Не може да се откажеме од земји кои вложиле напори и да им кажеме „имавте проблем со Грција, а сега и со Бугарија“. На Скопје треба да му се даде сигнал и да ги почне преговорите со ЕУ, смета поранешната француска министерка за европски прашања Натали Лоазо.
Лоазо, која е од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, и чија земја го презема ротирачкото претседателство со ЕУ од јануари 2022 година, во изјава за БНР што ја пренесува Дојче веле, посочува дека е очигледно оти треба да има дијалог, како и решение.
– Никој не вели дека утре, во 2022 година, Македонија ќе влезе во ЕУ. Велиме дека треба да почнат преговори, за време на кои сѐ ќе биде ставено на маса. И тие нема да напреднат, ако сите теми поврзани со човековите права и основните вредности не се придвижат напред. Но, на овие луѓе треба да им се даде сигнал, бидејќи ним им се додворуваат Кина, Русија и Турција. Што сакаме – да ни свртат конечно грб? Тоа не е во ничиј интерес, изјави Лоазо.
Запрашана дали постои француска иницијатива за надминување на билатералниот спор меѓу Бугарија и Македонија, Лоазо не одговора директно.
– Се надевам дека овој спор ќе биде решен, бидејќи би сакала преговорите со Македонија да започнат брзо. Таа вложи огромни напори за да се приближи до европските очекувања. Истото се надевам и за Албанија. Знаеме дека претстои долг пат, ќе бараме резултати, бидејќи има нова методологија за проширувањето. Но не може да се откажеме од оние земји кои вложиле напори, и да им кажеме: ‘Видете, има уште еден проблем. Имавте со Грција, а сега и со Бугарија’. Тоа ќе создаде непријателство кон ЕУ во срцето на Европа, бидејќи географски, културно и историски Балканот е токму таму, истакнува Лоазо.