Во Косово во текот на вчерашниот ден се регистрирани рекордни 79 заразени од новиот коронавирус во едно деноноќие, со што вкупната бројка на заболени од Ковид-19 во земјата се зголеми на 362, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според синоќешното соопштение на Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) најмногу новозаразени, 35, се евидентирани во општината Урошевац (вкупно 55), која со одлука на Министерството на здравство од саботата е ставена во карантин. Следува Призрен со 16 нови случаи, Генерал Јанковиќ и Витина со по шест, Гњилане со три, Малишево со два и уште неколку општини со по еден нов случај на заболен од новиот вирус.
Во општина Приштина, која по 20-те заболени кои завчера беа потврдени, беше ставена под режим на карантин, вчера не е потврден ниту еден нов случај со позитивен наод од вкупно 40-те тамошни жители кои биле тестирани.
Покрај Приштина и Урошевац, вчера, со одлука на Министерството за здравство и на локалните власти, во карантин беа ставени и општините Призрен и Сува Река.
Вкупно во неделата во Лабораторијата за молекуларна микробиологија на ИШПК се испитани примероци од 250 лица за кои постоело соменавње дека се заразени од новиот вирус, со што бројката на тестирани од 8 февруари, заклучно со вчерашниот ден, достигна 3.256.
Досега во Косово се регистрирани седум смртни случаи како жртви на епидемијата, а како излегувани во истиот период се евидентирани 59 лица.