја подигне главата.
„Добар ден чеда. Добро нѝ дојдовте. Дождот нема да престане уште некое време. Повелете, влезете внатре. Ќе ви сварам чај. Претпоставувам дека сте пријатели на Сузана, иако таа ги немаше многу. Поубаво е кога се зборува внатре.“- со мил глас ги дочека жената.
„Ви благодариме!“-љубезно возврати Кузман.
Кога влегоа внатре прво нешто што го воочија е тоа што оваа мала соба каде се наоѓаа го сочувала времето кога настанала. Стари чаршафи и завеси, Четири столици и маса кои исто така не припаѓаа на ова време, но беа изработени од квалитетно дрво, икони веднаш над каучот кој се наоѓаше десно од масата. До креветот ормар за алишта, стара семејна слика од двајцата родители и уште една покрај неа од Сузана кога дипломирала. На ѕидовите имаше тапети, кои на аглите каде имаше влага беа пожолтени.
„Повелете, седнете.“-рече старицата.
Седнаа на двете столици покрај прозорецот за да можат да разговараат со лицата свртени кон старата госпоѓа и се заблагодарија.
„ Извинете, деца, немам шеќер, од болката во нозете не можам да одам да купам, а соседот што ни помага веќе со денови го нема да намине.“-се посрами бабата.
„Не мора да правите ништо. Ние само сакаме на кратко да позборуваме со вас. Нема многу да се задржиме.“-проговори Кузман.
„Нема проблем, останете колку сакате, но нема да ме одбиете да ви направам чај.“- го исправи старата госпоѓа грбот веднаш штом седна на столчето пред кое стоеше едно старо решо.
„ Со задоволство ќе се напиеме. Јас одамна не сум си направил чај. Сакам да пробам еден охридски чај.“- рече Мартин.
„ Инаку, не се запознавме. Јас сум Кузман, а господинот до мене е Мартин.“ – изусти Кузман оти му беше непријатно повеќе да одолговлекува и да не се претстави себеси и колегата.
„Мило ми е деца, јас сум Менка (промена).“-рече таа и дополни: „домаќинот на куќата е во другата соба. Отиде да се одмори. Откако разбравме за смртта на ќерка нѝ, повеќе како да не постои животот за него. Ни со мене не сака да зборува. Многу е тажен. А јас не смеам да ја оставам куќата запуштена, се трудам колку можам да ја средам и одржувам барем оваа соба. Ми попушти снагата. Не ме држат ни грбот ни нозете.“
„ Многу жалам поради загубата. Примете го моето сочувство. Ние сме колеги со Сузана. Мартин ја познаваше лично, а јас само ги проучував нејзините книги. Многу ни значат нејзините ставови и сознанија, жалам што не ја запознав лично. Тука сме дојдени да го расветлиме случајот и да дознаеме кој го сторил тоа.“- со растреперен глас кажа Кузман.
„Нејзините книги беа нејзиниот свет. Како сега да ја гледам кога ќе влезеше среќна во собата да нѝ раскаже што открила. Јас не разбирав ништо што таа ни раскажува, но се радував што е таа среќна и што тоа ѝ го исполнува животот.“-натажено и тивко зборуваше Менка: „ сега сето тоа го нема. Бар да можев за последен пат да ѝ го слушнам гласот. Последните неколку месеци воопшто не доаѓаше кај нас. Постојано нѝ ветуваше дека ќе дојде, но место неа дојде само погребното возило со нејзиното тело. Во капелата ја видов последен пат. Ја погребавме на гробиштата во близина на црквата погоре. Секој ден ја спомнувам во молитвите, бидејќи нема кој да ме однесе на нејзиниот гроб. “
Им го принесе чајот и пополека се доближи и седна до креветот. Кога светлината од прозорецот го осветли нејзиното лице, тие ги приметија насолзените очи на бабата.
За да ја оттргне од тагата, бар за кратко, Кузман праша:
„ Дали можеме да ја видиме нејзината соба? Можеби ќе најдеме нешто што може да нѝ помогне.“
„Слободно одете, драги деца. Таму и онака никој не влегува повеќе. Собата се наоѓа долу, на приземјето. Јас не можам да се спуштам долу поради болката во нозете. Клучот од собата е зад последната закачена украсна чинија на ѕидот крај прозорецот. Но, побрзајте, инаку ќе ви се олади чајот.“- ги потсети Менка.
„Веднаш ќе се вратиме. Ви ветувам дека нема долго да се задржиме.“-рече Мартин.
Откако го зедоа клучот се спуштија долу, ја отворија вратата и го вклучија компјутерот. Не беше сосема нов комјутерот, но доволно беше нов за да може да се пишуваат текстови и да се праќа електронска пошта.
После неколкуминутно чекање се вклучи компјутерот, кој за среќа не беше заштитен со лозинка. Во куќата немаше интернет, па Мартин го поврза интернетот од својот мобилен телефон со компјутерот за да можат да пристапат до пораките. Прво нешто што им падна на ум да проверат, беше сандачето за електронска пошта. И тука имаа среќа. Последен пат кога Сузана била овде, не се одјавила од страната, туку можеше со едно кликање да се влезе во нејзините пораки.
Првин ги прегледуваа влезните пораки. Дописи од колеги од дома и од странство, неколку фотографии, на кои се гледаше таа како учесник на конференции. Ништо што на нив можеше да им помогне за случајот.
Во излезните пораки Кузман, меѓу останатите ја виде и пораката до него. Но, во ниту една од нив немаше никаква корисна трага.
Кузман се сети да ја провери архивата. Во третата порака Кузман забележа дополнителен документ прикачен со пораката. Еден стар текст со порака: Ова го бараме. Ако не можеш да го донесеш ќе го убиеме твоето семејство.
Кога внимателно ја погледна фотографијата, на Кузман му стана јасно за кој текст се работи.
„Ова е содржината на писмото кое беше украдено. И ова е оригиналот. Тука ги има и информациите кои не смеат да излегуваат во јавноста. Тука пишува дека покрај моштите на папата Климент се и моштите на Марија Магдалена, жената апостол, кои ги нашол самиот папа Климент, а тука се наоѓа и гралот на Исус Христос, кој тој ѝ го дал токму на Марија. Сето ова Кирил Филозоф го однел во Ватикан. Приказната дека гралот се наоѓа на северот на Шпанија е вешто свртување на внимание, за да може Ватикан да го заштити добро од сечиј дофат. Многу добро знаел Филозофот што прави. Само што сега сектите сакаат да го земат гралот по секоја цена. Треба да се има во предвид дека тие имаат луѓе внатре во самиот Ватикан.“- возбудено говореше Кузман.
„Добро, а што можеме да направиме ние тука?“- збунето праша Мартин.
„ Имаш човек од доверба кој може да ја лоцира адресата од каде е пратена пораката?“-праша Кузман.
„Мислам дека знам еден таков кој би можел да помогне. Но, не знам дали треба да му веруваме.“- брзо одговори Мартин.
„Немаме друг избор. За ова треба да знаат што е можно помалку луѓе. Одиме кај него. Тој сигурно не знае за што се работи во текстот. “- одлучно рече Кузман, Мартин веднаш го прекина:
„ И знам кој им го однел писмото на овие гадови за да го заштити семејството. Сузана лично. Никој од надвор не можеше да знае каде точно да бара.“
„Таа се жртвувала себеси. Точно знаела што ја чека. Тие не оставаат сведоци зад себе. “- надополни Кузман.
Мартин го потсети Кузман: „мораме да го земеме компјутерот со себе, немаме нејзина лозинка за да можеме да пристапиме од наш компјутер во нејзината пошта. Старите не смеат да знаат ништо за да не ги вовлечеме и нив во неволја.“
„Се наоѓа под екранот.“ рече Кузман.
„Од каде знаеш?“ зачудено праша тој.
„Во пораката што ми ја таа прати по електронска пошта стоеше и каде можам да ја најдам лозинката доколку нејзе ѝ се случи нешто. Знаеше дека е во опасност. И дека сме ние во опасност.“, рече Кузман.
Го исклучија компјутерот и ја заклучија вратата на излегување. Ливчето со лозинката сега беше во неговиот паричник.
Конечно го имам тоа што ми треба. Овие зли луѓе не смеат да дојдат до гралот. По никоја цена., говореше во себе Кузман.
(Продолжува)