Кошаркарската репрезентација на Босна и Херцеговина го направи најголемото изненадување на Евробаскетот, откако во вистинска драма го совладаа европскиот шампион Словенија со 97:93.
Словенците имаа предност од 52:49 предност на полувреме, но во ниту еден момент не успеаја да направат голема резултатска разлика, и во финишот Џанан Муса со тројка донесе предност од 83:79, за потоа Лука Дончиќ по седми пат да промаши во обид за три поени, оставајќи простор БиХ да успее да стигне до победа.
Џон Роберсон со 25 и Џанан Муса со 22 поени беа лидери на БиХ. За Словенија ова е прв пораз по 11 меча на Евробаскетот, по поразот од Литванија во 2015 година.
Вистинска сензација направија и Белгијците, кои успеаја да ја совладаат Шпанија со 83:73 и да се израмнат со „фуријата“ и со Црна Гора со две победи и еден пораз на Евробаскетот. Во лошата прва четвртина беа постигнати само 26 поени, пред Шпанците да направат +9 предност, која се истопи до полувремето (33:32).
По ова мечот беше израмнет, но наместо светскиот шампион, кој пристигна подмладен на шампионатот да го крене нивото на мечот, Белгијците направија разлика од 10 поени. Емануел Леком со 20 поени, 5 скока и 4 асистенции беше најефикасен за Белгија, додека Били Ернангомес имаше 18 поени за Шпанија.