Белата куќа бара начин како да се ослободи од Фетулах Ѓулен, најголемиот ривал на турскиот претседател Таип Реџеп Ердоган, кој живее во САД, со надеж дека таков потег ќе го омекне ставот на Турција за убиството на новинарот Џамал Кашоги, наведуваат две официјални лица од Америка.

Во веста која од Ен-Би-Си ја пренесува српската национална телевизија РТС, натаму се додава:

Службеници на администрацијата на претседателот Доналд Трамп минатиот месец побарале од федералната агенција за спроведување на законот да ги разгледаат правните норми за откажување на гостопримството на верскиот водач Фетулах Ѓулен, за да го убедат турскиот претседател Ердоган да го ублажи притисокот врз саудиската влада по убиството на Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул, наведуваат извори блиски до администрацијата на Трамп.

Тоа вклучува и насоки на Министерството за правосудство и на ФБИ повторно да биде отворен случајот за испорака на Ѓулен, како и барањето информации за неговиот правен статус во Одделот за државна безбедност, тврдат наведените извори.

Белата куќа посебно инстистирала на детали за резидентниот статус на Ѓулен во САД. Гулен има Зелена карта и живее во Пенсилванија од крајот на 90-тите години од минатиот век.

Овие наводи не сакаа да ги коментираат ни во Националниот совет за безбедност, ниту во ФБИ, а за коментар не беше достапен ни адвокатот на верскиот лидер Ѓулен.

Турски официјални лица не гледаат врска помеѓу овие два случаја и велат дека ќе продолжат да инсистираат за враќање на Ѓулен од САД, но дека тоа нема да ги спречи до крај да ја истераат истрагата за убиството на Кашоги.

Турција бара од САД да и биде предаден Ѓулен, кого го обвинува за обидот за државен удар.