Кина гради база на Антарктикот која би можела да служи не само за научни, туку и за воени цели, предупредува група експерти од Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
Пекинг се обидува да развие нова поморска рута на Арктикот и таму да ги прошири истражувањата, но западните влади се загрижени дека неговото се поголемо присуство во поларните региони може да и даде на кинеската војска подобри можности за надзор.
Новата станица на остров во близина на Росовото море, се очекува да вклучи опсерваторија со сателитска копнена станица која треба да и помогне на Кина да „пополни голема празнина“ во нејзините можности за пристап до континентот, стои во извештајот на Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
Се проценува дека изградбата би можела да биде завршена до 2024 година.
„Иако станицата може да обезбеди следење и комуникации за растечката низа научни сателити во Кина кои ги набљудуваат поларните региони, нејзината опрема може да се користи и за пресретнување на сателитски комуникации од други земји. Станицата е добро позиционирана да собира разузнавачки сигнали над Австралија и Нов Зеланд и телеметриски податоци за ракети лансирани од новиот австралиски вселенски центар Арнем, се вели во соопштението од Центарот за стратешки и меѓународни студии.