Тренерот на Виљареал, Унаи Емери призна дека неговиот тим немаше доволно сили синоќа во реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите против Ливерпул.
По првото полувреме шпанскиот тим поведе со 2:0, но на крајот загуби со 2:3.
– Првото полувреме го одигравме според планираното. Се одвиваше според најоптимистичкото за нас сценарио. Сепак, моравме да ги одиграме перфектно сите 90 минути, особено во одбраната. Првото полувреме беше едноставно совршено. Прикажавме игра која ни даде надеж. На полувремето знаевме дека Жерар Морено е во неволја и се чувствува повреден, но сакавме тој да остане на теренот што е можно подолго. Но, тој не можеше и останавме без важен играч. Требаше да имаме поголем посед на топката, контрола на играта. Но, во второто полувреме немавме ресурси да се спротивставиме на оваа моќ на Ливерпул, изјави Емери.
На првата средба Ливерпул на домашен терен победи со 2:0, па вкупен пласман во финалето избори со 5:2.
Финалето на Лигата на шампионите ќе се одигра на 28 мај на „Стад де Франс“ во Париз. Ривалот на тимот на Јирген Клоп ќе биде победникот од пресметката помеѓу Манчестер сити и Реал Мадрид. Англискиот тим го доби првиот натпревар со 4:3.