Разговарала: Бранка Д. НАЈДОВСКА
Вашингтон, 15 јули 2025, (МИА) Питер А. Мекалоу е интернист, кардиолог, епидемиолог со дипломи од Универзитетот Бејлор, Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тексас, Универзитетот во Мичиген и Јужниот методистички универзитет. Д-р Мекалоу има објавено широк спектар на теми во медицината со над илјада публикации и повеќе од седумстотини цитати во Националната медицинска библиотека.
Тој е добро позната јавна личност во медицината, посебно во САД и е чест соработник на бројни мејнстрим и независни медиумски платформи. Повеќе пати сведочел во Сенатот на САД, Претставничкиот дом на САД, Европскиот парламент и во многу државни престолнини во врска со политиката за јавно здравје. Во Сенатото на САД сведочеше посебно за епидемијата од Ковид 19 и потребата од ран третман на пациентите со постојните проверени лекови, како на пример ивермектин, наспроти скапите и неефикасни лекови како ремдесевир.
Како се дозволи да изгуби САД над еден милион луѓе од Ковидот?
– Националниот центар за здравствена статистика на САД во 2023 година објави дека приближно во половина од „смртните случаи од Ковид” не е спомната пневмонијата во нивните здравствени картони. Бидејќи беше одредено да се признае позитивен тест во различни периоди и смртни случаи, нема гаранција за вистинскиот број на смртните случаи од Ковид-19. Проценувам дека, ако строго се суди, вистинскиот број на смртни случаи од Ковид-19 бил отприлика 120.000 луѓе. За жал, сведочев во Сенатот и Конгресот на САД дека околу 85 отсто од тие смртни случаи можеле да се избегнат со ран третман со користење на Протоколот Мекалоу.
Кои се според вас, негативните дејства на мНРА вакцините на Фајзер и Модерна врз луѓето кои ги примиле?
– И вакцините мРНА на Фајзер и Модерна го полнат човечкото тело со потенцијално смртоносниот спајк протеин, шилестиот дел од SARS CoV 2 вирусот. Има рекордни физички и ментални оштетувања и попречености и смртни случаи кај оние кои примиле една или повеќе вакцини против Ковид-19.
Дали вирусите кои го предизвикуваат Ковидот и Птичјиот грип се вештачки создадени вируси? Ако е така, кој ги создава и зошто?
– Да, и SARS-CoV 2 (вирусот што предизвикува Ковид 19, н.з.) и H5N1 Clade 2.3.4.4b, високо опасен поттип на вирусот на птичјиот грип, беа производи од gain of function research (истражувања при кои се прави вештачко менување на својствата на неопасни вируси за човекот, во вируси кои стануваат високо заразни и преносливи меѓу луѓето, н.з.) медицинско истражување кое што генетски го менува организмот (на вирусот, н.з.) на начин што може да ги подобри неговите биолошки функции (на пример, да стане опасен за луѓето, н.з.), и тоа е правено во лабораторијата во Вухан (Кина) и во Атина, Џорџија, адекватно.
Во една прилика изјавивте дека вакцините се биооружје…?
– Не сум ги нарекол вакцините „биолошко оружје“.
Која е крајната цел на последново „задолжително“ вакцинирање?
– Со принудување на големи популации на масовна генетска вакцинација со вакцините против Ковид-19, светската популација беше ефикасно потчинета. Ова особено се потврдува со лицата кои не сакаа да се вакцинираат против Ковид-19.
Велите дека вакцините се догма стара неколку стотини години…?
– Во мојата книга „Вакцини: Митологија, идеологија и реалност“ го изнесуваме тврдењето дека уште од првите напори за вакцинација против сипаници, комбинацијата од широко распространет страв, гордост, пари и моќ, довело до тоа областа на вакцинологијата да добие карактеристики на идеологија. Религијата на вакцините тврди дека човештвото е ранливо на заразни болести и дека преку брилијантноста на науката за вакцини, човекот може да го подобри Божјото творение. Меѓутоа, бидејќи вакцините не се совршени, за да дејствуваат, секој мора да ги прими. Ако некои се повредат или умрат од вакцинација, идеологијата вели дека тоа мора да се прифати за поголемото добро.
Како се случи многумина доктори, наместо да им бидат најважната поддршка на луѓето, да им станат непријатели?
– Со промовирање на небезбедни, неефикасни вакцини и занемарување на несаканите ефекти од вакцините, многу лекари ефикасно станаа непријатели на пациентите.
Какви проблеми ви предизвика пропагирањето на лечењето на Ковид со ивермектин?
– Ивермектинот беше избор во Протоколот Мекалоу од 2020 година. Важно е да се напомене дека со протоколот ниту еден лек не беше неопходен, ниту доволен. Американската ФДА беше тужена од д-р Боуден, Аптер и Марик за давање лажни и погрешни изјави за ивермектинот. Како резултат на тоа, ФДА ги отстрани своите лажни изјави, за пациентите подобро да ги разберат придобивките од ивермектинот во раните протоколи за лекување на Ковид-19.
Зошто имаше толку многу негативна пропаганда за лечењето со ивермектин на Ковидот?
– Бидејќи ивермектинот беше најбрзо дејствувачкиот и клинички најефикасен антивирусен лек според моето клиничко набљудување. Според мене, негативната пропаганда против ивермектинот беше дизајнирана да ја наведе јавноста да верува дека Ковид-19 не е излечлив и дека единствената опција за нив е повторена и бесконечна вакцинација против Ковид-19.
Дали имате сознанија за позитивните ефекти на ивермектинот во лечењето на заболени од канцер?
– Постојат повеќе претклинички студии кои укажуваат дека ивермектинот може да има широки антиканцер, антинеопластични ефекти. Националниот институт за рак на САД треба да иницира големи рандомизирани, двојно слепи, плацебо-контролирани клинички испитувања на ивермектин кај пациенти со рак.
Надвор од темата за Ковид 19, вакцините и ракот, според Вас, која е границата за толерирање на висок крвен притисок кај средовечните луѓе? Кај нас, за притисок поголем од 120/80 веднаш даваат таблети?
– Крвниот притисок поголем од 140/85 се смета за висок и треба да се лекува ако не се намали со немедицински мерки.
Кој е основниот и главен совет што би им го дале на луѓето за да си го зачуваат психо-физичкото здравје?
За повеќето е најдобро да се избегнува алкохолот. Исхраната со висококвалитетни извори на протеини и свежо овошје и зеленчук е муда избор. Тоа значи избегнување или елиминирање на шеќери, скроб и заситени масти. Дневните аеробни и вежби за сила се од витално значење за психофизичкото здравје.
Д-р Мекалоу во разговор за американски медиум за спајк протеинот од САРС КОВ 2 вирусот и за спајк протеинот што го продуцира организмот по примањето на вакцините Фајзер и Модерна:
„Никогаш не сум видел нешто толку штетно за човечкото тело. Го напаѓа мозокот, го напаѓа срцето, предизвикува оштетување на мозокот и срцето. Ја напаѓа коскената срцевина. Ги стимулира антителата да почнат да ги напаѓаат нашите сопствени тромбоцити и другите клетки во нашето тело.
Предизвикува згрутчување на крвта и оштетување на крвните садови како што никогаш не сме виделе. Податоците од Универзитетот во Питсбург сугерираат дека предизвикува рак. Од кога имаме протеин кој всушност го повредува мозокот, го повредува срцето, коскената срцевина, имунолошкиот систем, предизвикува згрутчување на крвта и потенцијално предизвикува рак?
Тоа е оружје. Всушност, постојат три трудови, еден од Фаркас објавен во Воена медицина и Ту Беј Јен објавен во претпечатено издание – тие всушност заклучиле дека тоа е биолошко оружје. Тоа е биолошко оружје. Според строгите воени критериуми, тоа е биолошко оружје.“
МИА