Силна експлозија одекна денеска во центарот на градот Доњецк во источна Украина, каде мнозинско е руското население, јавија западни медиуми повикувајќи се на новинската агенција Риа. Експлозијата била во близина на владина зграда.

Експлозијата се случува во момент на зголемени тензии околу овој регион.

Проруските сепаратисти прогласија евакуација на нивните отцепени региони во источна Украина, додека западните земји предупредуваат дека Русија ќе почне инвазија во наредните денови, за што би можела да има измислен повод. Русија, пак, стравува дека Украина би можела да нападне под лажен повод, за да испровоцира акција на руските сили.

Сирените за тревога се огласија денеска во Доњецк, главниот град на еден од двата бунтовнички региона.

Првиот човек на регионот Денис Пушилин изјавил дека Русија се согласила да ги смести оние што ќе избегаат и додаде дека жените, децата и старите лица први ќе бидат евакуирани. И другиот самопрогласен регион Луганск даде исто известување.

Агенцијата „Интерфакс“ објави дека првите автобуси за евакуација ќе тргнат кон Русија до 20 часот по локално време. Евакуацијата беше објавена откако во изминатите два дена проруските бунтовници и украинските владини сили се обвинуваа за интензивни гранатирања долж линијата на разграничувањето. Западните земји веруваат дека бомбардирањето е дел од сценариото да се оправда руската инвазија. Утрово биле регистрирани 600 експлозии, стотина повеќе од вчера, при што имало и тенковски проектили.

И додека Русија тврди дека почнала да ги повлекува своите трупи од границата со Украина, Вашингтон вели дека бројот на руските војници се зголемил до 190.000.

„Ова е најзначајната воена мобилизација во Европа од Втората светска војна“, кажа американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер.