Во оваа кратка верзија од романот, која, во делови, ќе излегува секој петок во весникот „ДЕНЕШЕН“ се испреплетуваат историските вистини за Кирил и Методиј, дозирана фикција со суштинската потреба за здраво семејство како основна клетка во општеството од каде потекнуваат сите борби и кое е засолниште од сите животни бури и борби. Романот претставува критика и напуштање на стереотипните ликови од модерната книжевност, каде ликовите се или самци или разведени или вдов(и)ци. Опишани се паралелни дејства: едните во денешното време, други во минатото, кои ги поврзуваат позитивните карактерни особини: стремежот за слобода, еднаквост, знаење, творештво и истрајност во напорите да се прави добрина и кои во расплетот се соединуваат. Делото настанува поради јубилејот кој треба да настапи во блиска иднина: во 2023 година се одбележува 1160-годишнината од создавањето на првата словенска азбука, која пак за свој темел го има јазикот на македонските Словени во околината на Солун.
Пишува Дарко РУСЕВСКИ
Глава 16
Марија стана рано, го испрати Кузман, ги одведе децата кај мајка ѝ и дојде на работа. Бременоста сѐ уште беше во рана фаза и не ѝ пречеше да ги извршува своите секојдневни задачи. Пристигна на работа, го облече белиот мантил и тргна во салата за состаноци која се наоѓаше на најгорниот кат. Дојдоа сите вработени, меѓу кои и новопоставениот медицински менаџер, д-р Предраг. Сакал да ги запознае сите вработени и да ги унапреди оние кои работеа со посветеност и промисленост и кои покажале најмногу успех. Новиот доктор срдечно ги поздрави сите и го започна говорот. Се заблагодари за довербата да го постават на ова работно место, се заблагодари на честитките од колегите и колешките и поддршката што му ја дале и почна да го опишува своето работно искуство, предизвиците у успесите кои му биле искуство да достигне до онаму каде што е сега. Како главна точка која сите ја очекуваа беше и соопштувањето на имињата на унапредените колешки и колеги од сите институти и оддели. Марија не се надеваше на нешто такво, бидејќи веќе беше раководител, но беше љубопитна да слушне кај кого од персоналот ќе се слави унашпредувањето. Ги познаваше сите и немаше непријатели, бидејќи како човек помагаше на сите и со никого не се замеруваше. После извесно време, сфати дека кај Радица ќе има прослава бидејќи ја унапредија во заменик раководител на клиниката за ендокринологија, но и со понатамошното читање на унапредените, изгледа неколку викенди ќе мора да ги ангажира своите родители или родителите на Кузман да ги чуваат децата. Така замислена што би можела да ѝ купи на Радица, ја пресече гласот на директорот кога го слушна своето име:
…..а на д-р Марија Накиќ – Бачилец ѝ се доделува супспецијализација во доменот на ендокринологијата со генетика на Универзитетот во Кил под менторство на д-р Рајнхард Штајнер, за што се обезбедени средства од буџетот на Република Македонија…
Таа не можеше да поверува дека конечно ѝ ја одобрија и супспецијализацијата. Стана пред колегиумот, им се заблагодари за укажаната доверба и одобрената специјализација и едвај чекаше да заврши состанокот, за да можат после сите да си честитаат меѓусебно и да одат да прослават. Откако после коктелот и честитањата сите се разотидоа секој во својот оддел и се договорија веднаш после да се чекаат пред Градска Кафеана, кафеана каде се собираа најблиските колеги и колешки од различни институти заедно со брачните партнери и остануваа до доцна во ноќта во многу убавио расположение, Марија се брзаше да дојде до телефонот за да му ја соопшти прекрасната вест на Кузман. Телефонот ѕвонеше упорно до крај, но никој не се јави. Нетипично за Кузман, затоа што, тој што и да правеше, секогаш одговораше на нејзиниот повик. Си помисли дека е премногу зафатен и дека ќе го побара подоцна пак. Нормално, се јави и на родителите, но тие колку беа среќни поради успехот на нивната ќерка, толку беа и натажени затоа што Марија и Кузман со децата треба следните четири години, почнувајќи од следниот месец, да живеат оддалечени од нив. Отиде на пауза за ручек, го погледна повторно телефонот, никој не ѝ вртел и почна да се загрижува. Од вртењето на телефонот до паузата поминаа два часа. Никако не можеше да го добие својот сопруг. Кога го нарачаа јадењето заедно со Радица, пред да го вкуси првото залче, телефонот даде сигнал дека ѝ стигнала порака. Во пораката стоеше:
Го нема повеќе твојот сакан. Многу ја муваше муцката каде не ѝ беше место. Сега ни остана уште ти. Бргу ќе завршиме и со тебе.
Во пораката каде требаше да стои испраќачот на истата, стоеше само: непознат број. Марија беше многу прибрана личност и не паничеше. Го зеде телефонот, ѝ се извини на Радица што мора да излезе на кратко за да се јави и повторно ја побара мајка си.
После кратко ѕвонење мајката ја крена слушалката, а таа само тивко проговори:
„Земи ги со тато децата и одете на викендичката. Немој да се вознемируваш ако видиш дека и други луѓе дојдат со вас, тоа се луѓе кои ги плаќа Кузман да нѐ чува мене и децата. Тој мене не ми кажа ништо, но јас знам дека тоа се луѓе кои ни го чуваат семејството. Мора да постапиш така. Не прашувај ништо. Случајно дознав дека Кузман најмил луѓе да се грижат за нас. Кузман сигурно не би сторил такво нешто без причина. Посебно се присутни кога Кузман не е дома. И сега ќе дојдат со вас. Всушност, тие се веќе во ваша близина. Ги приметив како доаѓаат по нас. “
„Ќерко, но почекај објасни ми за што….“, бесполезно прашуваше мајка ѝ, затоа што Марија веднаш го прекина повикот.
Влезе внатре, продолжи со ручекот и разговорот со Радица како ништо да не се случило. Се вратија на работа и за помалку од два часа ѝ завршуваше работното време. Ги зеде извештаите од дијагнозите на пациентите и кога сакаше да излезе и да оди до биохемиската лабораторија, влезе Наташа. Наташа беше драга, но чудна личност. Не се дружеше многу со луѓе, а кога сакаше да излезе, излегуваше на кеј или седеше сама во рок-барот. Марија неколку пати ѝ правеше друштво затоа што ѝ беше жал зошто нејзината секретарка живее таков живот, но не сакаше да ѝ се меша. Само сакаше да ја развесели и да ѝ го направи барем тој час и половина додека седеа во рок-барот попријатен.
Кога влезе Наташа сега кај Марија беше многу весела и дури ѝ донесе кафе на Марија, што беше невообичаено, затоа што Наташа доаѓаше во текот на работното време кај неа само кога ќе ѝ требаше на Марија да ѝ помогне во работата, да однесе извештаи, да ископира нешто или да ја потсети за состанок или некоја неодложна работна обврска.
„Здраво Нате, какво пријатно изненадување!“- се развесели Марија.
„Здраво Марија, ти донесов кафе, чисто да се освежиш гледам дека не си ми расположена.“
По ништо на Марија не ѝ се приметуваше дека беше нерасположена, бидејќи Марија својата загриженост или нервоза знаеше вешто да ја прикрие.
„Навистина? Немам никаква причина да бидам нервозна, само работните обврски денес, а посебно веста за одобрување на супспецијализацијата особено ме уморија денес. Пресреќна сум, но и напорно работев деновиве и ми се плаче за спиење. Сега ќе дојде Кузман, моментално е на пат, но за бргу ќе се врати, ќе дојде по мене да ме собере па да одиме во Градска Кафеана. Сакаш да дојдеш со нас?“-љубезно праша Марија.
Таа мораше да излаже затоа што не дозволуваше никој да се посомнева во ништо.
Ја пресече нешто внатре кога ги слушна зборовите на Наташа:
„ Ајде испиј го кафето, да не ти се олади. Има време додека да стигне маж ти од Охрид.“
Од каде знае таа дека маж ми тргнал за Охрид? Јас такво нешто овој ден не ѝ кажав. Јас знам дека Кузман е во Скопје, рече дека ќе побарал некој стар пријател од студентските денови да му помогне околку некој случај на работа. –си помисли таа во себе.
Почна да се сомнева, затоа што таа имаше една информација, а од една не толку блиска личност почна да добива сосема друга информација.
„ Еве само да завршам со работа и да ги предадам извештаите, ќе се вратам и ќе одиме заедно на кратка пауза. Не сум те видела долго време. Ќе поразговараме подоцна на мира со кафенце. “
Пред да си излезе Наташа, ја крена раката да ја поздрави, а на елипсовидниот зглоб ѝ се забележуваше една мала тетоважа. Марија знаеше дека таа припаѓа на таков тип на луѓе кои слушаат рок музика и е во ред да имаат и по некоја тетоважа, но не ѝ обрна внимание многу на тетоважата бидејќи други мисли ја мачеа. Тетоважата беше знакот на змијата на Уроборос. Тоа Наташа не ја издаде. Но, сепак се зачуди како тоа таа знае дека е Кузман во Охрид, а не во Скопје.
Таа излезе и ја затвори вратата. Помина покрај канцеларијата на Радица и сакаше да ја праша за чудното однесување на Наташа или бар да ѝ каже нешто за нејзиниот живот, но не знаеше дали треба да ѝ верува и нејзе, а исто така не сакаше да привлекува внимание.
Отиде во тоалетот и капна само една капка од кафето на малиот прст. После неколку секунди започна нагло да се поти и да ѝ се стега малиот прст.
Соман, си помисли таа. Нема јак мирис на висока доза, а доколку се измеша со кафе, мирисот станува уште понепрепознатлив. Наташа сакаше да ме отруе. Морам да избегам од лабораторијата. Не знам кому да се обратам. Никој не смее да примети дека ме нема.
Отиде скришум до автомобилот без да ја забележат камерите и влезе во него. Целата облеана во пот ја вклучи климата и реши да ѝ верува на Наташа. Тргна за Охрид.
Наташа ја забележа од прозорецот во својата канцеларија и додаде:
„Се надевам дека си го испила целото! Нека ти е на здравје.“
(Продолжува)