Набрзо откако Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред некој ден објави дека не се согласуваат Законот за матична евиденција да биде донесен во формата во којашто е предложен и дека за изнаоѓање на соодветно законско решение и за овој закон, но и за Законот за родова еднаквост, во процесот треба да бидат вклучени сите засегнати страни, вицепремиерот Фатмир Битиќи ненадејно се огласи со колумна во која ја афирмира спорната „родова еднаквост“ со аргументи на кои треба да се посвети соодветно внимание, замајќи ја предвид тежината на функцијата на која се наоѓа. На што се должи оваа негова некоординираност и директен судир на ставови со неговата матична партија, навистина не ми е јасно, но и не ме засега како граѓанин, бидејќи тоа се внатрепартиски работи. Јас само би сакал да се осврнам на изнесеното и да направам една кратка критичка анализа на колумната.

Најпрво, г-динот Битиќи тврди дека со „родовата еднаквост“ се постигнуваат „еднакви права, можности и слободи“ за секој поединец, тврдење кое дава призвук како до сега да немало закони во Македонија со кои се заштитени апсолутно сите граѓани, па отсега тоа ќе го стори спорниот предлог закон. Од пишаното дури на моменти човек може да помисли дека Македонија е некакво дистописко робовладетелско општество од чии стеги има потреба да се избави конкретна малцинска група угнетена од „стереотипите“ на природата, па единствен спас за тоа се гледа во воведување на Законот за родова еднаквост, кој ќе успее да ги сруши тие „стереотипи“… а со тоа и науката, впрочем. Верувам дека г-динот Битиќи за едно ќе се согласи со мене – дека секој човек има пол. А штом е тоа така, тогаш ќе мора и да признае, можеби и неволно, дека навистина секој поединец има еднакви права според законот, затоа што самиот Устав ги опфаќа сите лица по пол и на секој поединец му гарантира еднакви можности со останатите.

Понатаму, тој тенденциозно се обидува да ја залепи реториката против родовата идеологија за „политичко-конзервативни центри“, притоа вешто избегнувајќи да спомне дека како насекаде во светот, така и кај нас, против родовата идеологија се изјаснуваат сите луѓе што ја ценат објективната вистина и здраворазумноста, без разлика на академскиот, политичкиот и верскиот спектрум на кој припаѓаат. Така, во овој наплив на удари од оваа бесмислена идеологија, видовме аргументирани вербални контраудари и од познати либерали, кои што со децении се вклучени во борбата за женските права, но и правата на ЛГБТИ+ популацијата, критичка реторика и несогласување со содржината на предлог законите слушнавме и од еминентни академици и член на МАНУ, но и од експерти од разни области кои отворено се декларираат како атеисти. И тука, повторно можеби и неволно, ќе мора г-динот Битиќи да се согласи со мене дека либерали и атеисти не може да бидат сврстени во кошот на „конзервативци“. Уште помалку, пак, може да се каже дека експерти по женските права и доктори на политички науки не знаат што зборуваат и не го разбрале законот, а само г-динот Битиќи со многу мал број ,,разбудени’’ реформатори се принудени еве сега и да развиваат апологетска мисла и општествен наратив за да ги разобличат ,,политичко-конзервативните центри”.

Главниот аргумент на колумната, дека треба да постои инклузивност по секоја цена, е страшно деструктивен за целото општество и контрадикторен на самата реалност. Тој аргумент самиот се поткопува кога ќе направи вкрстено испитување на неговата издржливост во различни сценарија. Всушност, сите закони се градени врз основа на отфрлање нешто што вредносно не одговара на даденото општество. Доколку не би постоела таква „неинклузивност“, тогаш секој човек би бил ослободен од каква било одговорност за своите постапки и дела. Ќе го земам за пример она што моментално се случува и фрапантно пластично ја отсликува деструктивноста на аргументот „инклузивност по секоја цена“, а тоа е тивка легализација на педофилијата на Запад. Наративот околу педофилијата најпрво започна со еуфемизирање на веќе постоечкиот осудувачки и неинклузивен јазик, така што зборот „педофил“ го преименуваа во „лице кое го привлекуваат малолетници“. Потоа се премина на тоа дека оние педофили кои ги привлекуваат деца, но немаат извршено никакво сексуално дело со деца, се лица кон кои треба да бидеме „инклузивни“. Сега веќе педофилијата отворено, преку крајно либералните центри на моќ, се наметнува како „сексуална ориентација“, во пакет со аргументот дека децата имаат сексуални партнери и самите можат да одлучат дали сакаат да стапат во сексуални односи или не. Нагласувам дека тука под деца се подразбираат и оние, кои ниту еден здрав ум не би ги вклучил во ваква реторика – најмали деца, дури и на 3-4 годишна возраст. Неспорно е дека ваквата забрзаност кон нео-прогресивизмот, наскоро ќе нè доведе до таму што и самите ќе бидеме сведоци во Македонија да се бараат права за задоволување на потребите на таквите луѓе, а ние ќе бидеме принудувани да покажеме поголема „инклузивност“ како демократско општество. Всушност, веќе и посведочивме такво нешто пред неколку години, кога еден активист изнесе став дека нема ништо ненормално во тоа возрасен да има сексуални односи со 12 годишно дете и дека децата треба да имаат право на „сексуална слобода“.

Она што е впечатливо во колумната е тоа што во првиот дел г-динот Битиќи затскриено, без да ги спомнува, зборува за ЛГБТИ+ лицата кога ги користи термините маргинализирање, стигматизирање и прифаќање на различностите, а веќе во вториот дел протекува идејата за жената и нејзината вклученост во општеството. Во постоечкиот закон за еднакви можности на мажите и жените се содржани сите механизми и придобивки за рамноправност, и не велам дека не може подобро и не може повеќе. Не само што велам дека може, туку мора и треба да се работи на унапредување на жената во општеството, но зошто еве не се направат измени и дополнувања во овој закон кој е високоспецијализиран и кој веќе овозможи многу придобивки во поглед на рамноправноста, ако навистина зборуваме само за мажи и жени? Но, за волја на вистината знаеме и јас и Вие дека во новиот предлог закон за родова еднаквост не постои ништо што суштински, па ниту формално ќе ја унапреди жената дополнително, во однос на актуелниот закон за еднакви можности. Напротив, старомодните жени, знаете оние со женски биолошки пол, губат многу преку разводнување и растегнување токму на женските права на безброј нови родови и родови идентитети под палката на супермоќниот секретаријат за родова еднаквост. Со новите предлог закони ќе се внесе хаос во целокупниот правен систем, но и правниот поредок во кој најмногу ќе страдаат жените и децата, а индиректно и мажите со нив. Со еден збор, ќе страда семејството.

Ваквата замена на тези претставува тенденциозен гаслајтинг со цел пошироката јавност повторно да се фрли во темина и да се предизвика збунетост, што ќе резултира во масовно одобрување на скандалозните закони. Сепак, на оваа тема веќе се изнесени голем број аргументи од сериозни лица од научната, медицинската и политичката фела, така што секој ваков обид само покажува дрскост да се омаловажи народот и неговата способност да донесе информирана одлука кога аргументите од двете страни отворено и без маски се ставени на маса. Затоа, во духот на добронамерен совет, сметам дека г-динот Битиќи во иднина не би требало да си дозволи вакви настапи со кои целосно го разорува сопствениот интегритет.

п.с.

Патем, доколку овој закон беше на сила, сега не ќе можев да го ословам Битиќи со „господине“ и со машки граматички род, бидејќи не знам како тој се чувствува, дали како маж, како жена или како нешто сосема трето, и со тоа би го прекршил законот, т.е. неговото субјективно чувство за самоидентификација. Сега засега не треба да се грижам за тоа и сите заедно ќе направиме се’, оваа идеолошка парадигма да не стане реалност во Македонија.

Викарен Епископ Стобиски г.Јаков

Струмица 28.06.2023 година