Во Дебар утре од 10 до 18 часот ќе има прекин во снабдувањето со струја заради сервисирање на трансформаторот преку кој градот се снабдува со електрична енергија, соопшти АД ЕЛЕМ.
Станува збор за редовно сервисирање на регулациска склопка од 110/35 киловолтен трансформатор кој се наоѓа во хидроелектраната Шпилје, постапка што почна минатата недела и за која е потребно подолго време поради настанат дефект на дел од опремата.
Од АД ЕЛЕМ информираат дека сервисирањето го врши овластениот сервисер ,,Кончар ИНГ” од Хрватска, кој во најкус рок обезбедил резервен дел, и ќе го замени во трансформаторот во текот на утрешниот ден.
– Сервисирањето е од најголемо можно значење, со оглед на тоа што без регулациска склопка постои ризик од избивање на мрежата, настанување на целосно оштетување на електичните апарати на корисниците, долготрајно останување без електрична енергија на Дебар и сериозни можни последици за целиот електроенергетски систем на земјата со загрозување на неговата стабилност. Од тие причини, зафатот во текот на утрешниот ден, сабота 6.4.2019 е неопходен и граѓаните се замолуваат за трпеливост и соработка со институциите заради своја лична сигурност и сигурност на нивниот имот, се наведува во соопштението од АД ЕЛЕМ