Шеесет европратеници од редовите на пет од осумте пратенички групи во Европскиот парламент, упатиле писмо до Европската комисија во кое бараат членови на Колеџот на комесари да бидат „видливо присутни“ на Парадата на гордоста во Будимпешта, што би требало да се одржи кон крајот на следниот месец.
Во писмото, во кое увид имал бриселскиот портал „Еурактив“, европратениците изразуваат „длабоко разочарување“ што Кабинетот на претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен ги повикал комесарите да не присуствуваат на Парадата.
Пратениците ја обвинуваат Европската Комисија дека „не ги исполнува своите должности“ и покажува „слабост и недостиг на солидарност“ со европската ЛГБТК заедница и бараат од Фон дер Лајен да ја „преиспита“ својата позиција и „да се обезбеди дека Комисијата ќе биде видливо присутна на Парадата на гордоста во Будимпешта“.
– Сега повеќе од кога било… сите оние кои веруваат во слободата и достоинството за сите, треба да видат дека Европската Унија е нивен вистински сојузник… Ако Европската комисија навистина сака да застане рамо до рамо со ЛГБТИК+ заедницата, не може да се воздржува од поддршка на мирните демонстрации за еднаквост од страв да не ја „провоцира“ Владата на Виктор Орбан, се вели во писмото.
Во, понеделникот се појавија медиумски информации дека Кабинетот на Фон дер Лајен „јасно им ставил до знаење“ на еврокомесарите дека „не сака да види никого на Парадата“, затоа што не сака тие да се мешаат во внатрешни работи на земја членка на ЕУ и да создаваат тензии. Комисијата подоцна ги негираше ваквите тврдења.
Реакцијата на европратениците се надоврзува на барањата упатени до Европската комисија да ја поддржи Парадата на гордоста во Будимпешта, чие одржување е забрането со Законот што унгарскиот Парламент го усвои во март годинава.
Претходно, претседателката на либералната пратеничка група „Да ја обновиме Европа“, Валери Ајер, исто така, упати писмо до Комисијата со кое ја повикува „да преземе привремени законски мерки за да овозможи маршот да се одржи“.
Во понеделникот 17 земји членки од ЕУ, меѓу кои и Германија, Франција и Шпанија, по иницијатива на Холандија, потпишаа документ со која „се опоменува“ Унгарија поради ограничувањата на ЛГБТК заедницата во земјата предвидени со мерките од Законот усвоен во март.
Во документот се „изразува загриженост од импликациите на овие мерки врз слободата на изразување, правото на мирно собирање и правото на приватност“, при што се додава дека заштитата на ЛГБТК лицата „е својствена за европското семејство“.
Потписниците на документот бараат и Европската комисија „целосно да го искористи пакетот алатки за владеење на правото што и е на располагање“, доколку Унгарија не го промени курсот на своето однесување.
На прашање дали некои од еврокомесарите планираат да присуствуваат на маршот во Будимпешта, главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо изјави дека засега не може „да ги потврди плановите за патување на комесарите за крајот на јуни“.
Еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт изјави дека „не е во можност“ да присуствува на Парадата во Будимпешта, но дека „не ја исклучува можноста“ да иницира мерки, какви што побараа Ајер во писмото до Еврокомисијата.
Фото: МИА Архива