Д-р Драган ДАНИЛОВСКИ
(ФБ профил)
Последниве ден-два сите малку повеќе размислуваме за здравјето на децата. Секој родител веднаш се загрижува кога ќе слушне дека поголема група ученици добиле стомачни симптоми — повраќање, болки во стомакот, дијареја.
Тоа е природна, човечка реакција. Сите ние, како родители, дедовци, баби, наставници или лекари, не можеме да не се прашаме: „Безбедни ли ни се децата?“
Во вакви моменти, важно е да имаме јасни, смирени и проверени информации. Затоа, овој текст го пишувам со една цел: да објаснам што воопшто претставуваат цревните инфекции кај децата, колку се чести, кои се нивните најчести причинители — и што навистина треба да правиме дома кога дете ќе добие вакви симптоми.
Малите деца имаат „жив“ имунитет кој сè уште учи. Поради тоа, многу полесно „фаќаат“ вируси и бактерии што кај возрасните можеби дури и не предизвикуваат симптоми.
Најчести причини за нагло повраќање и дијареја кај децата се:
– норовирус – многу заразен, брзо се шири
– ротавирус – почест кај помалите деца
– бактерии (Salmonella, Campylobacter, токсин на Staphylococcus aureus и др.) – поретко
– храна што е подготвена или складирана на несоодветен начин
– вода – поретко, но можно
– контактно ширење во колектив: едно дете заразува друго
Тоа што се појавиле повеќе случаи во краток временски период не значи нужно сериозна закана — туку најчесто укажува на заедничка изложеност, што е типично за колективи во училиштата и градинките.
Типичните симптоми кај децата се:
– нагло појавено гадење и повраќање
– болки во стомакот
– дијареја (пролив)
– повремено покачена температура
– малаксалост, поспаност
Овие симптоми најчесто траат 1 до 3 дена, иако понекогаш дијарејата може да потрае и малку подолго.
Најважно е да се следи хидратацијата! Децата, особено малите, брзо губат течности. Тоа е главната причина зошто внесот на вода, чај или електролитни раствори е многу поважно од било која терапија.
Сепак, во следниве ситуации треба да се побара лекарска помош:
– ако детето не може да задржи никаква течност
– ако има знаци на дехидратација (сува уста, ретко мокрење, летаргија)
– ако има крв во столица
– ако се јави висока температура што не се симнува
– ако детето е под 3 години и делува многу исцрпено
– ако настане влошување наместо подобрување по 24–48 часа

Во најголем број случаи, домашна нега е сосема доволна.
Совети за родителите:
– давајте му на детето почесто течности голтка по голтка
– електролитни раствори се златен стандард
– избегнувајте газирани пијалаци
– избегнувајте „тешка“ храна додека симптомите не стивнат
– не давајте антибиотици на своја рака (во 90% од случаите не помагаат)
– миење раце – најмоќна мерка
Многу е важно да се разбере дека ваквите инфекции се дел од нормалните инфекции што секој организам ги поминува.
Уште поважно е: Децата не се виновни!
Кога ќе се појави зголемен број деца со истите симптоми, тимовите (епидемиолозите) од јавноздравствените институции веднаш почнуваат систематска работа:
– прибирање податоци (епидемиолошки анкети)
– анализа на симптомите и временската линија на појавата на случаите
– проверка на можни изложености
– лабораториски анализи на храна, вода и брисеви од околината
– утврдување на веројатна причина
– препораки за сузбивање и спречување
Понекогаш јавноста сака одговор веднаш — што е разбирливо.
Но, епидемиолошкото истражување не смее да се прави набрзина, ниту смее да се заснова на претпоставки. Важно е да не се извлекуваат заклучоци пред да ги имаме фактите.
Зашто, причината може да биде вирусна, бактериска, од храна, од вода – или сосема нешто трето.
Тоа може да го покаже само лабораторија.
Она што е сигурно е дека институциите се веќе на терен и работат.
Како епидемиолог, но и како родител, ја разбирам загриженоста. Но исто така знам дека:
– цревните инфекции кај децата се многу чести
– најголемиот дел минуваат брзо
– медицината има одлични механизми да ги следи и спречи
– нашите институции имаат долгогодишно искуство со вакви ситуации
Затоа, само трпение!




