Најмалку 31 лице е повредено во експлозија во кафуле во Урошевац (Феризај), потврди локалниот обвинител Шукри Јашари. Причината за експлозијата е непозната. Меѓу повредените има и две деца. Четири лица се во тешка здравствена состојба.
Приштинските медиуми наведуваат дека експлозија на бомба во еден бар во Урошевац повреди 31 лице, од кои две потешко. Според други медиуми, причина за експлозијата е боца со гас.
Директорот на болницата во Урошевац, Јетон Зеќири, рече дека 22 лица повредени во експлозијата се згрижени во таа институција, како и дека осуммина се пренесени во клиничкиот центар во Приштина поради сериозноста на повредите.
– Четири лица претрпеа сериозни изгореници и се во животна опасност, рече Зеќири.
На местото на експлозијата има голем број припадници на полицијата, пожарникари и екипи на Брза помош.
Малку подоцна стигнаа нови информации кои велат дека бројот на повредени во денешната експлозија во ресторанот „Вилиџ“ во Урошевац (Феризај) во Косово, се искачи на 42, а меѓу нив има и две малолетни лица, изјави денеска градоначалникот Казим Река.
Во изјава за приштинскиот портал Телеграфи тој рече дека 12 повредени лица биле испратени во Ургентниот центар во Приштина, пренесува Танјуг.
Експлозијата се случи околу 15 часот и според првичните податоци, се верува дека е предизвикана од плинска боца во ресторанот.