Дирекцијата на Технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) започна со редукција на уличното осветлување во делови од ТИР Зоните низ државата, а целосно се исклучени и надворешните светлечки табли во Дирекцијата, како придонес во надминувањето на кризната состојба во енергетскиот сектор.
Како што соопшти Дирекцијата на ТИРЗ, редуцирањето на уличното осветлување се прави во соработка и консултација со компаниите во зоните и се применува во одредени делови за кои се смета дека осветлувањето не е неопходно и нема да го наруши нивното функционирање. Оваа мерка, додаваат, ќе се спроведува за време на триесетдневната кризна состојба прогласена од Владата.
– Дирекцијата на ТИРЗ, како општествено одговорна институција, сака да ги да ги поттикне и останатите институции во земјата да го следат ваквиот конкретен пример на солидарност во справувањето со енергетската криза. Истовремено ТИРЗ апелираше и до компаниите во Зоните да се приклучат кон оваа иницијатива за заштеда на електрична енергија со цел заеднички да придонесеме кон поефикасно надминување на енергетската криза со која се соочува земјата. Веруваме дека со ваквата постапка ТИРЗ ќе ги мотивира и сите сограѓани за рационално искористување на електричната енергија во претстојниот период, се наведува во соопштението.
Владата на седницата одржана на 9-ти месецов, донесе одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена со цел успешно справување со предизвиците настанати од енергетската криза.